Еден волк, девет педи долг и опашката башка – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Веќе неколку дена северот безмилосно како ги брка снегулките низ студениот воздух и си прави сеир со нив.

Секоја по неколку стотини пати ја крева од земјата за да ја тресне малку попосле од некој ѕид, карпа; да ја залепи на некое стебло или гранка од високите борје или ели во планината, или да ја втера во некоја баџа од селските куќи и да му ја навее во вратот на некое дете, кое стуткано седи крај огниште и си ги грее голите нозе. Тука, сирота, загинува без капка крв, искарана, испцувана, навредена во последниот момент на својот краток животен пат. Што ќе прави, кутрата! „Кај сила — нема правина”, вели народната поговорка. My се може и си игра со неа како што сака тој.

 

Во крчмичката на Трајка Балето навратија ова утро неколку селани и ја опколија црната печка со надеж дека ќе се загреат колку толку. Навистина Балето не ги примаше овие гости со некое особено задоволство, знаејќи дека нема да направат некој алашвериш та да се овајди од нивното присуство, но сепак, да не биде празна крчмата, да не седи сам. да има со кого да скрши некој и друг збор и да се насмее, ја запали одутрина еднаш и таа уште „држи топло”. Кој знае! Можеби нема оган во неа, но присутните мислат дека е жешка, та никој не се решава да ја пипне и да ја открие вистината.

И сега, кое од утрешниот оган, кое од здивот на присутните, малата крчмичка беше затоплена и беше пријатно во неа. Толку повеќе кога надвор фучеше фуртуна и ветрот ја тераше мекавата каде што сакаше.

Како обично, во крчмата беа: протуѓерот Стојко Катин, коџабашијата Ристе со својот дебел бастун, пољакот Јован Пашата со својата кременарка и селаните: Митре Крстев, Стојан и Јован Даркови, Јован Баникот, Стеван Шпиров и др. А како капак на друштвото, тука беше и дедо Никола Дарков. Ама се кој от кој страсни ловци. И да не е несносната фуртуна, на . . . што ќе ги види Балето во својата темна крчмичка. Но, присилени од неа, се најдоа и денеска заедно, како секојпат на лов што се наоѓаа.

Стариот дедо Никола, кој беше дошол пред сите, го празнеше веќе првото  дваесетипет драмниче и така развеселен од тиквешката комињарка, почна да ги потценува младите ловци. Очигледно тие потценувања се однесуваа на внуци му Стојана и Јована, како на Митрета Крчов, кои важеа како први ловци во селото, та дури и во околијата. Почна да тера шега на нивна сметка, да им се потсмева што седнале како баби крај печката при ова златно време, место да се некаде во планината да чекаат волци.

— Ееех, деца, деца — почна стариот прочуен ловец, кој ги беше изминал веќе осумдесетте. — Кога бев јас на вашите години, пред педесет и повеќе, одвај чекав да обеле земјата. Кој би ме задржал, бре, да седам како баба крај огнот?

Еве, баш да ви раскажам, ако сакате, како отепав, таму по ваква меќава, и тоа со кременарка, еден волк. И тоа, каков волк ! ! ! Волк! Девет педи долг и опашката башка ! ! !

Елем, колкав како да беше, беше, ама волк беше, — рече дедо Никола и пак тргна од дваесетипетдрамчето.

Дедо Дарко беше познат во нашето село како страсен ловец и секојпат штом ќе најдеше згодно друштво, веднаш почнуваше да раскажува за секоја од своите ловечки преживеалици, како секој ловец. Умееше многу убаво да раскажува, та пријатно ги увлечуваше своите слушатели. А особено пак младите ловци го слушаа со отворени усти и ги голтаа неговите зборови. Тука тие од стариот практичар се здобиваа со теоретска подготовка и после ја применуваа во практика. Така и сега. Сите што беа во крчмичката во еден глас повикаа:

—           Ајде дедо Коле, раскажи ни како го отепа волкот — девет педи долг а опашката башка!

А тој не чекаше да го молат. Си нарача уште едно дваесетипетдрамче и почна достоинствено, небарем Крали Марко раскажува како го распарал Муса Кесеџија.

—           Ете така, кога сакате да ви раскажам. И не да мислите оти е оваа ловечка приказна ами вистинска вистина, — рече тој и шмркна малку од подаденото ковенце. Се поднакашла, ги обриша долгите бели мустаќи и ги собра мислите, оти подвигот за кој ќе раскаже беше одамна, та требаше да се присети за некои ситници.

Едно зимо, како што ви реков, одамна беше, пред триесетчетириесет, море и педесет години има оттогаш. Јас уште млад бев, како овие Стојана и Јована што ги гледате овдека. Почна да паѓа снег пласти, пласти. За дватри саата земјата обеле. Северот фучи, мила мајко. (Тука дедо Никола погледна преку малото прозорче од крчмата). Ете баш како овој снег. Јас, сиромав, одвај чекав да се замрачи. Уште раното си ја прегледав Шарка (Пушка кременачка) моја, видов има ли барутец, сачми, кременот као е и се друго што ми требаше и на брза рака си повечерав лебец и пиперки. И си ја наметнав горе Оралишче. Жената почна да се шакува со мене: „Море, каде ќе одиш, Коле, ќе те изедат волците по ова лошо време!” Тука дедо Никола застана и се позамисли нешто. Ги пренесе своите мисли петшеснаесет години назад и се сети за својата патна другарка, невестата Неда, па испушти длабока воздишка. „Ееех! Бог да ми ја прости Неда. Добра домаќинка беше”, и продолжи:

— Елем, си ја наметнав горе Оралишче и овдеонде, право на Трибор. Знаев јас, таму ќе поминат, каде да се.

Дури отидов, дури се наместив во каменот на ридот, ме фати глува доба. Помина полноќ, се стори ниедно време, а нема ништо живо да провража. „Ах” — си велам. „Овие пезевенци ме имаат испреварено”. И навистина бев погодил.

Чекајќи ги јас откај Перун да се појават ваки по рид, кога ќе ја завртам главата на другата страна кон Козјак, леле деца, што ќе видам. Илје и милје по ридот ваки на кај мене. Се разиграле по рид, братко ми ти мили, којзнае колку беа; не можев да ги бројам. Ама сиот рид почна да игра. Мене ми се сторија сите смреки волци. Ми се наежи косата и се собрав клопче во каменот. И … еве ти ги побратимите! Еден по друг, еден по друг, еден танец како Власи кога одат по невеста. И тргаат право на мене како да сум ги канил со карта и погача.

„Ееех!” си велам. „Толку било к’смет, Кољо! Само еден господ може да те спаси од овој гад”.

И како што одеше тој напред, му текна, златни деца, вака, лево од мене и, вкуп, скокна и го фати орманот. По него сите како под команда. Ама се знае оти арамиската ја бркаат. Се на неколку чекори еден по друг ти одат. Мене ми се провиде од очите. Господ златен, штом го надумав, ме слушна и наеднаш го одврати злото од мене.

Арно ама, сега ми падна мака оти да не им ја испукам оваа пустињава? Зошто сум дојден овдека Да мрзнам цела ноќ, нели за нив, за волците? И таман последниот да заврти да го фати борот, a јас му ја навртов

Шарка го зедов на нишан. Бууум, одѕуна планина да, се дигна облак дим пред мене, a јас сешрвив во каменот. Попричекав малку да се дигне димот од Шарка, и кога погледнав каде што нишанев, нешто црнее на снегот Гледам горедолу, лево десно, нема друго да црнее. Кога ги опулив убаво очите, гледам тоа црното каде мрда по малку. „Ахааа!” си велам во умот. ..Тука си, побратиме, печен”. Ама, право ла си кажам, пак ми е страв да мрднам од местото. Можеби не е погоден на место. Што знаеш, ѓаволот ни ора ни копа. Може да ме надуши, па да ми ја локне и тој мене крвта, како јас нему што сакам да му ја локнам. Затоа си се стиснав во каменот. Си ја прибрав сакмичката, ја видов Шарка дали не испукала, оти доста барутец и турив. Знаете, како за голем лов. И си реков. „Сега нека мрда колку сака, јас не мрдам дури не се прозори”. Mope како ги тресов вилиците, како шерпав клинци, како ги броев ѕвездите, којзнае колку беше било рано; одвај некое време пукна зора, се провиде. Ами тој пријател, туку мрда сиромав. Ама од местото не може да се помести. Виде оти ќе го фати денот, туку слушам: чак, чак, чак со тие забиштата. Искри, мајката, до небо прскаат! Да имаше бор со борина близу, ќе се запалеше и јас ќе се огреев. Елем, даде господ се провиде. Поразгледнав наки ваки и станав, се измолкнав од каменот и нададов да викам:

„Убреее , ,,, ахахахаааа … ! Усусубусусу…,” како што се вика по нив, бесот да ги фати, и тргнав да одам кон него. Mope кога ме виде, деца, та кога почна да штрака со забите, леле, леле…!!!

Тој влечкај се кај мене, јас оди кај него. Видов оти е , хтрекршен сиромашкиот и не може да се исправи на задните нозе, му се ослободив.

„Море ела ваму, кумчо волчо” му велам. Тој ме гледа и штрака со забите, јас го гледам, ама зорт ме фаќа. Отворил едни очи како плочи, едни нозе како тумруци, ами заби како бричеви. Леле мајко, да е здрав, би ме лапнал на два залака. Тој чкрапај и влечкај се, јас полни ја Шарка, дојдовме на петшест чекори еден до. друг. И кога му нанишанив да го отепам, ми се стори поголем од бивол. Замижав и оптегнав за чкрапецот од Шарка. Таа пукна и јас скокнав назад. Што го знаеш, ѓавол. Може во димот да ме зграпчи и да ме заколе како jape, па да дере жената две кожи. Нели бев го погодил в глава, и кога се дигна димот, го видов истегнат како јунец. Кроце, кроце, се приближив, провикав: „Море, стани, побратиме, што си легнал на ридов, ќе замрзнеш; море каде си, кумчо волчо, сакаш ли некоја јаловичка”, и којзнае уште колку прашања му нададов да се поразговараме, и кога видов оти не вражнува му се доближив сосема и го шибнав со кундакот од Шарка во мевот. Хрк . . . хркна сиромав, a јас подрипнав петшест чекори настрана, ама видов оти нема веќе да дише и му отидов слободно.

Арно ама, сега друга беља. Сака да се дере, да се пусти. Ваму ножот мажов си го заборавил! Што ал се прави, мајката? Да го дигнам да го носам недерен, ви реков, како некој бивол голем — девет педи долг без опашка. Го мерев со педата, крстами. Го завлечкав до една смрека и си кинисав, та дури дома. Си го зедов магаренцето да не ја носам кожата нарамо, секирата — да пресечам и некое дрвце, ножот го поточив од плочата под оган, и никому ништо не кажувам. Пукарачукара, кроцекроце, дури на Трибор. Го врзав ваки во борот магаренцето во заветот да не го дува северот, та си појдов кај кумча волча. Mope дери, дери, не се дери. Сиот жили да ти биде пустелникот. Нејсе, кај ужина време го додрав што го додрав. Повеќе искината кожата околу здрава; си кинисав да си го одврзам магаренцето и да ја товарам кожата. Кога таму, златни деца, што ќе видам ! ! ! Магарето мое искуритено од браќа му на кумча волча мој ! ! !

Леле, мајко, ми ти мила! Што сторив. што направив. За еден волк си удадов златно магаре. Бесот да те фати волкот и човекот што дојде да го тепаш. Ми отиде магаренцето, со што утре дрвца ќе си однесам јас сиромав! Си застанав над него и си заплакав. Ја фрлив кожата од волкот крај магарето, го смолкнав ножот, си го подрав и него како волкот, и наместо волчка кожа, вечерта и занесов на жената магарешка! Си остана волкот без кожа, a јас без магаренце; цела зима ми мрзнеа дечињата. Ама оттогаш наваму педесет години, не пропуштив ни еден снег, ни едно згодно време, а да не им појдам да ги чекам. Ми го платија и ми го преплатија магарчето. Лебами, како да ви кажам, имам барем педесет шеесет, море седумдесет има што сум отепал и сите ги имам шетано по нашиве села. Брашенце, лебец, сланинка, сиренце, волничка и по некоја паричка, бериќетверсан, презимував секоја зима, башка кожите што ги продавав и земав по некој и друг черек за ракиичка да ги позатоплам коските кога ќе си дојдев од чекање.

Ете така, деца, сум мрзнел по снегови и мразови, ама затоа пак сум им се натепал и на волци, и на лисици, и на зајаци.

Ииии, пак зајаци, зајаци, зајаци! Влакна на главата толку немам колку зајаци што сум отепал.

Падне ли снег, што го чекав со душа, и ќе и речам на жената: „Жено, клај го котлето со вода да го свариме зајакот”.

„Море, кој зајак, ал да те не најде, Коле, уште не си ни излегол од дома, а ти ме тераш вода да топлам”, ми велеше таа на шака.

И навистина. Туку чинев прејди му наспоред во Грбавец,.овдеонде по дира, ене ти го во смреката каде лежи. Ги гледав на лежење кога ми се видеше арно. Ама не ги тепав дури лежат. Греота било, па и срамота е апанс’с да го нападнеш некого. Тоа не е машки. Ами чинев свикај му, стропај му, и тој, сиромав, летни да бега. Ама, али можеше да ми куртули тогаш мене нешто? Вака, наврти му ја Шарка по него. Бууум . .. И туку го гледаш, ги кренал ѕадните нозе. Појди, крени го, и кога дојди си дома, водата уште незоврена. Бргубргу, подери го и еве ти за ручек каша од зајак! Охохо …! — се поиздише дедо Никола, си ги избриша мустаќите, си ги подголтна слинките што му навреа од подјазик кога ја спомна зајачката каша и си ја допи ракиичката од дваесетипетдрам ракичето, па продолжи да ја доврши приказната.

— Mope ако не ви е мака да слушате, има да ви прикажувам три дни и три ноќи мои приказни, туку, ајде, ајде, ставајте, земајте пушките, одете вие сега сте млади, ме слушате? Туку пиштат овчарине, белќим ќе ги начекате негде внуци му на моите кумчоволчовци, да проплескате по некој, оти чудо стока издавија.

Co овој повик стариот ловец стана и си отиде, а нашите млади посрамени се согласија и отидоа да ги бркаат волците, па кога ќе остареат и тие да им раскажуваат на младите како отепале по десет волци девет педи долги и опашката башка.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com