ИТАР ПЕЈО – МАКЕДОНСКИ ШЕГОБИЕЦ И НАРОДЕН СМЕШЕН ЛИК – лаги, смешки, хумор од Мариово


Итар Пејо во Македонија

Во македонската народна книжевност постојат цели редици на смешни ликови кои на перојативен, ироничен, (со подбив) на фин прикриен начин и сликовито се претставени заради што кај читателот и слушателот предизвикува смеа и ведрина на духот. Тие ликови живеат во народот, но под друга форма што би рекле осовремени. Така, Итар Пејо во анегдотите повеќе не патува пешки или на магаре, ами со велосипед, ауто, брод, авион. Се служат со современи уреди и начинот на употребата овозможува да се создадат мотиви за смешно претставување и раскажување, што значи се врши адаптирање на мотивите во современиот живот: колективизацијата, миграционите движења, живеења во прекуокеанските и европските земји. Итреците во Македонија, се разбира и во другите земји, го следат животот и политичките движења: еднопартиското (комунистичкото) -со сите свои недостатоци, и многупартиското (плуралистичкото) -демократијата, анархијата итн.

Во народот не минува ниту еден обред, обичај, ниту веселба (раѓање, венчавка и сл.), ниту народна манифестација, ни историска случка без да се појави смеата. Народот вели: “малото дете ќе го запре плачењето за да се насмее и продолжува со цимолење, танчерот го запрел орото се насмеал и продолжил, патникот подзапрел се насмеал и пак го исправил патот, орачот на половина бразда се присетил на смешното се искикотил и пак продолжил да ja превртува земјата, на погреб, кога сите се натажиле од разделбата со покојниот се превртила чаша, или некој паднал од стол или било што станало смешно ги развлекле усните и пак се слуша притаено липање и ридање. Во време на црковната миса, кога попот ќе ги пее своите мисли и пораки до бога и кога сите ќе ја подземат песната, секако некој ќе се оддели со гласот и останатите ќе прснат во смеа. И на бојното поле во најкритичните моменти смеата ги следи борците.

Македонскиот народ со посебен респект се однесува кон духовитоста на Мариовците5) и секогаш е подготвен за смеење, очекувајќи да се каже некоја шега. He постојат спротивставувања за мариовското потекло на Итар Пејо, освен една закачка со демирхисарци дека Пејо е роден во с. Железнец6), Демирхисарско од каде што извира Црна Река и дека е копиле. Мајката го родила и од страв да не биде малтретирана и да не се крене срам го фрлила во брзите води на реката. Детето си било здраво и така по водотекот стигнало до Завојот. Таму го нашол некој овчар кој си немал челад. Овој не знаел како го имаат крстено та му дал име Пејо на неговиот покоен татко. Но, тоа не е докажано, како што не се знаат останатите Пејови биографски податоци.

Пејо со своите итроштини суштествувал повеќе векови на мариовските простори, се шегувал и надитрувал со Насредин Оџа, бил српски, бугарски војник, во првото српско чиракувал, ја доживува и Втората светска војна.

По војната, во слободијата, што велат Мариовците, Пејо, носителот на главните шеги, продолжува да живее во народот и да создава сказни шегобијни. Се среќава и во Прилеп и Битола и во Скопје и во Кавадарци и во некои мариовски села каде останал по некој стар Мариовец. Ке го забележиме и во европските и прекуокеанските земји. Има сознанија дека престојувал и во Турција “веројатно на гости” кај својот учител по хумор Насредин Оџа со кого направиле некои неумесни шеги во џамијата за време Молитвата кон Алаха. Пејо е незаборавен итрец и преку надитрувањата со Насредин Оџа. Анегдотите со овие два хумористични херои се создавале со векови и векови на македонската земја поготово во Мариово. Пејо Мариовецот, ученикот прибрал духовна сила и се спротивставил на азискиот филозоф Насредин. Во големиот број на анегдоти од кои некои отишле во заборав заедно со поколенијата, а останале само поинтересните овие два лика надитруваат други-надополнувајќи се со шегите; во другите: Пејо е ученик на Насредина и испаѓа поитер од учителот, во трети ликува со итроштините, надмудрувајќи го стариот и искусен итроман Турчин, кој е заборавен, не го служи ни видот, ни слухот; додека во четвртиот вид на анегдоти Пејо е простосрдечен Мариовец, смешен пред своите Мариовци со своето незнаење и прост пред оџата со своите глупави прашања. Всушност спротивставувањата и надлажувањата претставуваат своевидни форми за истакнување на досетливоста и остроумноста. He е мал бројот и на оние анегдоти што со времето се изгубил ликот на Пејо, не се споменува неговото име мотивот се шири и прераскажува низ народот со неопределеност кажувајќи дека “се случило на овој или оној, на некој”. Таквите анегдоти се обнародиле. Спротивно на нив, има народни досетки кои се препишуваат на Итар Пејо осовременувајќи го со мислите, чувствата и постапките.

Итар Пејо останал да се шегува и во дваесеттиот век во повеќе македонски градови и села, а потоа, кога немал егзистенција во својата земја се преселил во Канада, Америка, Австралија и европските земји.

 

  • - - - 
Прочитајте повеќе: Туристички атракции во Мариово...
  • - - -