Откријте го Мариово

Поради се понеподносливите егзистенционални услови на живеење во рамките на турската империја, кои се изразувале во големите даночни и други давачки на турските феудалци и турската држава, есента 1564 година мариовските селани дигнале буна, која требало да ги исплатат давачките од својата добиена летнина.

Некои истражувачи Мариовската буна против турската империја ја сметаат како прва од таков вид на Балканскиот Полуостров.

 

Според изворните турски документи, водачи на бунтот биле Димитри Сталев од селото Сатока, Поп Димитри од с. Градешница, Матјо Никола од с. Бешиште, Стојан Пејо и попот Јаков од с. Старавина.

Мариовското население се побунило заедно со граѓанството од Прилеп, бидејќи и едните и другите се наоѓале во лоша економска состојба. Мариово и Прилеп биле во состав на хаос со кој управувал везирот Мустафа-Паша. Тој со своите потчинети службеници ги пљачкосувал мариовци, на кој им се придружиле и голем број граѓани од Прилеп, се собрале пред судот во Прилеп да протестираат против локалните власти на чело со Мустафа-Паша. Пред судот протестирале околу 1000 лица го обвинувале Мустафа-Паша дека им земал разни даночни давачки и им изрекувал казни спротивни на шеријатот, односно, законот. За тоа бил известен и султанскиот двор во Цариград. Меѓутоа, Мустафа-Паша го одбил тврдењето на Мариовци, тврдејќи дека тие му го немаат платено данокот за две години. По тој повод, султанот издал наредба, кадијата да го испита случајот, да ги фати и уапси водачите на бунтот и за тоа да ја извести Портата.

Селаните, мариовци, по бунтот се повлекле во Мариово и решиле да се борат, за ни една турска нога да не стапне во Мариово. Прилепскиот кадија испратил потера да се фатат водачите на бунтовниците. Потерата на чело со Сула Ага била ликвидирана од бунтовниците при преминот на Чебренскиот Мост на Црна Река. Според легендата, која се пренесува од колено на колено, во Градешница и други мариовски села, кон Мариово тргнала многубројна турска војска, бунтовниците се повлекле и се утврдиле во римската тврдина “Пешта” која се наоѓала недалеку од с. Градешница.

Според легендата, бунтовниците се бореле се додека, турската војска не успеала да го открие и прекине каналот со вода што, во тврдината била доведена од чешмата Брен. Некои од бунтовниците загинале, други се фатени живи и се одведени во Прилеп кај кадијата на судење. Турците го задушиле востанието во крв. Мариовската буна во 1564 година, според некои научници, значеше и претставуваше претходница на поорганизираните буни и востанија на другите балкански народи.

При загушувањето на буната, многу мариовски села, меѓу кои, Сатока, Пештани, Градешница, настрадале, но пак се обновени.

Градевци и другите селани на Мариово и во XVI и XVII век давале отпори против разни турски собирачи на даноци за државните намети и турските феудалци. Тие отпори се појавувале во форма на организиран дружини од по 20 – 30 луѓе, наречени ајдутски дружини. Овие дружини имале поддршка од сите мариовски селани. Меѓу ајдутските дружини имало и свештени лица, кои се бореле и против исламизација на селата во Битолско и Прилепско.

Во такви околности избива Втората мариовска буна во 1688/89 година, која имала помали размери од претходната. Тоа е време кога со Мариовскиот хас (општина) управувал Мехмед-Паша. Тој се жалел до Високата порта, дека мариовската раја и натаму се бунтува, а доста мариовци се одметнале во ајдуци. Горделивиот и слободољубивиот народ на Мариово со својот постојан бунтовен дух, му служел како пример на поробеното македонско население од другите подрачја на Македонија, па и на Балканот. Bo тоа се состои и значењето на овие две мариовски буни во XVI и XVVII век.

Подоцна почнуваат да пламнуваат во Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција. Во споменатите балкански земји се создаваа млади кнежевства.

Поорганизираните буни се повеќе се ширеа во повеќе подрачја и во Македонија, a со својот бунтовен дух не мируваше и Мариово.

За одбележување е да се спомене што, според пишаните историски документи, царскиот бунтовник Мустафа-Паша Шкодраниот е совладан во борбата кај Прилеп во 1834 година. Само три години подоцна конечно е укината дотогашната ,,земска” автономија на Мариово. Co тоа Мариово, воедно и Градешница, во политички поглед, биле изедначени со другите поробени краишта на Македонија. Значи, ферманот што Мурат I го напишал и ја овластил убавата Мара-Тамар Мара да управува со Мариово е укинат.

Од легендата се дознава дека убавата Мара, додека управувала со Мариово, го изградила и Чебренскиот манастир -Св. Димитрија, кој се наоѓа ви Мариовската клисура кај реката Црна.

Некои српски историчари пак од друга страна тврдат дека со Мариово управувала властелинката Косара, сестра на кралот Волкашин.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu