Откријте го Мариово

Летото во 1914 година, во Мариово, па и во Градешница, како и секоја година е сезона на косидба и почеток на жетвените работи.

На 28 јуни во Сараево младиот српски патриот Гаврило Принцип извршува атентат врз австро- унгарскиот престолонаследник Франц Фердинант. Оваа вест бргу се шири во целиот свет. Убиството и послужува на Австро-Унгарија како повод на 29 јули 1914 година да ја нападнати Србија. Тогаш, во војната, на страна на Србија застануваат Русија, Франција, Англија и Црна Гора. На страна на Австро- Унгарија застанува Германија, а подоцна Бугарија и Турција. Тоа е почеток на Првата светска војна, која трае до 1918 година. На фронтот меѓу Србија и Австро-Унгарија се и многу мобилизирани Македонци, меѓу кои е и градешецот Трајко Грков.

 

Општо е познато дека во првите судири меѓу Србија и Австро-Унгарија, српската војска дава силен отпор, но подоцна австро-унгарската војска, на чело со генерал Макензен, кај реката Дрина ја поразува српската војска. Многу Македонци се заробени од австро-унгарските трупи, кои подоцна, со посредство на Софија, се ослободени од заробеништво и мобилизирани во бугарската армија, a со цел да се борат повторно за туѓи цели. Многу од овие Македонци загинуваат, а оние што преживеале, по фронтовите остануваат речиси пет години. По завршувањето на војната, демобилизираните Македонци се враќаат во своите домови (од кои некои изурнати) со загубено здравје, без да им се признае инвалиднина. Македонците слична судбина доживуваат во сите три дела на распарчена Македонија.

Користејќи ја надмоќноста на Австроунгарската војска на српската, а под паролата за “ослободување” на целокупна Македонија, во октомври 1915 година бугарските трупи исто така ја напаѓаат Србија, при што српската војска е приморана да се повлече од Вардарска Македонија.

До крајот на 1915 година и во Мариово се воспоставува бугарска власт која, исто така, врши мобилизација на сета млада генерација во Вардарска Македонија, па и во Мариово.

Во Македонија почнува да се создава Солунскиот фронт, бидејќи во солунското пристаниште се истоварени десетици илјади англо-француски војници, а од Крф во Солун, исто така, се префрлени свежите српски трупи, кои се приморани да ја напуштаат Србија и Вардарска Македонија. Сите овие трупи, прегрупирани, ја заземаат и запоседнуваат фронтовската линија во Егејска Македонија. Во меѓувреме бугарските, германските и австроунгарските трупи се концентрираат во Вардарска Македонија, долж граничната линија воспоставена меѓу Србија и Грција. Фронтот во Македонија се протегал од Беласица – Кожув – Ниџе – минувал преку Црна Река, северно од Битола – Преспа-Охридско Езеро, понатаму преку Албанија се протегал до Јадранско Mope.

Воените ефективи на Солунскиот фронт од 1916 до 1918 година изнесувале околу 1.200.000 војници, од обете завојувани страни. На секоја страна од фронтовската линија имало по околу 600.000 војници. На разните сектори на фронтот, наречен Солунски фронт, се нашле и градевците Ристе Вржалков, Димитар Босеов, Ристе Босеов, Трајко Бојков и други, кои биле насила мобилизирани. На српската страна, исто така, насила мобилизирани се нашле Трајко Грков, Петруш Клапчев и други градевци. Значи, соселани биле приморани да војуваат едни против други. Имало случаи браќа да се најдат на две спротивни позиции и да војуваат еден против друг. Таков е и примерот со браќата Митре и Петре од селото Старавина-Мариовско. И двајцата биле мобилизиран 1914 година од Србите и слушајќи српска команда се испратени на српско-австроунгарскиот фронт кај реката Дрина. Петрета го заробуваат Австроунгарците, а потоа како “македонски булгарин” го испраќаат во Бугарија и се наоѓа во една од бугарските дивизии на Солунскиот фронт на секторот на мариовските планини, односно висот Сокол. Неговиот брат Митре заедно со српската војска се наоѓа на Крф, а потоа неговиот 21  Пешадиски полк е испратен да војува против Бугарите, токму на позициите на Соколот, од каде, исто така, може да се гледа с. Старавина и целата мариовска котлина. Служејќи едниот во српската, а другиот во бугарската војска, цели две години укопани во окопите на Соколот, борејќи се за туѓи интереси, и Петре и Митре не знаеле дека се наоѓаат на растојание од педесетина метри каде ги делела жичана препрека. Градешецот Трајко Бојко прво бил приморан да слуша команда на Турски јазик, потоа на Српски, па на Бугарски.

Есента 1915 година бугарските војски ги запоседнале селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ. Српската власт е заменета со бугарска. Динарот е заменет со лев. Во почетокот, населението способно за работа од споменатите села, со сила е ангажирано “ангарија”, копање на окопи, бункери, патишта и други утврдувања по мариовските планини – Ниџе, Соколот, Добро Поле, Милетина Коса, Кравица, Козјак, Окопи, бункери и други утврдувања се копани и во месностите Змеица, Душугубец, Камени Врв, Лешница, Коритата и други стратегиски места и височини.

Според зборовите на Коста Босеов (сега покоен): “Командата, односно Штабот на бугарската војска стационирана во Градешница, се всели во куќата на семејството Ковачеви, a домашните присилно беа иселени. Студот се повеќе стегаше. На прагот беше зимата 1915/16 година. Бугарската воена команда издаде наредба населението од селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груниште и Зовиќ да се исели кон северно Мариово и Тиквешко, бидејќи на просторот на споменатите села ќе има војна”.

Населението од споменатите мариовски села тешко се одлучуваше да ги напушти своите вековни орништа. Тешко беше некој и да ја прифати таа голема маса несреќен народ. Бугарските војници насила се вселуваа по домовите во Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа, Зовиќ и некои други мариовски села. Се случуваше во повеќе селски куќи во една соба да живеат бугарски војници, а во другата домаќинството составено од повеќе членови. Селската стока беше десеткувана од бугарските трупи стационирани на овие простории. Без никаква парична надокнада, на населението му се пљачкосуваа овците, козите, говедата, свињите и другиот добиток. Зимата мина како мина. Пролетта 1916 година многу семејства и од Градешница, со тешки срца почнаа да ги напуштаат своите огништа и родни домови. Co себе носеа она што можеше на товар или на рамо да се понесе. Пред себе ја тераа и својата преостаната жива стока-овци, кози, волови, крави и друг добиток. Мајките за раце ги водеа своите уплакани деца. По патот од Градешница кон Бешишта-Полчишта- Витолишта и понатаму према Тиквешко можеа да се видат колони или тажни групи на избезумени и несреќни бегалци од жени, деца, изнемоштени старци, болни натажени луѓе.

Војната меѓу француско-српските единици од една страна и бугарско- германските единици од друга страна беше почната на секторите Ниџе и врвот Кајмакчалан како и по сета должина на Солунскиот, односно Македонскиот фронт. Секојдневно се слушаше татнење на топовите, митралезите и другото

оружје од двете завојувани империјалистички страни на мариовските простории. Од артилериските гранати настрада и цивилното население од Градешница и другите мариовски села.

Според кажувањето на Мита Босеовска (мајка на авторот на овој труд): “На пат за Бешиште, при преминот на реката Сатока, токму на дрвениот мост, падна топовска граната, долетана од фронтот на Кајмакчалан, при тоа загина седумнаесет-годишната ќерка на Доста Пунина од село Градешница. Вакви примери имаше и други”.

Но, офанзивата од ноември 1916 година српско-француските сили успеа да ја заземат Битола и фронтот да го поместат понасевер. Бугарско-германските сили се приморани да отстапат од Кајмакчалан и да се зацврстат на позициите: Смеовица -Душогубец – Камен Врв – Лешница – Коритата и натаму кон Црна Река. Мариовските села Будимерци и Груништа паднаа во рацете на српско- француските трупи, додека Градешница, Старавина и Зовиќ и натаму остануваат во бугарско-германски раце. Куќите во сите напред споменати села се избришани во текот на тригодишната војна. Според кажувањето на старавинецот Крсте Крстев, во текот на Првата светска војна врвот Грунешка Чука седумпати на јуриш е заземен од српските и спротивставените бугарски војски.

Поради долгата исцрпувачка војна, кај бугарските трупи се чувствува недостиг на леб и друга храна. Бугарските војници изгладнети, на своите ранци почнале да пишуваат “празна раница не чува граница”. Оставајќи ги празните ранци со своите ровови, повеќе од бугарските војници се предаваат на српско- француските трупи. Така стана и со десетината на градешецот Димитрија Босеов, кој насила е мобилизиран од бугарската власт и е на фронтот кај планината Беласица. Според зборовите на Димитрија, пролетно време бугарските војници биле приморани да собираат коприви, за да направат ручек во војничкиот казан или пак пљачкосувале жива стока од селското население, кое се наоѓало недалеку од фронтовската линија. Градешките протерани семејства биле приморани да се засолнуваат во Полчишта, Витолишта, Врпско, Гудјаково, Бегниште, Дабниште, Дрен, Раец, и други села во северно Мариово и Тиквешко. Сите луѓе што биле способни за работа, од споменатите села, биле ангажирани во работна “ангарија” при изградбата на теснолиниската пруга од Градско до Плетвар, која служела за пренесување на воена опрема на трупите, вкопани долж фронтовската линија. Бугарија и во Првата светска војна е определена на страната на ацентралните сили. Покрај пругата со “ангарија” се изградени и други патишта од воен карактер. Сето тоа допринесува за зголемување на бедата кај населението, особено населението од Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа, Зовиќ и други мариовски села, а кое население е приморано да ги напушта своите родни огништа. Населението е приморано да јаде леб од р’ж, јачмен, пченка и овес.

Војската на Антантата (Англија, Франција, Србија, Грција, потоа Италија итн) од една страна и војската на Централните сили (Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и др. ) од друга страна во летото 1918 година се спрема за решавачка битка. На Солунскиот фронт од Дојранско Езеро до Битолскиот сектор се сконцентрирани на страната на Антантата околу 150 000 војници, 180 000 француски војници, 120 000 англиски војници, 130 000 грчки војници и 42 000 италијански војници.

На истата фронтовна линија, од спротивната страна биле трупите на Централните сили во јачина од околу 600 000 германско – бугарски војници.

Војската на Антантата на чие чело е францускиот генерал Дранше Д’Епере, рано изутрината на 14 септември 1918 година ја започнале општата офанзива против германско-бугарските сили. Претходи силен артилериски оган врз непријателските позиции на секторите Сокол-Добро Поле-Ветерник.

Од страна на II Пешадиска и XVI Колонијална пешадиска француска дивизија фронтот најпрво е пробиен на Добро Поле, a потоа пробиви се извршени и на другите сектори. Од постарите градевци се сознава дека на Добро Поле фронтот први го прибиле црнците војници од Маково кои биле мобилизирани во составот на XVI Француска колонијална дивизија. Пред да тргнат на јуриш, на војниците – црнци, наводно им е дадена по една матерка вино да испијат, за да не се плашат од непријателот. Разбиените бугарски единици од l-та Бугарска армија на Добро Поле, во панично бегство се повлекуваат кон Кавадарци. Истиот ден француско-српските сили ги заземаат селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа, Зовиќ, Бешиште, Витолишта и други мариовски села. На 23 септември 1918 година француско-српските трупи влегуваат во Прилеп без никаква борба. Германско-бугарската команда се обидува да ги задржи силите на Антантата, односно француско-српските трупи влегуваат во Прилеп без никаква борба. Германско-бугарската команда се обидува да ги задржи силите на Антантата, односно француско-српските трупи меѓу Кавадарци и Велес, но во тоа не успева. На 29 септември 1918 година е заземено Скопје. Истиот ден во Солун е потпишано примирје, што го диктираат победниците. Според примирјето, бугарските трупи требало целосно да ја напуштат Вардарска Македонија, а да ја задржат само Пиринска Македонија и да се почитува српско-бугарската граница од пред 1915 година.

По завршувањето на Првата светска војна, населението од селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ почнува да се враќа во своите родни згаснати огништа. Како и другите споменати села, и Градешница речиси до темел е разурната и опожарена. Од кажувањата на постарите градевци, не била срушена само куќата на семејството Коваќевски и црквата “Св. Димитрија”, врз чии кров паднала граната, но не експлодирала.

По тригодишното прогонство и градевци во есента 1918 година почнале да се враќаат на своите родни огништа. Но освен голи ѕидови од своите куќи друго ништо не можеле да најдат. Населението со деноноќна работа почнало да ги обновува своите домови. Каква-таква создавале нова покуќнина, бидејќи старата ја однеле или ја уништиле бугарските војници, при нивното повлекување и од мариовските погранични села. Од кажувањето на Јован Гулев, Димитар Вржалков, Трајко Ѕулков и други постари градевци, на месноста Габерска Црква над селото Градешница се наоѓал склад со леб и други прехрамбени артикли, оставен од француските трупи. Овие прехрамбени артикли ги користело бедното градешко население, а новоформираните српски власти во тоа не правеле пречки, бидејќи поради тригодишната војна ова население е на крајно бедна состојба. Од напуштените ровови и бункери во Душогубец, Камени Врв и други места каде се протегала фронтовската линија, градевци наоѓале оставена војничка облека, чевли и други материјали, што ќе ги користат во секојдневното живеење. Покрај материјалната штета во Првата светска војна, доста градевци ги изгубиле и своите животи, но нивниот број не е утврден.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu