Откријте го Мариово

Бугарската фашистичка влада настојува, окупацијата на Македонија ја прикаже како „ослободителна” мисија и проширување на границите на голема Бугарија.

Во таа смисла, бугарската власт прави напори во повеќе насоки. Покрај војничкиот и полициско- административниот апарат, таа создава и голем пропаганден апарат во Македонија. Овој апарат има за задача со својата пропаганда, македонскиот народ да го поистовети со бугарскиот, односно, дека и двата народа имаат една иста историја, исти културни и национални обичаи итн.

 

Во учебната 1941/42 година бугарската влада отвора основни училишта речиси во сите поголеми селски населби. Во Вардарска Македонија се отворени околу 800 основни училишта, 180 осмолетки, 10 полни и 7 неполни гимназии9

 

  1. (Историја на македонскиот народ, книга трета, стр. 293)

 

Бугарските власти покажуваат грижа за прибирање на што поголем број ученици Македонци, со цел за нивно „бугаризирање”. Во Градешница, исто така, е отворено основно училиште со бугарски наставен јазик, а за учител е назначен извесниот Димитар (презимето не успеваме да му го идентификуваме). Во селото Старавина е отворена осмолетка, а за нејзин директор е именуван Димитар Вчков. Во оваа осмолетка се опфатени децата од селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ. Отворањето на осмолетка во Старавина има за цел кај младите да се всади духот на „бугариштината”, бидејќи во минатото населението од споменатите пет мариовски села право се под грчко, a пo Првата светска војна, под српско влијание и воспитување.

Како и во други места во Македонија, Бугарите и во осмолетката во Старавина меѓу учениците со свои експозитури ги создаваат национално – фашистичките организации „Браник”, „Орле” итн. Меѓу селаните кои за време Балканските војни и Првата светска војна се мобилизирани и се борат на бугарската страна, се создадени организациите ,,Ратници”, „Ополоченици”, „Резервни офицери”, „Борци од фронтот” и други. Овие организации се создаваат со цел македонското население кон Бугарите да гледа како на свои „ослободители” и „заштитници”. Денационализаторската и асимилаторската политика над македонскиот народ, бугарската власт ја спроведува и преку пропагандната политика, како што се Радио Софија и Радио Скопје (директор Димитар Ѓузелов – Ванчо Михаилов). Потоа весникот ,,Целокупна Бугарија”, кој секојдневно излегува во Скопје и се растура низ сите краишта на Македонија, вклучувајќи го и Мариово. Овој и некои други бугарски весници, повремено од Битола во Градешница ги пренесуваат селските пазарџии или поштарите.

Бугарската окупаторска власт во асимилаторската политика кон македонскиот народ ја вклучува и црквата. Секој свештеник по богослужбата во црквата е обврзан да говори и за успесите на фронтовите на фашистичка Германија и за успесите на сите полиња на „големото царство – Бугарија”. Тоа мора да го прави во црквата ,,Св. Никола” пред верниците од Градешница и поп Тодор Попов од истото село. „Неблагонадежните” свештеници од некои македонски цркви се отпуштени од служба или преместени на служба во Бугарија за „превоспитување”.

Во есента 1941 година па се до 1943 во бугарската окупаторска армија се мобилизирани младинците родени во 1921, 1922 и 1923 година. Од Градешница се регрутирани Божин Пенуков, Илија Дојошев, Петко Дамчев, Димо Зулумов, Мирче Славев, Ѓорѓи Кралев, Косте Ковачот, Волче Пластов, Стево Менчев, Јован Бандев, Грујо Ѓезвев, Ристе Пашков, Ристе Чавдаров, Ристе Белејков, Трајко Бурлиов, Трајко Маврев, Стојко Шкреков, Стојан Баснаров, Стево Тапанџиов и други. Сите тие се распоредени воениот рок да го служат во северна и источна Бугарија. односно во градовите Плавен, Шумен, Русе, Пловдив, Варна и други. Сите регрутирани Македонци „отслужија воен рок” во бугарско окупаторската армија речиси по 2 до 3 и пол години. Исто така, сукцесивно на воена вежба од 5,9 и повеќе месеци повикувани се постари воени обврзници од Македонија. Меѓу другите, од Градешница се мобилизирани резервистите:

Кристаќи Мемов, Пејо Зулумов, Ристе Трпчев, Митре Попов, Марко Петревски, Јован Паланзов, Петре Куртов, Јане Гулев, Најдо Гулев, Најдо Мојанчев и други. И тие се испратени на ,,заспас” на Бугарија, а за нивните семејства, државата Бугарија не води никаква грижа, во однос на материјално помагање.

Поради грабежите, реквизицијата, мобилизацијата на мажите, асимилаторската политика итн. се повеќе расте омразата кај македонскиот народ кон бугарскиот окупатор.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu