ИТАР ПЕЈО – МАКЕДОНСКИ ШЕГОБИЕЦ И НАРОДЕН СМЕШЕН ЛИК – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Пејо на пат во белиот свет

Во авионот тој се претставил по свое, како што знае и умее: со своите улавштини. Се чуди како може да лета в небо и да не сретне некој од своите дедовци, предедовци, татко, мајка и друга рода и порода. He може да замисли дека има толку “многу волна во небото”. Ако се облаци мора да има ангели на нив или од тие, натема и, да не му ги споменува имињата. Тој е послушен, спокојно седи со вперен поглед низ прозорецот. Се служи со се што му се дава, покорен е на наредбите: кога е потребно се врзува, во што му помага стјуардесата Има и такви патници кои се рашетуваат по авионот. Тој бара да се истераат надвор. “Ако се на биоскоп во Прилеп нема вака да се војваат!” му кажува на друг патник, веројатно човекот е од нашите места “Аха, му повторува, само да мрдне некој на столот во биоскопот Златан од Небрегово (Прилепско) ќе му се истопори со бастунот. Сите мирно седат, а овие само се точкаат де напред де назад” и одмавнува со главата

Во Америка Пејо стигна напладне и се смести кај пра-пра внукот од ќерката Ангелина Детето беше отишло пред десетина години и се вработило во една фабрика Пејо не сакал “да му тежи на плеќи” и побарал работичка Беше тргнал од улица до улица и се чуди не може да дооди. Одвај се вратил во квечерината. Го довел некој полицаец кога тој му ја покажал адресата Другиот ден му се нашла работа кај една вдоица12) Требало да и го ископа, исчисти и порамни дворот. Вдовицата, итра жена, се пазарила со Итар Пејо за сума долари. Ако ја сврши работата предвремено доларите ќе се удвостручат, што и претставувало мотив за надмудрување. Пејо се сложил и копал без починка. Кога видела газдарицата оти ќе ја изгуби опкладата го повикала Пеја да го нагости со доручек. Тој прифатил, се најал не знаејќи дека во него имало препарат (апче) за пролив. Пејо ја продолжил работата и почнало начесто да го тера “понадвор” та едно за друго го посетувал алето во дворот пришто времето му бегало. Газдарицата задоволно се смеела гледајќи како заостанува Пејо во работата а времето си врви. Пејо мрднал заканувачки со главата, ги слекол панталоните и гаќите платнени и продолжил да копа. Чинел копни-пушти, копни-пушти и така редум стигнал до крајот на дворот точно во одреденото време, па отрчал до газдарицата необлечен, за да не задоцни. Таа кисело се насмеала и според облогот му платила Тој и противречил барајќи повеќе бедејќи покрај копањето “го наѓубрил дворот.” Пејо во Америка и други работи вршел: купувал, чистел, тотвел, го учел јазикот, се шегувал со минувачите, со соседите и станал омилен во средината Неговите пријатели се смееле на неговите досетки и ги раскажувале и прераскажувале поради што го предложиле да води смешна емисија на радио. Слушателите со нетрпение ја чекале Пејовата емисија и со задоволство ги слушале неговите шеги. “Бре, си велел, што биле овие Американциве и за мајтап плаќале. Ние со Насредина со векови го засмејуваме народот наш и ни една лира не добивавме.”

По колективот Пејо со група учители Мариовци одел од место до место и правеле скечеви. Ги раководел некој си учител Стојан, еден од внуците на писателот Стале Попов. Навечер ќе стигнеле во некое село, ќе кажеле смешки и разни ѓаволштини и откако ќе поткаснеле во кооперацијата пешки ќе се врателе во Градешница. Кога виделе оти нема леб од оваа работа се распрснале ваму-таму. Пејо, подработувал во месарницата кај Дрцко. Се збирало илје-милје народ да го слушаат Пеја и да се смеат. И кога и од тоа немало вајде (корист) Пејо ја летнал за Америка. Еве сега во Америка, во една македонска колонија се накренал: облекол чисто руво, ставил лаковани кондури на ноџиштата (одвај нашол таков број-куси и широки), облекол кошула што се запетлувала, ставил вратоврска црвена како мисир, ја покрил глаучката со шешир, море клал и зрцала темни за да не го мавало сонцето в’очи и заличил како на битолски конзул. Тој беше ги паметел битолските конзули по облеклото, шеширите и чевлите. He минала година во Америка Пејо веќе чисто баткал (говорел) ингилиски со по некоја дума мариовска. My дошле будалите мисли за да се жени. И во една радио-емисија изјавил дека сака да стапи во брак со таква и таква особа. Слушателите сметале дека кажува некоја од своите шеги. Потоа објавил и во весник.13) По некое време на определеното место за средба пристигнал некој ни машко ни женско. Нацрвен во муцките, напудрен, облечен во женски, a ваму по ноџиштата влакна. Во одот џграба полошо од Пејо. Дури и се препнал од високите топуци. Пејо се претставил, а тој – таа го прегрнал и шлак-шлак со устиштата по образите Пејови. Mope почнал и да го штипка. Тој итро и’ го слекол мантилот и што ќе види маж со долги гаќи. Почнале да се дрмолат на улицата и полицијата ги забрала в станица. Таму биле сослушани и обајцата казнети: Човечиштето заради прелага и врескотници на јавни места, а Пејо заради неред на улица. Во Америка не било грешка и казниво, кажува потоа Пејо, да се земаат машки со машки овај што вели народот наш со давајгазиња. “Mope што немало по светот”, се чудел Пејо ама си спомнувал дека и во Македонија имало такви налижани како овој мислејќи на Јорго трговецот од Солун, кој многупати, кога влечкал сол во анот побарувал да се грвали со мажи.

Јадосан Пејо од прелагата беше ја минал границата и се нашол во Канада. И таму нашол Мариовци. Во градот Торонто се вработил во една кафеана и по цел ден точел пиво. My се видела работата како да не е за машко оти во Македонија анџиките тоа го правеле отишол в берберница да се истрижи и да фати усвет по белиот свет. Во берберницата14) беше го пострижиле, му ги исекле ноктите од рацете, кога му собуле чевлите берберките се разбегаа од лошите реи. По кратко време стигнала полицијата и го казнила заради немиени нозе. Мрднал со главата и решил да побегне и од оваа земја. Си вели на заминување “Овие Канаѓаниве биле побудали од Американците, казнувале и за нечисти ноѕе”. Заминувањето од Канада не било бегање од казните и законите, ами овој Итрец беше познат по својот авантуристички дух.

Во едни неделни утрински часови слетал авионот во Австралија пренесувајќи го Пејо Мариовецот со големи куфери и патнички торби. Го пречекал неговиот внук од седми појас15) (колено) по име Бино. Времето дождливо, влагата в коски влегувала Пејо се наметнувал со гуњата понесена од славното Мариово.

Австралија е земја на сите народи од светот. Македонците пррд се се населени во Сиднеј, Мелбурн, Гелонг, во крајбрежјето. Има и во други места – ловци на диви животни, одгледувачи на овци, кенгури и други тамошни животни.

Пејо се шетал низ улиците од Сиднеј и за чудо се сретнал со Насредин Оџа. Го загледал во градскиот парк во близина на споменикот на кенгурите од една клупа каде продава боза На минувачите му е интересен поради облеклото, садот со боза, неколку чаши наредени на појасот. Вика на цел глас рекламирајќи го квалитетот на пијалакот. Минувачите се послужуваат и мрдаат со главата. Некои се свртуваат кон другата страна и во шамивче се ослободуваат од напитокот. Кога намалил народот Пејо се доближил до Насредина и срдечно се поздравиле, прегрнати “ронеле солзи радосници оти и ваму, преку мориња и океани се сретнале”, и си ги кажувале своите дотогашни животни сторенија, патила и патишта што беше ги минале. He заборавале да си кажат и по ‘некоја досетка. Насредин плачливо раскажувал како му починала неговата жена Емине, “се спасила од патилата и него го куртулила од давачките”. Пејо го потсетил на чевлите од хартија што и купил на Емине во Прилеп16), на магарето што го продале на Алија заптијата17), на Митрета касапот што му продале месо од муле кажувајќи му дека е од теле18) и за ред други сојтарилуци што не беше ги заборавиле.

Во Австралија Пејо се сретнал со црнци, Кинези, Јапонци, домородци, и народија од сите краишта на Македонија, Србија, Грција, Бугарија, Италија и други земји. He може да се изначуди на бојосаниот народ на црнците-поцрни од газерот на котлето што го употребувале на мандрата со татко му. Кинезите жолти како смил, со очи одвај да им ги видиш, Индијците ем црни, ем жолти, и домородците како брави во косиштата. За сите Пејо нашол опис према неговите знаења и умеења.

Пејо беше по табиет (карактер) нескротлив и камен што се тркала та не фаќа земја. Најпрво се вработил кај една богата вдовица. Слугувал се што му се барало и не се жалел од работата, освен од масирањето на плажа19) и биењето шега со саатот на нудистичката плажа што беше му ја измислиле прилепските печалбари.20) Во Австралија Пејо извиде и прошета низ многу градови и села. Внукот беше го вработил и како фармер. Поточно кажано: беше го оженил со една вдовица фармерка по потекло од Воденско, дојдена ваму пред триесеттина години. Таа го почитувала зашто многу и бил “поризен” (послушен) и “куветлија” -издржлив. Времето минувало а Пејо си го терал животецот по свое. Којзнае до кога ќе останел на фармата и во Австралија ако не му се случила маката со автоматската млекомолзачка21) и ако не паднел тешко болен од дождовите што не престанувале ни дење ни ноќе. Неговиот внук Бино се жалел на неблагодарноста на својот пра-пра дедо зашто без збогум избегал што не е обичај кај Мариовците.

Bo Германија Пејо стигнал есента и се прибрал кај Цвета -бригадирката од Гостиварско со која се знаел од работните акции кога се градела земјата југословенска. Прво се вработил во фабриката за автомобили, а после отишол за чувар во друга фабрика за разнесување буриња со пиво. Немал ни ситка ни преситка, нити постојаност во една работа. Лесно ја наоѓал, полесно ја напуштал. Пејо бил познат со неговиот лесен карактер што вели нашиот народ: “што наум то на друм”, и “од денес за утре”, Мариовците за него велеле: “лесен ум-лесен живот”. Тој со никого не поведувал кавга, нити го озборувале, не се мешал во туѓи работи, во друштво знаел да молчи и внимателно да го сослуша соговорникот, на болен и сакат (инвалид) не се смеел (не се биеше шега), не поткажувал, не пушел, не пиел бојосани пијачки освен мариовска лута, што ја немало ваму, ама се прејадувал. He бил алчен за богатството, поткрадувал заради смеа, најадување или да му помогне на други. Во него имало голем фанатизам (претеран занес) кон своите Мариовци. Многу сакал да се бие шега за горделивци, попови, простаци, незнајници, мрзеливци, меракливци на вино и ракија и да ги исмејува. Лесно бил прилагодлив со средината и со успех ја извршувал работата па макар и не му било по ќефот. Така било и со чувањето на кучката на Швабицата (Германката), што му донесло многу смешни згоди и незгоди22) кои потоа се прераскажувале со потсмев и пренесувале меѓу македонските работници во Германија. Пејо се чудел со Германците, кои према него: “нити на жив се смеат, нити на умрен плачат” a се грижат повеќе за домашните миленици: мачки и кучки отколку за челадијата (децата). Парите ги трошат, раскажува Пејо, за безвредни нешта, за кучки и мачки и многу се лутат ако му го клоцнеш кучиштето или му ја гибнеш мачката. Пејо морал кучката да ја носи на фризер, редовно да ја бања со специјални сапуни и на одредена температура, да ја шета катадневно во градскиот парк само по една патека, да ја храни и во одредено време да ја става в кревет за одмор. Одењето кај ветеринарот за проверка на здравјето кучкино за Пејо било најмачно. Најнесфатливо му било поправката на забите на кучката, возењето со трамвај во негова придружба и носењето на таа врашка кучка (како тој велеше) на неуропсихијатар заради лекување на нарушената нервна кучкина расположба. Мариовците на глас се шегачат со него кога ќе го сретнеа Пеја во трамвај или на улица со кучката. Co Швабицата се разделил откога пцовисала кучката.

Пејо крадел ако не му се дадело што ќе посакал иако бил свесен дека во Германија не проштаваат законите што може да се дознае од анегдотата “Денес свирам, а утре ќе се чуе”.23) Пејо не можел да ги сфати германските закони зашто за него биле престроги и чудни. Тој можел во неговото Мариово слободно да се капи во секоја река, да ги измие ноѕете и “да се олесни”, а ваму не си смеел ни едното, ни другото зашто реките биле природни реткости и заштитени со закон. Пејо скапо го платил неговото “леснење во реката” иако направил шега за која Германецот останал глув и изрекол строга казна24).

Итар Пејо бил сакан и почитуван гостин на македонските викенди заради неговите весели досетки. Во отсуство на анегдоти, кои повеќепати ги раскажувал и прераскажувал, тој го забавувал народот со поставување прашања за добивање смешен и интересен одговор. Бил весел и радосен дека е меѓу своите Македонци. За пеење не беше му делиле, ама за зборување и смеење немаше рамен за него. Посебно биле интересни неговите прашања со малку вулгаризми, што доликувале на неговиот речник. Прашањата за смешните одговори за ракијата, за разликата: волна-коса, за скакулецот и други претставуваат цели анегдоти собрани во една мисла25).

Македонската емиграција во Европа и прекуокеанските земји се здружени во своите клубови, црковни општини и други форми на организации. Во Германија постојат друштва и клубови скоро во сите градови каде има доселено поголем број Македонци. Во помасовните и побогати клубови и друштва има и вработени лица со задачи да се грижат за реализирање на програмата, за хигиената, прибирање на поштата и другите потребности. Обично се вработуваат пензионери или повозрасни личности кои не се во состојба да вршат физички работи. Во еден од германските клубови бил вработен и Итар Пејо Мариовецот кој беспрекорно ги извршувал обврските. Македонските клубови се често посетени од пејачи, поети, писатели, политичари од својата матична земја. Co нив (гостите) како тие се викаат има интересни згоди и незгоди поврзани со ликот на Итар Пејо, од кои ќе се спомене случајот со попот кој продавал “света земја” и наплаќал за една кесичка по 10 германски марки. Пејо ја открил неговата лага и го истерал26).

Итар Пејо дознавал за состојбата во Македонија, за новите политички движења од дојдените и се нервирал поради настанатите општествени тешкотии. Се правеле вицеви и афоризми27) на сметка на новата власт, на сметка на минатиот социјализам и комунизам, што веќе го погребале. Разговорите течеле меѓу Пејо и гостите срдечно пријателски, дволично, што велеле двата на разделбата, според нивните подоцнежни кажувања. Пејо многу бил огорчен од лошите кажувања поготово од веста дека во Мариово не останала ни жива душа “поради преголемата грижа на власта за неразвиените краеви” и дека нивите потревиле и станале угари, шумите ги исекле комунистите правеле мебели, рудата ја ископале и ја продале на странците, успеале селата наполно да ги испустат, народот мариовски раселен по светот, почнал да го заборава јазикот и обичаите и него – нивниот херој Пејо Итроманецот.

 

Booking.com