Откријте го Мариово
Електрификација на селото

По донесувањето на сојузната одлука за расформирање на СРЗ, некои селани извикуваат ,,Да живее Кардељ!”, „Да живее Моша Пијаде!”, но има и кои беа против растурањето на колективизацијата, а така е и во село Градешница.

Одлуката од Белград мора да се спроведе во живот. И задругата во Градешница се расформира. Посебна комисија го разделува задружниот имот, по принципот кој селанец колку внел, толку треба и да земе. Многу од селаните не можат да си повратат ни половина од живата стока. Но, се поделува што е поделено. Се почнува се одново. Секое семејство почнува индивидуално да работи, стопанисува и печали.

 

Но, инфраструктурата во Мариово останува иста. Патната мрежа и врска со Битола, Прилеп и другите градски центри остануваат непоправени, како уште од турско време. Селата неелектрифицирани итн. Гледајќи дека не постојат ни основни услови за живеење, некои млади луѓе и од Градешница почнуваат да бегаат преку граница во Грција, а од таму заминуваат некои во Америка, Канада, Австралија и други прекуокеански земји.

Меѓу првите млади градевци што бегаат преку граница се Илија Т. Босеовски, Митре Босоевски и Стале Босоевски, кои преку Грција свое гнездо прават во градот Торонто – Канада, каде и денеска живеат и работат. Некаде во 1955 година преку Грција за Америка заминуваат и градевците Пројче Босеовски и Ристе Баснаровски, а следат и други напуштања на родната Градешница. Јане Гулев прв од Градешница ја почнува миграцијата село – град. Тој речиси веднаш по ослободување од Градешница со своето семејство се преселува во Битола.

Големо значење за подобрување на условите за живеење на селаните е електрификација на селата и во Мариово. Поттикнати од индустријализација на земјата, Мариовци преку општините во Битола, Прилеп и владата на Народна Република Македонија   по   писмен   пат   поткренуваат   иницијатива   за електрификација и на нивните села. Иницијативата на Мариовците е прифатена од сите општински и републички органи на власта.

Присеќавајќи се на ентузијазмот на постарите градевци при изградбата на сопствените разурнати домови, изградбата на основното училиште, црквата ,,Св. Никола” по Првата светска војна, и помладите градевци се впрегнуваат во доброволна работа и со парична помош да го електрифицираат своето родно село. За кратко време се донесени дрвени столбови за електричната селска мрежа. И електромонтерите од претпријатијата од Прилеп и Битола, што ги изведуваат работите на електрификацијата, работат со голем ентузијазам. Градешница дефинитивно е електрифицирана во 1968 година. По домовите светнуваат електрични светилки, засвируваат радиоапаратите, во некои куќи се внесуваат и електрични апарати, се донесуваат електрични машини за обработка на дрво и друго. Но, за жал електрификацијата и во Градешница пристигна, кога миграцијата и емиграцијата веќе има земено голем замав и во ова убаво мариовско село.

30

Учесници во електрификација на селото

 

Во 1957 година во с. Старавина е изградена убава зграда за учење на децата од V до VIII одделение од селата Градешница, Старавина, Будимерци, Зовиќ и Груниште. Осмолетката ја посетуваат околу 500 деца, но тој број постепено почнува да се намалува. при што дефинитивно во 1978 година на зградата од осмолетката и се стави клуч.

Мариовските села се повеќе се празнат. Патната мрежа во Битолско Мариово останува како од времето на турското владеење.

Во Градешница постоеше и фудбалски клуб, кој се натпреваруваше со фудбалските екипи од селата Старавина, Будимерци и Зовиќ.

31

Фудбалска екипа од с. Градешница 1955 год.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu