Откријте го Мариово

Територијата на Македонија е сместена во срцето на Балканскиот Полуостров. По својата географска положба, Мариовската котлина се наоѓа на Јужниот дел на Република Македонија,

непосредно крај границата (вештачки воспоставена по Втората Балканска војна во 1913 година) со соседна Грција. Мариовската котлина го зафаќа претежно средното сливно подрачје на реката Црна. Котлината од сите страни е заградена со планински масиви.

 

Јужната граница почнува од планината Ниџе со највисокиот нејзин врв Кајмакчалан (2.520 м), па продолжува на исток кон Соколот, Добро Поле, Кравица, Козјак (со надморска височина од 1814 м.). Источната граница води по сртот Турски Рид, минува преку долината на Блашичка Река, се искачува на Чатена (1349 м), преку Мала Круша, потоа преку ридот Врапче и избива на реката Црна.

Од Црна започнува северната граница на Мариово. Таа води преку Голема Рудина, го сече патот с. Беловодица, потоа преку врвот Камена Струга (1500 м.), се искачува на Дрен Планина со врвот Ливада (1663 м.).

Од Ливада започнува северозападната и западната страна на Мариово. Минува преку Селечка Планина со врвот Коњарник (1.539 м), па преку врвовите Високо (1.472 м.), Бовиште (1.267 м.), Лисичарник, го сече патот (преслопта) Битола – с. Маково и понатаму за Рапеш, Старавина и Градешница. Од преслопта, границата се искачува на Гола Чука (1.336 м.), па врвот Оштро (964) и се спушта во долината на Црна Река, источно од селото Скочивир. Оттука се искачува во месноста Тумба (1103,) потоа преку сртовите Кара и Кедер избива на планината Ниџе, каде се соединува со јужната граница на Мариово.1

Во Мариовската котлина лежат вкупно 28 селски населби, од кои во некои веќе не живеат луѓе (Петалино, Ивени, Пештани, Лешница, Полчишта II, Зовиќ II итн.). Како една поголема интегрална селска населба во Мариово спаѓа и селото Градешница, послано крај Градешка Река, десна притока на Црна Река. Градешка Река извира од планинската месност Уруп, во близина на Македонски – Грчката граница. Мариово зафаќа површина од 1038 квадратни километри, од кои добар дел му припаѓа и на селото Градешница.

Подрачјето на Градешница, како дел на Мариовската котлина, се граничи: од југоисток и исток со граничната линија на соседна Грција и тоа гранични караули – Сокол, Милетина Коса, Добро Поле, Кравица, до врвот Козјак. Северната и северозападната граница е потокот Козјак, месноста Дрен, Бешишка Река (Сатока) со подрачјето на селото Бешиште. Западната и југозападната граница се подрачјата на селата Зовиќ и Старавина, односно тврдината Пешта, месноста Коритата. Ha југ е реката Лешница, Бела Река и некои други месности, Белички рид итн. Во овие синорски граници, кои не се строго одбележани, е сместено селото Градешница.

 

 

– – –

1 Според преданието, што од колено на колено се пренесува и се прераскажува меѓу населението во Мариово, котлината го добила името по владетелката Мара. Таа била многу убава девојка од Мариово, поради што Султанот Мурат I ја зел за жена во својот харем. Мара или Кала Мара, како што ја викале Турците, не сакала да се потурчи, туку и понатаму продолжувала да си ја исповеда христијанската вера. Турските веледостојници го наговориле Султанот, Султанката Мара задолжително да ја потурчи. Султанот и предложил на Мара да ја промени верата, но таа тоа категорички го одбила. За да ги смири своите духовни поглавари, Султанот бил приморан да ја отстрани Мара од својот харем. Бидејќи многу ја сакал, и предложил да се врати во своето родно Мариово и со него да управува, за што и издал соодветен ферман (документ). Според преданието, Мара се вратила во Мариово и се населила во с. Витолиште, од каде управувала со Мариово се до крајот на својот живот. Од тогаш котлината е наречена Мариово, а Турците ја викале Марина земја. За Мара народот испеал и песна.

– – – –

 

 

 

 

 

 

Поголемиот дел од синорите се планински и ридско – планински, додека другите селски синори се повлекуваат низ плодните полски површини.

Народот, Мариово го има поделено на старо и младо Мариово. Меѓутоа долги години е раширена поделбата на битолско, прилепско и тиквешко Мариово. Тоа доаѓа од административната поделеност на оваа област и географската гравитација на мариовските села кои градските општински центри Битола, Прилеп и Кавадарци. Најголемо пространство зазема прилепска општина 495 км2. Битолскиот дел на Мариово зафаќа пространство од 333 км2 и во овој дел на Мариово спаѓа и селото Градешница, за кое станува збор во овој труд. Кавадаречка општина од областа Мариово зазема најмал дел 210 км2. Заградено со високи планински масиви и оддалечено од позначајните градски центри во Македонија, Мариово има неповолна сообраќајна положба, при што во минатото тоа било синоним на беспаќе. He случајно, за тоа беспаќе народот испеал и песна: „По пат одам за пат прашам, кој пат оди за Мариово, за Мариово – село Дуње…”.

Мариово со Битола и Битолско поле одржува врска преку патните премини кај селото Скочивир и патниот премин Преслопта (1037 м), кој води преку селата Маково, Рапеш, Старавина и Градешница, каде има автобуски сообраќај. Патот е асфалтиран до с. Рапеш, а понатаму е макадам.

Co Прилеп и Прилепско поле, населението од овој дел на Мариово комуницираат преку сообраќајницата, што минува преку преслапот Слива (1135) до с. Витолиште, каде има автобуски сообраќај. Населението од северно Мариово со Кавадарци и Кавадаречко поле комуницираат преку патниот премин Трибор (1397 м) на планината Козјак, патот Дуње – Беловодица и други.

Неразвиената сообраќајна мрежа, која претставува крвоток за секоја област и секое населено место, е една од причините за економската стагнација на Мариово, а секако и за неговото нагло демографски иселување и празнење. За жал, не случајно денеска Градешница и други мариовски села плачат за својата некогашна младост, која значеше животна енергија.

Според Законот за административно – територијална поделеност на Република Македонија од 1996 година, Мариовската котлина е поделена на Општините Витолиште и Старавина. Во Општина Витолиште припаѓаат селата: Бешиште, Вепрчани, Врпско, Дуње, Живово, Келен, Кокре, Крушевица, Манастир, Полчиште I, Полчиште II, Чаниште, Гудјаково, Мелница и Пештани.

Во Општина Старавина припаѓаат селата: Маково, Рапеш, Зовиќ I, Зовиќ II, (веќе не постои), Будимерци, Груниште, Орле, Брник, Ивени, Петалино и Градешница.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu