Откријте го Мариово
Градешница во предвечерието на Втората Светска Војна

Работливите градевци својата перспектива и иднина претежно ја гледаат во земјоделството и сточарството, бидејќи Кралството Југославија во Македонија, a со тоа и во Мариово, не нуди некои други стопански гранки.

Секоја педа од земјата се обработува, a се освојуваат и нови површини, дотогаш неизорани ледини. Сточниот фонд, исто така се зголемува. Има семејства во Градешница кои чуваат од 200 до 300 грла овци и кози, 10-20 грла крупен добиток. Познати сточари во Градешница се: Дојошеви, Марковци, Мачкаровци, Чавдаровци, Гулевци, Мавревци, Џанцуровци, Босеовци, Баснаровци, Пластовци и други. Населението во Градешница во предвечерието на Втората светска војна повторно нараснува над 1000 жители, како од пред Илинденската епопеја, кога според пописот од 1900 година Градешница броела 1170 жители.

 

Се до завршувањето на Втората светска војна, во Мариово, па и во Градешница, се живее во поголеми семејни заедници на чело со најстар член – старешина во семејството. Благодарение на вековната традиција, во повеќечлени семејства и домаќинства владее ред, дисциплина и меѓусебно почитување и разбирање. Пример за тоа е семејството на Петко и Водичка Гулеви, кои имаат три оженети синови (Пејо, Алексо и Јане), а секој од синовите имале по четири деца. Сето семејство броело 20 члена.

Најстариот член во семејството ги држело клучевите, и тој дава распоред на секојдневната работа сврзана со обработка на земјоделските површини, чувањето на стоката, водењето на домаќинството итн. Домашниот амбиент на тогашните повеќечлени семејства многу се разликувале, споредено со овој денешниот. За сето семејство се готви храна во кујна со оџак. Се спиело на рогузини послани на патосот или на кревет со сламарици.

Во предвечерието (1935-1941) на Втората светска војна, Градешница има околу 600 активни – работни лица. Стопанските гранки, како што се земјоделието и сточарството и во Градешница се надополнуваа една со друга. Според релјефната положба, околу 2/3 од градешките површини се користат како пасишта за стоката, додека другата земја се користи како обработлива површина.

Во поднебјето на Мариово, односно Градешница, се одгледуваат и се застапуваат оние култури на кои климата и другите педолошки одлики се поволни. Од житарици застапени се пченица, р’ж, овес, пченка, јачмен. Од индустриски земјоделски култури се одгледуваат: афион, тутун и сончоглед. Од градинарски култури застапени се: компир, грав, пиперки, патлиџани, праз и друго. Од овошките застапени се: јаболка, круши, цреши, сливи, кајсии, ореви, лозовата прачка и друго.

Земјата се обработува со дрвено рало и железен плуг, a како влечна снага најмногу се користи ѕевгарот (волови), ретко коњите. Вршењето на снопјето се врши со коњи. Жетвата се работи со рачен срп.

Површините под житарица правата година се угарат, на есен се сеат, а наредната година се жнеат, односно површините со есенски жита се користат во две години еднаш. Повеќепати од површините, на кои се сее житарицата се сади пченка, претежно се ѓубрат со арско ѓубре.

Воденичарството како дејност постоела и е организирана уште на самото заселување на Градешница. Житото се мели како исхрана на луѓето, а во форма на крма се дава и на стоката. Како погон за водениците се користи водата на Градешка Река. Воденици имаат семејствата:

 25

 

26

Воденица на Васил Налев

 

Во предвечерието на Втората светска војна, односно во четвртата деценија од XX век, бичкии (чаркови) за бичење на даски по течението на Градешка Река имаат Петко Гулев, Ѓоре Бурлиов и Јован Босеов во месноста наречена “Стипта”. На “Уруп” во почетокот на XX век бичкии имало и семејството Налеви.

Во воденицата на Митре Гулев, Тодор Гулев изградил шарлаганица за преработка на шарлаган, која била единствена од таков вид во целата мариовска котлина.

Покрај споменатите дејности, во Градешница постојат и казани за варење ракија. Во составот на своите воденици, такви казани имаат Васил Налев, Митре Рушитков (поединечен казан), Ѓоре Бурлиов, Трајко Чавдаров, Крсте Босеов, Јован Босеов, Петко Гулев, Митре Гулев и други.

Во селото постои и трговска дејност за промет со индустриска стока. Ваков дуќан – бакалница во селото држи Васил Налев. Во селото се формира и селско – продажна задруга, која исто така, е доста добро снабдувана со индустриска стока. Помал дуќан има Вело Велков.

Пазарните вишоци, како што се житарици, сирење, волна, жива стока и друго, градевци ја носат на пазарите во Битола (оддалечено околу 50 км) и Прилеп. За откуп на јагиниња, трговци доаѓаат од Битола и други центри од Вардарска Македонија. Градешките јагниња, преку Солун се извезуваат и на грчките пазари.

Во Градешница во четвртата деценија од овој век, единствен шивач е Никола Мемов. Самарџии се Спасе Самарџиев и Мио Миов. Ковач за клепање паличници, изработка на перустии и други домашни потреби е Трајко Ковачов (карски циган). Жените домаќински покрај народната мариовска носија ткаат и јамболии, дифтици, ќилими во мал формат, черги и други домашни ракотворби. Чевларскиот занает речиси не е никако застапен.

Мал број социјално загрозени селани, својата егзистенција ја наоѓаат со измеќарување, односно, чување стока кај поимотните (газди), селани, првенствено кај оние што имаат повеќе овци и кози. Слугувањето се договара за една година, од Митровден до Петковден. Склучување на договорите обично се прави во недела меѓу Петковден и Митровден. Има газди и газдарици, кои добро се однесуваат кон слугите, во однос на редовно перење, хранење од иста храна и друго. Кај добрите газди, слугите остануваат да чуваат стока и по повеќе години. Има случаи и обратно, газдата и слугата предвреме да го раскинат договорот. Во тој случај, слугата бара работа кај некој друг газда. Но, и газдата е приморан да бара друг слуга – овчар, за чување на стадото.

Во предвечерието на Втората светска војна не можевме да најдеме статистички податоци за бројот на добитокот. Ho, по исказите на некои современици, во цело Мариово во тоа време имало околу 100.000 грла овци и кози. Само во Градешница имало 10.000 грла овци и кози. Околу 1000 грла крупен добиток. Свињи и кокошки се чуваат колку да се задоволат домашните потреби, без вишок за на пазар.

Во четириесеттите години од нашиот век, во Градешница никнуваат и двоспратните куќи на Трајко Чавдаров, на браќата Алексо и Јане Гулеви, на Трајко Пластов и други.

Во Кралставото Југославија задолжително е основното образование до четврто одделение. Тешко е да се помисли од економско – материјални и политички причини, некое селско дете да продолжи да се школува во гимназија или некое средно стручно училиште. Co Шестојануарската диктатура од 1929 година, неколку гимназии и средно стручни училишта во Вардарска Македонија се укинати од големосрпските власти.

За сето владеење на Кралството Југославија, не се памети некој градешец да се има здобиено со средно образование, со исклучок на Д-р Ставре Налев, чие семејство веднаш по Илинденското востание од Градешница се има преселено во Битола. Co таков образовен систем и никаков индустриски развој, малиот човек од село својот исход, односно позив судбински е приморан да го сврзува со земјоделството и сточарството.

Стопанско – земјоделските и социјалните услови на живеење допринесуваат да доаѓа до одреден судир меѓу постарите и помладите генерации и во Градешница, уште во почетокот на четириесеттите години.

Најголем судир во некои семејства настануваат при женење на синовите, односно мажење на ќерките. Родителите цврсто стојат на старите – конзервативни сфаќања, дека тие се најповикани да одлучуваат и да го даваа последниот збор и согласност при стапување на младите во брак. Од друга страна, младите бараат тие самостојно да одлучуваат, за оној, за нив, важен животен чин. Денес овие судири веќе се надминати. Стројниците (сводници), кои што порано имале главен збор при склучување -посредување на бракот, денеска, исто така, ја имаат изгубено својата улога кај секој мариовец, без разлика каде тој живее.

Од експлозивните остатоци на Првата светска војна има настрадано неколку градевци, меѓу кои: Ставре Чачев, Јован Марковски и други.

Изминаа 20 години од завршувањето на Првата светска војна, а веќе се закануваше уште посурова – Втора светска војна.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu