ЗАПАЛИ МИ СЕ ГОРАТА ГОРАТА И ПЛАНИНАТА– Епска песна

Booking.com

Довтаса Мустава Паша,

со три табура читаци

аскери и башибозук,

од девет кази собрани.

Од град Прилепа тргнаја,

ќе одат во Маријово,

да барат страшни кумити

Шаќира страшен војвода.

Црна ја река минаја,

качија гope балканот,

по Кучкин камен планина,

кондиса во Добро поле,

во таја местност Свињарник,

шест дена преди Крстовден.

Курдиса бели шатори,

заспрати силни потери

Шакира да го бараат.

Кој ќе му глава донесит,

голем ќе бакшиш да земи,

од царот хиљада лири.

Тргнаја силни потери,

Шаќира да го бараат.

До девет дена шетаа,

од него трага никаде.

Тогај ми Шаќир седеше

во араминска пештера

са дванаесет другари.

Расрди ми се пашата,

тежок ми емар издаде,

гората да се запали,

гората со се шумата

белќи и Шаќир ќ’изгори.

Кога се гора запали

запиште гора, затреште,

дигна се пламен до небо.

Писнаја волци, лисици,

писнаја змии, смокови.

Што е по Шаќир војвода.

Тогај е чудо станало.

Небото ми се растресе,

грмеше и се сеткаше,

од ведро вати да врни

силен дожд и лапавица.

Тогај ми Шаќир излезе

со дванаесет другари

и на гората велеше:

Прости ми горо, сестро ле,

многу ти зијан сторивме,

од тука ние ќе ојме

во Светогорски манастир.

На пролет пак ќе дојдиме

борбата да продолжиме.

 

Извор: Книга – Народни Умотворби

Автор: Стале Попов

Booking.com