ВЕЛИГДЕНСКИ ПЕСНИ

Booking.com

На Велигден во Мариово се фаќаат на оро моми и невести и додека едните играат, другите, наредени во убава редица околу нив, пеат.  Движењето на пеачките е бавно и рамномерно.

И пеењето е исто така бавно и монотоно, толку бавно што човек, ако претходно не ја знае песната, не може да и ја сфати смислата – не може одделно да слушне ниту еден нејзин збор, до толку повеќе што следи стих кога, за да се спази тонскиот размер, последниот слог од еден збор се поврзува со првиот од следниот.

 

На таков начин се добива само една бркотија од ниски и високи тонови и не се образуваат слоговни стапки, туку тонови што, се разбира, пречат да се сфати смислата и на најпростиот збор. Така една песна за да се испее докрај, треба да ја пеат задолжително цел ден. Секој слог, извикување или повишување на гласот, што е карактеристичен белег за таа песна, се придружува и од еден лесен удар на нозете при образувањето на чекорите. Целата верига од пеачки е разделена во групи во кои влегуваат најмалку по две, а најмногу по 4-5 лица. Кога челната група ќе испее еден стих, последниот се подзема од следната и така се предава натаму докрај, додека на дојде ред на новиот стих. Овие песни, што се одликуваат уште со извонредно бавно темпо, се нарекувааат велигденски и тие кај нас веќе станале пословични.

 

Преземено од книгата „Записи за Мариово“ од Крсто Бинев Андонов

Booking.com