КОЈ ШТО СТОРИЛ — ЌЕ НАЈДЕ – ЛОВЕЧКА ПРИКАЗНА — ВИСТИНСКА ВИСТИНА – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Раскажува дедо Никола петшсенаесет години разни ловечки приказни,

се фали како отепал со една пушка див крмнак и мечка, море — лисица и два зајака, педесетшеесетседумдесет волци, зајаци веќе, ни коса на главата нема толку; на срните не им го знае ни бројот, а елени, лебами, над дваесетина. И тоа, само машки. Кошутите, од греови, не ги тепал. За диви свињи не можеше да се сети колку отепал, но никоја година не хранеше крмнак дома, ами велеше:

„Зошто да ми го јаде брашното (кое не му стигаше за децата) кога си имам булуци свињи во планината?” И навистина, штом ќе му се пријадеше свинско месо, дедо Никола си навраќаше долу Опстраница и ќе начекаше некој булук по жирот под дабјето. И — бууум со Шарка или шејшането, еве му свинско месо. Барем така кажуваше на Балевото крчмиче, та кој му бил дома да го види дали свинско месо вечерал, или лути пиперки.

Но еден ден го снема дедо Дарка. Бре каде е, што стана со него, се чудеа и се прашуваа неговите слушачи, ама жалната вест допре до нивните уши. Си дојде Стојан Андов од Опстраница и ја објасни работата.

На дедо Никола му се загадило зајачко, срнско, еленско и свинско месо, но затоа пак страшно му се пријало козје. А бидејќи ни еден ловец не одеше, ни по овци, ни по кози, тоа и дедо Никола немаше ни уште од овие животинки. Оние три кози и прчот што му ги даде сватот Кунде за сестра му Бисера видовме, си ги каснаа со татка му, бог да го прости, уште истата зима.

Зошто му се пак на ловец питоми кози и овци кога има булуци диви? Овците им ги надоместуваа срните, козите, — дивите кози и зајаците, та дури и говеда не им беа потребни. Тука беа елените ако им се внушеше нешто за говедско месо.

И како што ви реков, му се пријало на дедо Никола козјо месо, си го зел шејшането еден ден и им прешол на дивите кози во стрмните галишки скрки. Знаете, дивите кози виреат по урвините, збрдните терени каде ретко човечка нога стапнува. Ама, дали го задржуваше нешто стариот ловец Дарка, та и збрдните непроодни кичери?

И тој си го зел шејшането и ми прешол. Така расправаше Стојан што ја донесе тажната новина. Овдеонде по стените, се качувал, се јазел. Ги собул и опинците да не се лизне надолу по стената и го видел еден пусти див јарец како магарец голем. Застанал пустината токму над дедо Никола, а овој одвај се држел на спилата фатен со едната рака за некоја габеринка или карпа. Го видел, вели Стојан јарецот и со едната рака му го навртел шејшането, оптегнал за ногата и ова замаглило пред него. Но, дури да се соземе дедо Никола, да се позадржи и со другата рака за грипата, јарецот се стркалал надолу од стената од педесетсто метри височина и кај ќе падне — право врз дедо Дарка наш. Го лупнала тежината од дваесет стари окн од сто метри височина, се искорнала и габериката за која се држел дедо Дарко и тој, кутриот, му се придружил на јарецот уште стотинадвесте метри надолу од кичерот. Паднале двајцата во една провалија, се содробиле и дедот издивнал уште со паѓањето. Се собрале орлите некоја недела на нив, но и тие не можеле да ги извадат, а камо ли човек .да можел да се доближи. Така дедо Никола ги остави коските во провалијата.

Се разбира, сите го изжалија дедо Дарка што нема кој да им раскажува ловечки приказни ама многумина си рекоа: „ШТО СТОРИЛ — НАШОЛ”. Крвта од отепаниот дивеч го повлече да ги плати тие тешки греови.

Ако не е и оваа приказна од оние неговите: „Ако е вистина — голема лага ќе биде”.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com