Се скина Солунскиот фронт на Добро Поле и „храбрата бугарска армија” со трчанка се разотиде по сите краишта на отечеството.
Сите бегаа на исток, па и Пеја наш го фати бранот и тој од Беласица зачас прескокна преку Петрич и Џумаја и се најде во столицата Софија. Се провртка, се протутка во часта дури даваа леб и манџа, ама еден ден им го соопштија „превисочајшиот” указ од новото царче Бориса, со кој указ се ослободуваат од војничката клетва т.е. се демобилизираат сите војници, и слободни се да си одат кој каде сака. Патриотите од Македонија што не сакаат да се вратат по своите домови и да им робуваат на Србите, можат да останат во отечеството, но да си најдат работа, оти војничките казани и фурни престануваат да работат. Пејо отпрвен се израдува на оваа блага вест, но кога му рекоа да ги соблече војничките панталони, се зачуди што ќе облече. А ојде и ручек, но трубата не засвире за леб и манџа.
— Хм, хм! се замисли нашиот Пејо и се фати за глава: „Фронт — фронт, ама барем за ова не мислев. Колку толку се тутнеше некако!
Но немаше што да прави. Побара од еден вилаетлија и доби некакви парталави шалварчиња, од друг уште поискинато палтенце и се уцивили. А веќе и билетот за уволнување од армијата го тури в џеб и со право си рече: „Сега сум слободен граѓанин”. Но чиј граѓанин? На која држава? Ни самиот не знаеше. Главно можеше да оди кај сака. И со своите вилаетлии Македонци — Мариовци излезе Пејо од дворот на касарните и се запати кон центарот на Столица Софија. Ја знаеше Пејо и од порано, но сега требаше да ја разгледа како слободен граѓанин. Разгледуваа што разгледуваа низ улиците, времето помина и дојде ручек. И атомакот побара нешто да подработи. За некои манџи и слатки благи работи не може ни збор да станува, оти такви не се најдуваа, а остави Пејо што немаше ни стотинка во џебот да ги плаќа. Но налет му сите тие работи, ами демобилизираните борци не можеа никаде лебец да најдат. Фурните печеа и пријатно мирисаа топлите сомуни, но тие се даваа само на купони и тоа по двесте и педесет грама на човек. А нашите бивши херои немаа купони, та останаа гладни. Околу ужина време влегоа во халите. Некој купи зелка и сите уште тука ја излапаа. Друг дигна тиква, трет праз, домати, репа, но тие се храни за четириножни животни, а не за луѓе. За таа цела ноќ, оптегнати на клупи во паркот, им кркаа цревата.
Утредента уште в зори се растрчаа, како чавките на буништата. Се обидоа да дигнат некој сомун од некоја фурна. Но тоа го сториле други пред нив, па фурнаџијата ги прибрал сомуните зад себе и само кога ќе му се даде купончето и парите, тогаш му се фрлаше сомунот низ тесното прозорче.
„Нема чаре, ќе се страда за леб!” — Почнаа да се тапкаат демобилизираните војници и да кројат план како побргу да се завлечат по своите родни места. Се готвеше општ поход за назад — дома. Некои ги заплашуваа дека ќе ги исколат Србите, други ги кандисуваа да си одат. Триста муабети се носса од уста до уста. Но едно беше јасно: Во отечеството немаше хјаб ни за неговите граѓани, a камо, ли за гости.
„Ќе си одиме што ќе си одиме, туку барем по еден сомун да можевме да најдеме, дури да фатиме некое село”, се согласија сите и побараа модус како да дојдат до првиот сомун.
Ќе дојдат, море, штом го имаат Пеја! И навистина Пејо се погрижи уште утредента. Се погрижи и сврши работи да видите. My помогна горниот — како што го викаше Пејо господ — го сретна случајно секретар бирникот од својата општина. Го сретна и лицето му светна.
„Еве кај ќе измајсторам купон за леб” си рече во себе и му се заши по него. Го распраша за в село; како помина патема и најпосле каде е на стан.
— На Ломски ан, кај ќе бидеме на друго место ние прилепчани, — му одговори кусо бирничето и му се извини што не може да го продолжи разговорот. „Имам”, рече, „работа во министерството да ја предадам архивата од општината”. На Пеја не му ни беше повеќе потребен. Веднаш го остави и се запати право кон Ломски ан. И како што си мислеше,. така излезе. Го најде малото писарче само во една одајка каде се шутка нешто околу книгите. Бре здраво, бре живо, се поздрави и со него како со бирникот и ги фрли очите во растурената архива. Побара нешто со очите што многу му требаше и најде. Најде еден куп растурени „открити листови” напечатени уште во Прилеп, а како нарачан крај нив лежеше општинскиот печат. Го заговори писарчето за в село. за луѓе, за моми и ова се разнежи до солзи. А наш; Пејо веќе го кладе печатот в рака. Се заврте со грбот кон открнтите листови и го продолжи разговорот со сета своја речитост. Но затоа во истото тоа време печатот зад грб почна да се лепе на бланкетите открити листови. Нашлака Пејо. Дваесеттина триесет печати на листови и ги кладе под палто на задниот дел од шалварите, го остави печатот и се прости со писарчето, оставајќи го печатот на масичката кај што беше.
Кај ќе оди? Се разбира во кафеаната „Македонија”. Таму сигурно ќе најде од своите вилаетлии — Мариовци да ги позарадува ако може. И навистина пред кафето ги најде скоро сите и ги покани да седнат на тротоарот. Повеќе наклекнаа отколку што седеа, a Пејо почна да ги задева.
— Ви се јаде леб, бре Мариовци? Сите ги свртоа очите кон него.
— Давајте ваму по десет лева да ви издадам купони за леб, — им се обрна со сета сериозност. Луѓето се снајдоа некако кој немаше десет лева си позајми и сите десетина петнаесет души му дадоа по десет лева, чудејќи се кај ги најде Пејо тие купони за леб. Пејо им рече да причекаат тука, а сам влезе во кафето. Нарача една ракија и побара мастило. Кога му го донесоа мастилото, тој ги извади откритите листови и виде дека на половината им го удрил печатот насреде или на горниот крај, но пребра десетина петнаесет со правилно удрени печати и почна да пишува.
Открит лист за Стојан Иванов Петков, Васил Илиев Димов и.т.н. На некој напиша оти иде од Македонија како општ. кмет, на друг секретар бирник, на трет општ. полицај на многу напиша дека бегаа од српскиот терор — напиша што му падна на ум. Плати и излезе, та им ги раздели листовите.
Бргуте сега во комисарството каде се делат купони „хлеб за гости”.
И свршија работа. Добија сите врз основа на откритите листови по четврт леб дневно. Но дали му стига на Пеја четвртина?
He жалајте го Пеја; тој за себе задржа осум открити листови и зеде купони за два леба. Ги напиша на осум разни имиња и отиде во комисарството. Рече дека другарите ги вардат пљачките и да не досадуваат сите, тој дошол да извади купони. И извади, да не чуете лага. Извади и секој ден земаше од фурна по два сомуна. Едниот го продаваше по половина наполеон — 15 лева, а другиот си го употребуваше за себе. По тој пат Пејо се осигура и со паричка и со лебец и можеше да поседи десетина дваесет дена да ја разгледа последен пат столица Софија.
Се врати во своето село во последната група демобилизирани борци од бугарската армија. Но не беше било за долго. Новите ослободители пак го мобилизираа, за да ја доослободи краљевина Стрмогдавија.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com