ДОБРИ СОСЕДИ – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Еден поп и еден селанец живееле во соседство. Како добри соседи тие си помагале кој со што можел.

Селанецот му цепел дрва на попот и носел вода на попадијата, ги пасел поповите свињи и му правел на попот ред други услуги, но затоа пак попот се грижел за душите на соседите. За да не одат овие души во пеколот, попот стално го советувал својот добар комшија да се пази од грешни работи; да не мрси во среда и петок и другите пости што ги определила црквата; да оди в црква; да не мисли и да не прави зло никому и тн. и тн. и најмногу наблегнувал на поповската лакрдија: „Слушај што вели поп, но не прави што прави поп”. Божовиот селанец го слушал попот и се придржувал за неговите евангелиски зборови, макар што делата на попот не се потврдувале со неговите зборови. Но затоа попот се правдал: „Слушај што вели поп, но не прави што прави поп”.

 

Еден ден на селанецот му се разболело дете и го помолил попот да му дозволи во петок да касне нешто мрсенко, како болен човек што се вели лафот.

— Сак’н слепелнику! My рекол попот, ќе му ја кладеш душата во греот на детето, та остави и ти како родител што ќе одговараш пред господа на тој век.

Селанецот почнал да му образложува на попот дека детето е болно та белким и господ ќе му прости за таква ситна грешка, но попот останал при своето: не може тој да го земе на себе тој грев и да дозволи.

Во тоа време префрлило тенџерето што било на поповиот шпорет и селанецот го прашал попот:

—           Што вариш ти, попче, денеска за ручек?

—           Гледаш … кокошка!, одговорил попот веќе фатен во грешка.

—           Ами гревот?

—           Јас сум свештено лице, — му одговорил попот, — ќе си отпеам и нема господ да ми пише грев.

—           Е, тогаш, попче, јас ќе одам и ќе одиграм пред твојот господ и самиот ќе јадам, а не само болното дете. И оттогаш селанецот не постел ни еден ден во животот.

Поминале баеги години и најпосле, како што бидува секогаш, умреле двајцата соседи. Но прв умрел попот. И кога отишол селанецот во пеколот, се разбира, и кога погледнал во тоа казанот кај што се вареле и мачеле грешните души; што ќе види! Ене го и неговиот комшија — попот пропаднат во катранот до брада.

—           О, о, о, побратиме комшија! Ами вака ли ќе си отпееше и господ нема да ти ги пишува твоите греови?

—           Mope молчи. комши! He излезе како што си ја мислевме долу, само благодарение што е самиот дедо владика под мене, та стојам на неговите рамена. Инаку, којзнае каде длабоко ќе бев пропаднат во катранов.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com