Откријте го Мариово

Три-четири години по завршувањето на Првата светска војна, градевци како феникс од пепелта и урнатините пак успеваат да ги изградат и издигнат своите куќи.

Куќи, повисоки и пошироки, а градени од тврд градежен материјал како што е камен, кал. Костурот на куќата го сочинуваа дебели греди и диреци. При изградбата на своите домови, градевци солидарно се помагаат едни со други, при пренесување на градежниот материјал и изградбата на куќите.

 

По изградбата на своите домови, градевци со заедничка доброволна работа и доброволни парични прилози, на долниот крај на селото изградуваат убаво основно училиште. Во приземјето се училниците, а на горниот кат просториите за живеење на учителите. Според кажувањето на некои постари градевци, училиштето е изградено во 1921 – 1922 година. Училиштето имало широк двор ограден со дебел ѕид.

Еден од учителите, кој повеќе години учителувал во основното училиште во Градешница, меѓу двете светски војни е Славко Патаковиќ. Покрај децата од Градешница, тука основно училиште посетуваат и деца од соседното село Старавина. Нема човек кој не се сеќава на својот прв учител или учителка, од кој ги научил првите букви. На мојата генерација родена 1928 година, прв учител што не запознаваше со првите букви и броеви, беше Андреја Бучиќ, по националност исто така Србин. Учителот Вучиќ беше испратен во Градешница, да не учи нас децата, но и да ни втисне во нашите детски глави, дека ние сме “Јужносрбијанци”, а не Македонци. По заминувањето на Вучиќ, за учител во Градешница дојде Александар Петровиќ по националност Црногорец. Во предвечерието на Втората светска војна последен учител што нам, на градешките деца, ни предаваше на српско-хрватски јазик беше Живко Јовановиќ, исто така по националност Србин.

Мојата генерација првото одделение почна да го учи во учебната 1936/37 година, а четврто одделение го заврши во учебната 1939/40 година.

И покрај се јас сум им благодарен на моите учители, кои настојуваа понекогаш со шлаканици и прачки по рацете, да не оспособат да станеме “луѓе на свое место”. Учители ни беа Срби, но ние останавме тоа што сме Македонци. Морам да признаам, по завршувањето на основното училиште, учителот, нам децата, што бевме одлични ученици, ни препорачуваше да го продолжиме школувањето во битолската гимназија, а тоа им го препорачуваше и ги советуваше и нашите родители.

Во 1923 година на местото на старата црква “Св. Никола”, разурната до темел во првата светска војна, градевци со доброволна заедничка работа и доброволни парични средства почнаа да градат и изградат многу поголема црква, за разлика од старата, подигната во 1863 година. При изградбата на црквата, сето селско население доброволно работи. Мажите со запрежни коли носат камења и греди, а жените со котли носат вода од Градешка Река за правење малтер.

Од архивата на црквата може да дознаеме дека при нејзината изградба и доградба во 1924 година, со парични средства помогнале и градевците кои во тоа време се на печалба во Америка, меѓу нив писмено се спомнуваат: Коле и Митре Димовиќ, Пејо Јововиќ, Рада Пејовиќ, Стојан Петковиќ, Ѓуро Крајовиќ, Јован и Пејо Степановиќ, Митре Михајиловиќ, Петра Јовановиќ – Долевачева и други. Црквата е живописана во 1927 година од иконописецот и неговата тајфа Коста Николиќ од Лазарополе. При изградбата и живописувањето на црквата, мајсторите со храна се снабдувани по ред од секое семејство во селото. Црквата е осветена од тогашниот битолски митрополит Јосиф, кој од Битола до Градешница е донесен на коњ.

Повеќе од иконите во црквата, за здравје, се пишувани и поклонувани од семејствата во Градешница. Меѓу другите, на една икона пишува: “Поклонува Трајко Јованов Бурлија, за здравје”.

Меѓу двете светски војни, во црквата “Св. Никола” во Градешница, меѓу другите, богослужба вршеле: Поп Трајко Чушев, поп Тодор Попов, поп Венјамин (руски емигрант), поп Најдо Попов итн. Од завршувањето на Првата светска војна, па до изградбата на црквата “Св. Никола”, своите верски потреби и обичаи градевци ги правеле во старата црква “Св. Димитрија”, која се наоѓа на долниот крај на селото, а во војната само делумно е оштетена. По изградбата на црквата “Св. Никола” и нејзиното осветување, сите крштевања, венчавања, и други христијански обичаи, градев-ци ги прават во црквата “Св. Никола”. Во 30-те години, кога раните од првата светска војна колку – толку се излечени и селото пораснува на над 1000 жители, за време Божиќните, велигденските празници, црквата “Св. Никола” е полна со верници, односно, народ. Покрај свештениците, при изведување на богослужбата, помагаат и Коста Пенуков, Крајче Кокошов и некои други селани, кои знаат да ги читаат црковните книги.

Уште во 1921 година браќата Манаки, заедно со Коста Чому, во дворот на хотелот “Ројал” на “Широк Сокак” во Битола отвораат кино “Манаки”. He ретко и градешките пазарџии, кога одат на пазар во Битола, одвојуваат од своето време и ги следат прикажувањата на некои интересни филмови, а кога ќе се вратат во Градешница ќе прераскажуваат на своите соселани.

Пазарџиите, одвреме – навреме од градот во Градешница, покрај другото донесуваат и “Политика” како и некои други весници, што тогаш се продаваат низ битолските улици. Селаните будно ги следат општествените, економските и другите настани што се случуваат во кралството Југославија и надвор од него. Економската криза, што настана во 30-те години, ја почувствуваа и градевци и другите селани од мариовските села. Многу полесно е да се произведе квалитетно мариовско ситење, отколку тоа да се продаде на пазарите во Битола, Прилеп и другите трговски центри.

Co пуштањето на пругата Велес – Прилеп – Битола во 1936 година, се помогна и производството на месо, сирење, волна, жито и друго од мариовскиот регион да се најдат на пазарите ширум Југославија, па и во Солун и други градови во Грција. Под притисок на спомнатата економска криза неизбежно се укинува шестојануарската диктатура и паѓа владата на генералот Петар Живковиќ. За да се избегне натамошното заострување и потреси во земјата, владата на Никола Узуновиќ пристапува кон подготовките за одржување на општи парламентарни избори во Кралството Југославија. На 15 октомври 1933 година се вршат општински избори за општински управи на Вардарска бановина. За 440 општини се истакнати 1113 кандидати, од кои повеќето се режимски луѓе.

На 9 октомври 1934 година во Марсеј * Франција е убиен кралот на Кралството Југославија, Александар Караѓорѓевиќ. Убиството го извршил Владо Черноземски, член на ВМРО, со која раководи Ванчо Михаилов. Во Кралството Југославија се прогласува шестмесечна жалост. Забранети се секакви веселби, спортски натпревари и други културни приредби. И во Градешница и другите мариовски села, секој кој ќе запее, засвири, било на улица, дома, в кафеана и други места, строго се казнува од страна на џандарите и другите власти на Кралството Југославија. Беа забранети во текот на шест месеци свадбени и други семејни веселби. Властите во Југославија и Бугарија се договараат таа, истата 1934 година да се забрани дејствувањето на терористичката ВМРО на Ванчо Михајлов. Сето оружје на ВМРО во Бугарија е конфискувано.

Комитските акции во изминатите 15 години (1919-1934) и од двете страни српска и бугарска, македонскиот народ ќе претрпе големи загуби. Во 1921 година, сред бел ден, во Софија убиен е Ѓорче Петров од страна на терористичките акции на Тодор Александров. Убиени се и други дејци – централисти од Илинденската епопеја, кои по завршувањето на востанието се засолнуваат во Бугарија. Co комитските акции, многу семејни трауми се случија и во Вардарска Македонија, особено во нејзиниот источен дел.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu