Откријте го Мариово

Ретки се селаните во Македонија со бунтовен дух како што се мариовците.

Како што напред споменавме во овој труд, Мариовци уште во XVI век први на Балканот дигнале буна против турската империја. Прогонствата, убиствата, затворањата, предавствата, палежите, разурнувањата во времето на Илинденската епопеја, за време Балканските и Првата светска војна, делбата на Македонија, па Втората светска војна и вооруженото востание, за Македонецот, односно за Мариовецот е како ручек или вечера. Ставени на раскол, многу Мариовци привидно или отворено се бунтуваат и против колективите (СРЗ) руски изум на „големиот” Сталин.

 

Будимирецот Петре Палчев за време окупацијата е мобилизиран од страна на бугарската власт, но по извесно време ја напушта Цар Борисовата армија и стапува во редовите на HOB и ПО на Македонија. Велат дека храбро се борел против окупаторот. Добива подофицерски чин во ЈНА и служи во пограничните единици кај с. Фурка – Гевгелиско. Слушајќи дека будимерчани и другите Мариовци се бунтуваат, а некои и добиваат ќотек, поради отпорот на колективизацијата, но сега не од окупаторот туку од сопствените браќа и македонската власт, од УДБА, напросто е разочаран и огорчен.

Во 1950 година, будимирецот Палчев вооружен од ЈНА се одметнува и се префрла во мариовските планини. Воспоставува врска со своите соселани, притоа вооружени, на Петре Палчев му се приклучуваат Михајло Сталев и Јован Крстев од Будимерци и едно воено лице (неиндификувано по име).

Групата на Палчев ноќно време ја пали општината во село Маково, запленува неколку грла говеда од Градешница итн. Палчев, преку писмо му става на знаење на началникот од УДБА во Битола Тома Каменков, дека се борат за насилно растурање на колективите и соборување на власта и социјализмот.

Мариовците неколкупати ноќно време доаѓаат во судир со потерите на ЈНА, милицијата, УДБА и цивилните селски стражи.

Бунтовниците или „Бандата”, како што ги нарекуваше актуелната социјалистичка власт, исто така ставија до знаење, дека ќе кренат востание против СРЗ и актуелната власт. Во пролетта 1951 година, кај месноста ,,Калуѓерот” близу македонско грчката граница, недалеку од Кајмакчалан, вооружената група на Палчев е разбиена од повеќебројната потера. Палчев успева да се пробие преку границата, загинуваат Јован Крстев и одметнатото воено лице. Ранет и заробен е Михајло Сталев, кој јавно е суден во село Старавина. По издржувањето на казната Михајло се префрлува во Грција, за некогаш да не се врати во родната Македонија. Бунт против колективите има и во Радовишко, Светиниколско и други места во Македонија.

СРЗ „Бранко Димов” од с. Градешница е формирана 31.02.1949 година од 160 домаќинства, со вкупно 954 членови. Вкупно обработливи површини 1349 хектари, 3569 грла овци, 250 волови за орање, 154 рала, 34 плуга и друг инвентар.12 Во 1953 година и во Градешница доаѓа „ферман” (решение) не од Стамбол туку од Белград, лично од Едвард Кардељ да се растурат колективите (СРЗ) како неуспешен руски експеримент.

 

(12   Архив на Македонија – подрачна единица Битола. Фонд околиски народ. одбор Битола – книга број 3, книга за СРЗ – стр. 24)

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu