Откријте го Мариово

I.

Луѓе ене меѓу четири рида над кои се влече облаче бело, каде бистра планинска река тече, сместено е моето родно село.

 

 

II.

Ене во горното сончево маало волшебно топло гнездо свила и мојата родно – пријатна куќа. Стара, но мене ми е мила.

 

III.

Магнетно ме влече родната стреа, куќичка мудро згрчена со стара врата, дојдов кај тебе пак душа да стоплам, ти за мене си како голема палата.

 

VI.

Низ огнород и немаштија на векови растеше стамено ти мое родно село, во тебе чесни подвизи тлеат и се кријат, од предци и дедовци на смели дела.

 

V.

Во време и невреме на твое постоење, високо над тебе и Илинденско знаме се вееше. За подвизи смели Ѓорги Сугарев и Толе Паша и Градешница славно патриотски песни пееше.

 

VI.

Ех, мое село весело, некогаш и тажно, свирепи освојувачи на век крвав до темел те урнаа, (во морничава јанѕа на Првата световна војна) но ти ко феникс од пепелиште се издигна.

 

VII.

Градешницо, ти го отвори твоето срце и за Стифнаумовците – бесмртни борци, и за седмобригадирците – поривни творци, кои приличеа на ослободителни момци.

 

VIII.

Мило, село, слободно си, но јанѕа те јади, неразумна неправда длабоко вдуша те боли, Еве и старчето во очи свои тага гори, што во селско училиште нема дете да твори.

 

IX.

Еве, и сега на Велигден (1997) влегувам во селска црква,

во која сум крстен, запалувам свеќа.

Погледнав кон икона со Христово распетие

и како да чекам одговор за некоја подобра среќа.

 

X

Градешнице, ене за тебе и Кајмакчалан тажи, што тревожно се изделивме на четири страни. Се задомивме далеку од твоите топли поли, станавме плен на идеи кога бевме уште млади.

 

XI.

Ех, мое село, славно во очај згрчено, многу твои чеда со носталгична лика, очигледно раселени на сите меридијани, во мора и копнеж ја сонат твојата слика.

 

XII.

Мудроразбрана, Градешницо, пак крени глава гордо, оплоди ја земјата и благословен леб да се пече, орачки машини достојни песни да пеат, ко река животот разумен во тебе пак да потече.

 

Т. Босеовски

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu