Откријте го Мариово

Во првата деценија од XX век, Европа влегува со големи технички и научни откритија, кои се користат во севкупниот стопански, општествен и културен живот.

Единствено Турција остана заостаната држава со полуфеудално уредување и нерешени аграрни односи.

 

Млади интелектуалци, меѓу кои и млади офицери како што беа Нијази Бег од Ресен, Енвер – Бег од Солун и други, што се школувале во Западна Европа, се уверени дека Турција заостанува и следува нејзино неминовно менување.

Активноста на младотурскиот комитет забрзано делува за реализација на своите идеи. Тие издржуваат државен пресврт на 23 јули 1908 година, таканаречен Уриет, односно “Слобода”. Го приморуваат султанот Хамид II да прогласи воведување на уставност во турската држава. Македонскиот народ во почетокот со воодушевување ја прима веста за паѓање на апсолутизмот. Во Битола се отворени вратите за затворите, каде над илјада затвореници се наоѓаат на слобода. Од планините слегуваат многу вооружени чети. По улиците се извикува за слободата, слобода на печатот, укинување на плаќање на високи даночни обврски, скратување на воениот рок, задолжително бесплатно основно образование, политичка амнестија, стопански развој на земјата и други пароли, кои гарантираа слобода во севкупниот живот. Веста за Хуриетот и прогласената слобода, бргу се пренесува во Градешница и другите Мариовски села. Овој настан градевци посебно го прославуваат на Илинден 1908 година, кога во селото празникот од памтивек се обележува како селска слава.

Градевци масовно излегуваат кај манастирот Св. Илија во месноста Брен. Два дена се слави во селото. Гости има од соседните села Старавина, Будимерци, Груништа, Бешиште, Зовиќ и други мариовски села. Гости има дојдено и од градот Битола.

Дискусиите се свртени кон паѓање на турскиот апсолутизам, братството, рамноправноста и подобар живот.

Уште во првата година на Хуриетот и градевци почнуваат послободно да дишат. Во селото за прв пат се спроведуваат слободни избори за селска коџобашија (кмет). По Хуриетот и христијаните можат слободно да учат и да влегуваат во државна служба. Во селото продолжува да работи основно – ќелијно училиште, при селската црква “Св. Никола”. Наставата се изведува на грчки јазик.

Според пишаните извори од 1908 година само во три мариовски села постоеле ќелијни основни училишта, а меѓу нив и во селото Градешница. И во Витолиште постоело училиште под раководство на калуѓерот Љунгур, светогорски воспитаник. Ова училиште служело како расадник на просветата во Мариово. Од него излегувале учители и свештеници, макар со многу скромно знаење. Слично училиште постоело и во селото Чаниште.

Дури по Хуриетот и во мариовските села почнала засилено да дејствува бугарската Егзархија и полето на просветната политика и пропаганда. Бугарската Егзархиска црква во Мариово свои училишта отворила дури во 1909 година, а нејзиното архиерејско намесништво се наоѓало во селото Витолиште.

Напоредно со бугарската, дејствувала и грчката црковна просвета и пропаганда. Бугарската Егзархиска црква во Витолиште отворила трикласно училиште со интернат.

Во Битола според пишаните извори, во тоа време имало 5 егзархиски основни училишта. Исто така работеле 1 егзархиска, 1 грчка, 1 романска, 2 турски и една еврејска гимназија.

За жал, не постојат податоци од кои може да се види кои биле првите учители во ќелијното училиште во Градешница, кое работело кон крајот на XIX и првата деценија на XX век. Од сеќавањата на постарите градевци, се дознава дека меѓу првите ученици на ова училиште биле Коста Пенуков, Крајче Сивев, свештеникот Најдо Попов, свештеникот Тодор Попов, Васил Налев, Митре Рушитков, Јован Босеов, Стојко Бојков, Крсте Гуџев и др. Наставата во ќелијното основно училиште се изведува на грчки јазик.

Од пишаните извори се дознава дека, по Илинденското востание од Хуриетот, во Мариово просветен инспектор бил Црногорецот Јово Јовановиќ, кој се школувал во Бугарија, а за време Илинденското востание храбро се борел против турскиот аскер во четата на Ѓорче Петров во реонот на Мариово. Јове Јовановиќ и служел на Организацијата и со своите агитации се борел против великобугарските врховисти и агенти. Во летото 1909 година врховистот X. Матов преку Тодор Александров од Софија го испраќа во Македонија терористот – Ѓорги Мучитано (Касапчето), кој во Битола на подмолен начин го убива илинденецот Јово Јовановиќ.

По Хуриетот, градевци и другото мариовско население слободно ги обработувале своите земјоделски имоти. Од ден на ден се зголемувал и бројот на ситниот и крупен добиток. Своите производи слободно ги продавале на пазарите во Битола, Прилеп, Кавадарци, Воден и други градски центри. Co извршените реформи. Младотурците на македонското население му дале соодветни ветени демократски права, но тие на Македонија не и ја дале ветената автономност, ниту Македонците ги признале како посебен народ со свои етнички, културни и други особености. Турската влада и другите реакционерни турски великодостојници, почнале да не го почитуваат новиот уставен режим. Против кршење на уставот во османлиската империја се спротивставиле некои војводи, кои за време на Хуриетот со искреност ги примиле новите реформи. Меѓу првите стари војводи, кои го дигнале својот глас против изигрување на уставниот режим, бил македонскиот деец од Леринско Џоле Стојчев со своите истомисленици Пандил Шишков, Пандо Лондев, Пецо Христов, Крсте Малинов и други македонски дејци и револуционери. Некои војводи, токму поради непочитување на уставниот режим, пак ги нарамиле пушките и излегле во планините. Младотурците имале издадено наредба за прибирање на оружјето, кое се наоѓало кај многу дејци уште од времето на Илинденското востание. Повеќе од оружјето останало кај народот за повторно кревање на востание против османлиите.

Треба да се спомене, дека враќајќи се од Бугарија за родното Мариово во 1911 година кај гратчето Пехчево, загинал илинденскиот востаник Трајко Брничанецот, познат во мариовските села како “Крал Трајко”. Тој е роден во мариовското село Брник и мошне млад со пушка во раката се приклучил во четата на Толе Паша. Брниклијата учествувал во ликвидирање на турскиот злосторник во Мариово, Шефкија. Трајко Брниклијата е единствениот четник кој успеал да се спаси и да ја преживее трагедијата на Толе Паша, и неговата чета, што се случила во 1904 година кај с. Гудјаково – Мариовско.

Брниклијата Трајко, право успеал да ги ликвидира предавниците на Толевата чета, а потоа заминал во Бугарија, престојувајќи таму до 1911 година. Во времето на Илинденската епопеја, извесно време во четата на Толе Паша како четници учествувале градевците Стојан Кралев – Сеизот, Стојче Судиов, Митре Совичин и некои други.

Мариовскиот човек е општопознато, дека со својата остроумост и кршна става го надарила и мариовската природа, а такви се и приказните за Итар Пејо. Тој според преданието, во турско време бил роден во с. Градешница – Мариовско. Co своите мудрости Пејо надмудрувал секого, кој ќе му застанел на патот. Меѓу неговите многубројни мудрости, шеги и приказни ќе споменеме само некои:

Итар Пејо поитер од Насредин – Оџа, Итар Пејо и Насредин – Оџа шеги си бијат, Итар Пејо оди од кај умрените, Итар Пејо знае турски да зборува, Пејо Итроманецот и жешкото кафе, Мариовци со Петре Итроманецот и саатот, Мариовци со Петре итроманецот и ралото, Итар Пејо и Мариовци борот го корнат, Итар Пејо и Мариовци дабишта кршат, Мариовци и Итар Пејо со желката, Итар Пејо и Мариовци со лубеницата, Итар Пејо и двајца Мариовци отишле на лов, Мариовецот и сапунот, Мариовски есап, Мариовската невеста многу саламна била и други. Овие и низа други шеги и шеретски приказни најмногу се раскажуваат кај постарите луѓе и тие со својот ведар дух ги создавале на своја сметка. Во една од тие шеги се кажува како Итар Пејо отишол на дрва во боровата шума. Се качил на еден бор и почнал да го сече. Co дрвото паднал и Итар Пејо, а неговата глава некаде одлетала. Се собрале Мариовци и го гледале трупот на Итар Пејо без глава. Тогаш се прашале дали Итар Пејо имал глава. Никој со сигурност не можел да тврди, дали тој имал глава и затоа решиле да ја прашаат Итра Пејовица. Таа одговорила дека не знае дали Итар Пејо имал глава, но дека памети како од велигден на велигден тој купувал по една “валавица” (капа).

За Итар Пејо и Мариовци се испреплетени многу други шеги, приказни и други народни умотворби. Мариовските песнопојци имаат испеано и многу револуционерно – патриотски, љубовни, социјални, обредни и други песни кои од колено на колено се пренесуваат меѓу мариовското население.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu