прв дел

 Далеку во мариовските ридишта, заградено од сите страни со дабова и борова гора, на дното на некогашното езеро се распрострело мариовското централно село Витолишча.
Од исток планинскиот гребен: Перун — Трибор — Српјановец — Козјак — Зелка го пара небото и прави ѕид меѓу Прилепско и Тиквешко; од запад: Голата Скрка — Шигаса — Ќимкова Скрка, од север: Рожден, Становица — Коленеш; и од југ: Панделе и Полчишкото Поле држат завет од необузданите ветришта Северот, Југот, Мегленецот и Дерикоза. Така заштитено, селото живее и се множи. Некогаш дваесеттриесет куќи, денеска брои двесте без некоја.
Како настанало ова село? Како и сите други наши села.
Легендата кажува дека многу одамна, а кога — не се знае, живееле долу крај реката Црна во селиштето Разлог тројца браќа: Раде, Гале и Вите. Се разбира, тие тогаш се занимавале со сточарство, лов, пчеларство и по малку земјоделие. Кога виделе дека земјата им се поиспостила, а тревата речиси секоја година горела од жешкото сонце, тие намислиле да побараат попогодни места, кои во тоа време ги имало во изобилност. На оваа мисла ги навеле и нивните коњи, кои бегајќи од низината крај Црна, летно време накачувале гope по Зелка, Ѓурѓишча, Перун и Трибор, барајќи сочна трева. Прибирајќи ги есено време коњите, Вите видел убави орници со богата паша, па една есен си направил нешто меќанец — колипка — во полите на овие високи планини, презимувал, а пролетта си ги дотерал и овците и говетцата. Така: Вите се заселил во оваа котловинка и ги удрил темелите на сегашното Витолишча; по неговото име го добила името и самата населба.
Гале и Раде исто така го напуштиле своето живеалиште и прешле преку Црна, та едниот ги удрил темелите на сегашното село Галишча, а другиот — на Радобил кои, ете, биле крстени на нивните имиња.
Оваа легенда старите ја поткрепуваат и со заедничкиот селски панаѓур (слава) свети Атанасија зимни, кој го служат сите три села, како некогаш што го служеле сите тројца браќа — Раде, Гале и Вите.
Село — како секое наше село. Но не тукутака го нарековме центар на Мариово.
На прво место тука е седиштето на царската управна власт — мудурлакот, на чие чело веќе дваесет и повеќе години седи стариот мудур Арсланбеј со десетина заптага и младото ќатипче и го претставува султанот пред рајата, ги гледа сите давии во името негово од сите деветнаесет мариовски села, тука е седиштето на мифеташот со пет шест души колџии што ги чуваат сите мариовски шуми; тука е седиштето на авџитабурот од двесте души аскер кој ги брка комитите и им помага на мудурот и мифетишот во тешките и одговорни државни работи; тука е седиштето на третокласното егзархиско училиште со архиерејскиот намесник на чело и четворица учители, во кое училиште учат децата на сите оние мариовци што сакаат да им прогледаат сшкдаи им и да станат попови или даскали; тука е изворот на попови од четирите поповски фамилии, и, најпосле, тука се: Влашкиот ан, анчето на Младена Чкулот, Петка Спасоев, Трајка Балето и Цулевото анче, во кои се враќаат и преноќуваат сите оние мариовци од другите села коишто за еден ден не можат да свршат работа во уќутматот доколку немаат блиски роднини и пријатели во селото.
Сите овие одлики му даваат право на Витолишча да се нарече центар на Мариово, иако по својата географска положба не е баш во центарот како Дуње, на пример. После, и изгледот му е некако меѓу градски и селски, ако може да има некоја средина.
Иако село — оддалеку личи на град. Куќите му се покриени со ќерамиди. Турски ќерамиди, правени од Перета Селчанецот, ама пак не се 'ржање, слама или трска како во Полето. Двориштата се заградени со камени ѕидишта и затоа селото има и улици. Криви прави, какви такви, елем, улици се. Дури, улици со имиња Стребринската, Чолаковата, Лазевата, Душковската, Опурчаковата и друта, крстени на имињата од чорбаџиите чии калиња ги прават улиците. И денеска на ќошот од Влашкиот ан на средсело се познаваат натписите: Лудвигштрасе, Вилхелмштрасе итн., останати од Првата светска војна, кога германските окупациони војски ги преименуваа улиците и ги нумерираа куќите за своја сметка. Секако на мариовците ниту им текнуваше да ги нумерираат, ниту пак им беа потребни броеви, бидејќи сите в село лично се познаваа, та немаше нужда да се бараат по броеви.
Куќите на ова село — како на сите села по Мариово. Од камен соѕидани, од едно одделение, немалтерисани ни однатре, а камо ли однадвор, без никакво душеме, со две врати: една голема на средето на ѕидот, обично на источниот ѕид, другата малечка, само човек да може да се протне со наведена глава, на спротивната страна од големата.
На средето куќата се дели на два дела, но не со преграда, ами со една долга греда колку што е широка куќата (колку да се знае оти е разделена) спружена од едниот до другиот ѕид поземи, таа греда се вика „долното било". Од гредата нагоре е „горни крај", а од неа надолу — „долниот крај", каде што остануваат и вратите.
Горни крај, до самиот ѕид е спружена друга греда што се вика „горното било". На неа седат чесните гости. Тука е „тланикот", за разлика од долни крај каде што се „пондилата". Малку под ова било на средето е ископана четвртеста дупка и од сите четири страни отсечена со убави плочи. Тоа е огништето каде што се вали оган, пече леб, погачи, булиња, се вари манџа, топли вода и каде што во зимните студени дни се греат домашните на пламенот и жарот од сувите дабови и букови дрва.
Од десната страна на огништето слободниот проcтop се вика „машкиот кат", а од левата — женскиот. На машкиот кат не се оставаат никакви предмети, освен троножните смрекови или тисови столчиња на кои седат домашните и гостите, доколку не седнат на билото. Во ѕидот на оваа страна допуштено е да има набиено два три кола на кои зимно време се обесуваат водените сакми и гуни, или некое котле со вода, да не го локаат пците или избурбатат прасињата.
Во ќошот на женскиот кат, задолжително стои „месарскиот ковчег" — ноќвите, до него крбла со брашно, шга амбарче кај чорбаџиите; а најдолу се наредени подниците, вршниците, а врз нив кацијата за посипување.
И над машкиот кат, и над женскиот има две дупки на ѕидот кои служат за прозорци, но, се разбира без стакло и толку малечки, што одвај може човек глава да појави преку нив. Така се правени за да не можат да влезат арамии да ја попленат куќата.
Меѓу овие прозорци, над самото огниште во ѕидот, има „мазгалка" (едно малечко камарче) во кое стоеле во старо време огнилото, тратта, кремевот и неколку страка борина, та кога ќе си дојде домаќинката подоцна да знае каде и е „виделото". Сега таму се чуваат кибритот и борината.
Празниот простор под огништето така и се вика — „подогниште". Тој служи за подниците, а каде што семејството е многубројно и не ги збира сите да спијат по катиштата, им фрлаат по некое рогузинче на децата навечер за спиење, додека блиското семејство, мажот со жената, и по некое дете, спијат пак на рогузина и козинаво покровче, по катиштата. Се разбира дека и тука се има почит. Постариот брат спие на машкиот кат, а помладиот — на женскиот, доколку летно време не спијат сите во дворот под покривачот на синото небо.
Над самото огниште на гредите наредени се штици кои го прават таканаречениот „черен", од кој се одбиваат искрите и го штитат покривачот да не се запали, доколку е од слама или од 'ржање. На едно јако дрво, префрлено од едната греда на другата е наврена алка од дебел синџир, со две куки на долниот крај за кои се обесуваат котлите за топлење вода. Тој синџир е „верушките". А на покривачот, над овој черен, има малечок отвор преку кој излегува чадот (иако може да излегува преку покривач каде што сака); тој отвор се вика .,баџа".
Тоа е распоредот на горниот крај на нашите мариовски куќи.
Од долното било надолу е долни крај. Таму се јаслите каде што се врзуваат добиците и во кои раѓаат жените повеќе машки деца, каде што на гредите спијат кокошките, а под јаслите — свињето.
По ѕидот на долни крај наколкани се колје, со куки и без куки, на кои се обесуваат секирите; направени се по две три камари во кои кокошките несат јајца, а на гредите во овој дел на куќата се фрлени разни алати: рала. јареми, косила, дршки за мотики, лопати, казми и ред други дрвени остени, ластагарки, стапови, кои чекаат да ги заменат тие што се во употреба. Добриот домаќин треба да има од се по нешто во резерва.
Празниот простор меѓу ѕидот и клештилата се вика „мутли". Таму се фрлаат сите видови отпадоци; искинати опинци „опурчаци", непотребни кожинчиња, шутки од искршени грниња и бардаци — стомни и се она што не е за брза употреба, но се што би можело да се искористи во даден случај. На пример, опурчаците — за олути на нови опинци, некоја шутка — за собирање суво зелје, суви сливи, круши, бонгур итн.
Тоа е целиот распоред на овие наши куќи.
Под целиот, пак, горни крај е земникот или визбата. Тој се состои исто од два дела. Предниот земник и вистинскиот — задниот земник.
Во предниот земник обично е разбојот и по некоја крбла, каче, ковчеже со разни ситнарии: цевки, предена кадели, пласти и секаов „абур — џубур". А во задниот земник веќе се чуваат на прво место ковчезите со рубата, каците со маст, сирење, урда, пиперки, сланина, зелки, кисело млеко, бочвите, брилата со вино, ракија и други резерви од храна.
Во такви куќи горни крај живеат луѓето, долни крај — добиците: воловите, коњите, маските, магарињата, та понекогаш прасињата прескокнуваат и горни крај и спијат во една постела со децата, да им биде потопло и на едните и на другите.

made with love from Joomla.it
FacebookTwitterRSS Feed

Прочитајте повеќе за...

Најди во Мариово

Custom Search
 

za-mariovo-malapesni-od-mariovomariovo-mapaistorija-na-mariovo-malodestinacii-malacrkvi-i-manastiri-vo-mariovo-malaitar-pejo-mala

Посетители

Имаме присутни 95 гости и нема членови

dzip-baner-160-600

Links

macedonia-logobitola-tourist-logobesiste logomakedonska-riznica-logowhat-is-logo