Македонскиот народ во текот на својот опстанок и живеење, и покрај робувањата, притисоците за асимилација, угнетувањата, војните,
пустошења и раселувањата по светот наоѓал време да се насмее на своите и туѓите недостатоци и грешки и со своите творечки способности да создаде безброј хумористични1) анегдоти, сказни, пословици, поговорки и во последно време вицеви, афоризми и други форми на искажувања на своите мисли. Преку хумористичните творби народот искажува суд за одделни настани и личности: интреци2), попови, оџи, вдовци, вдовици, судии, и други видови професии, занаети и слично. Своите размисли за случките и ликовите се проткаени со морална етика и потенцирање на посебните позитивни одлики: вистинољубивост, чесност, достоинственост, смелост при што си дава волја и желба за совладување на сите животни маки и потешкотии. Индивидуалниот раскажувач, низ мудрост и духовитост, мислите и чувствата “го поклонува во устата на својот народ” и со тоа ја изразува и докажува народната свест и способност за опсервацијата и творењето.
Народното творештво претставува духовна креација на народот низ вековите, своевидна потврда на неговите умствени способности, печат на сеопштиот живот, одраз на напорите на човекот за егзистенција и опстанок во секаквите услови за живот и најпосле своевидна потврда на својата способност за опсервација, сфаќања на нештата, погледи врз животот и појавите што ги окупираат неговите размисли и желби за подобрување на животот. Народното живеење, нивните општења и односи претставувале и претставуваат непресушлив извор на теми и мотиви за творење кое со помош на својата умна способност и надареност успева да ги преточи во поетични и прозни форми на искажување.
Во секоја земја и Македонија постојат цели редици на смешни ликови чии подвизи се врзуваат за определена средина или област, и претставува одлика на народот во доброто познавање на нештата и способност на хумористичен начин да се прикажуваат случките не само’ на анонимни глупаци и итреци, ами и на цела етнографска група, или за жителите на една област или селаните на одредени села како на пример за Мариово,3) за селаните од с. Стеблево (Дебарско), за кумановските веселници, за прилепските итреци итн. Во последно време, втората половина на XX век, кога миграцијата за странство зачести се јавуваат анегдоти и надитрувања меѓу народи како меѓу: Мекедонци и Грци, Македонци и Бугари. Туѓите пропаганди во Македонија (повеќе изразено во Битола преку дипломатскиот кор и други странски претставници) овозможиле да има такви меѓунационални надитрувања и исмејувања како и мотиви за создавање на смешни сказни и анегдоти. Има сижеа и мотиви каде се потенцира исмејување меѓу верските припадности христијанин и муслиман, секако потенцирајќи ја остроумноста и глупавоста различно спрема составувачот на анегдотата.
Појавата на општите ликови (итреци и глупаци) е присутна во секое време и во секоја доба на животот. Анонимниот раскажувач и творец не сакал да се пофали со своето остроумие како и да “се скрие” од последиците заради исмејувањето заради што својата творба ја става во устата на народот. Народот ќе се насмее само ако се поитри сиромасите од богатите, добрите од лошите, добронамерните од алчните, издавливите од скржавите, чесните од нечесните итн. На тој начин ќе се потенцира творечкиот народен дух, доброто срце, остроумноста, знаењето и разумот.
Во секоја земја и народ постои т.н. “соседен хумор”, надитрување и исмејувања меѓу соседните села, градови и области. Од векутума века постои во Македонија посебно ривалство и исмејување меѓу: граѓаните од Битола и Прилеп, Охрид со Струга, Неготино со Кавадарци и се создадени анегдоти и вицеви”) што претставуваат интересни творечки дела. Се смејат меѓусебно на човечките мани, на глупавоста, на економскиот престиж, на местото (дека е неродно, суво, загадено итн.), на грешните економски зафати итн.
Автор: Трајко Огненовски, Битола
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com