Орото има централно место во целокупниот психо-социјален живот на Мариовците.
Таму, на орото доаѓало до израз целокупното фолклорно богатство. На орото се прикажувале не само музичките способности на гајдарциите и ораџиите посебно на ороводците, туку и на вредните везилки, ткаачки, шивачки и се друго што било потребно за да се изгледа – ќе се речело што убаво изгледа, што убаво е облечен и дотеран. Тука се докажувала убавината, вештината, способноста, машкоста, доминацијата. Тука се избирале идните невести и зетови, се изразувале симпатии, се намигнувало се надигрувало, се кршело по некое брчало, имало и по некоја шлаканица, а можело поретко и поозбилно нешто да се случи. Во Витолиште на средсело се виеле повеќе танци, во постаро време одделно машки одделно женски, a пo крајот жените нафатени за појас пееле Велигденски песни со бавно и постепено движење.
Најпознати ора што се играат во Витолиште се: За рамо (тешкото), Арнаутското, Куцаното, Повраќаното, Двапати заднога (жените повеќе и за мишка) и Ситното. Потоа (во трудов) ги наброивме познатите гајдарџии, ороводци и ороводки, кои играјќи пеејќи го изразувале своето задоволство.
И гајдарџиите свиреле за лично задоволство, а веројатно и за докажување на својата вредност и доминација. Сепак во зимните празници гајдарџиите за секое исвирено оро земале по едно јаболко, a на Велигден по едно јајце. Обично постарите жени во пазувите носеле јаболка односно јајца и им давале на помладите од своите семејства кога требало да играат. На средсело се воделе посебни танци на мажи и на жени, а можело и да се мешаат ако играат блиски роднини. Помладите секогаш на танецот играле поназад или играле посебно.
Автори:
Стојан Ѓуровски, Прилеп
Стојан Даркоски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com