ЛЕЗЕТ ПЕЕЊЕ – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

—           Најпосле умре и бабата Румена, бог да си ја прости, а?

— го пречека Ристе Тотков својот пријател и комшија Петка Сербесо и му ја пренесе ноќешната новина за смртта на најстарата баба во селото.

—           Ќe умре, ами не ќе оди жива на господ! Денеска она, утре — ти, другден — јас, така одат тие работи. Жив на небо никој не отишол, — му одговорил Петко и си го продолжил патот кон дома.

Умре бабецот со една едиствена желба: без поп да не ја закопуваат; макар преку триста села да го браат и да го најдат.

Заветот е завет. Последната желба на човека мора да му се исполни колку да е тешка и скапа.

Но овде немаше никаква тешкотија, никаква скапотија. Селото си имаше поп и сите што умираа и сакаа поп да им забрчи, го викаа и тој ги задоволуваше тие потреби. Кoлкy за скапотија не би имале што да речеме. Земаше илјадарка за закоп, па, ако се погледне на општата скапотија на животот, не беше, ни скапо, ни евтино. Идеше на ред. Главно, море, го имаше, та кому му треба нешто и поскапо да го плати, ќе биде задоволен што ќе си сврши работа. За тоа дедо Коле Лопата (дедото на бабата Румена) ич не се праша (колку ќе му земе попот), ами дали е во село; да не отишол нешто в град или во некое друго село по некоја ваква или слична работа. Веднаш ги прати сина си Ричка да види дали е дома попот.

Отиде Ристе кај попот и уште од портата праша:

—           Дома ли е, невесто Стојно, дедот поп?

—           Дома е, Ричко, дома е, којзнае дали ќе ти сврши работа; тешко е болен, — му одговори ќерка му на попот.

Ристе влезе во одајчето каде што лежеше старецот, го поздрави, му бакна рака и му ја пренесе желбата од мајка си Румена.

—           Ама што правиме ал, бре Ицо? Еве, јас три дена сум на постела; којзнае дали ќе можам да станам, та веќе за одење — чекор не можам да пречекорам, — почна да се жала попот, не толку што не ќе и се исполни заветот на баба Румена, ами ќе му се лизне илјадарката од рака.

Ристе се успокои, само кога го најде дома.

—           Лесна работа, џанам; само нели си дома.

Лежи си ти сега дури ние да се спремиме. Кога ќе бидеме готови, ќе дојдам, ќе те земам.

—           Ама како ќе ме земеш кога не можам ни на нозе да стојам?

—           Нема нужда да стоиш на нозе. Ќе го доведам Марка мој, ќе му се качиш со кадилницата в раце и ќе ја испратиш бабата Румена до вечната куќа. Ете како ќе свршиме работа.

—           Така нека биде — рече попот и ја виде веќе илјадарката во џебот. — Ама и ти ќе ми помогнеш во пеењето, оти како многу ми дери грлото, — го замоли попот Ристета, бидејќи Ристе потпеваше в црква.

—           Ќе ти помогнам, ќе ти помогнам; што е тоа лав не помагање. Јас, ете, помагам на јабанџии не пак за својата мајка, — го успокои Ристе попот и си отиде да помогне дома околу спремањето за закоп.

Татко му Коле беше ја заклал јаловицата, Ристе нацепи дрва, донесе вода, ја запали фурната, пригоди вино, ракија и така го дочека времето за кревање на мртовецот. Кога дојде и тоа, го одврза својот Марка од јаслите и му отиде на поп Бајрама.

—           Повели, попче; ти донесов пајтон да не се мачиш пешки пред мртовецот.

—           А бре ми, дали не ќе биде срамота јаваница да одам пред мртовец?, — направи забелешка попот, но Ристе со право го убеди:

—           Како одат в град поповите во пајтони, та ти да не можеш на магаре да јаваш?

И попот уште од праг му се качи на Марка на самарот, а Ристе го одведе до својата порта.

Дедо Коле, со уште тројца помлади луѓе, веќе го изнесе ковчегот со десетина оки

Руменини земни останки. И погребната процесија тргна низ селото.

Напред Ристе, водејќи го магарето за огламник; на магарето попот со кадилницата в раце си ја рече „Свети боже, свјати крепки …” Ристе го придружи, дури го надвика во песната (како за мајка пеана); по ковчегот — месарицата со тепсија печеница на глава, a пo неа многубројните роднини и еснавки писнаа да тажат.

Марко го слушна гласот од попот врз себе, го слушна гласот од стопанот Ристета пред него, па кога ги слушна сите по него да тажат, си помисли дека луѓево се натпреваруваат во викање, та и тој реши да земе учество во тој натпревар. Можеби и му се нажали за сајбицата, та ја расчепи и тој устата и и отпеа едно: О! О! О! О! колку грлото што го држеше.

Кога Марко го „Отпеа” последното О! (можеби „Со свјатими упокој), процесијата замолкна, а бабите и заблазија на баба Румена што вака свечено ја испратија до вечната куќа со толку песни; дури и таа мртва ги развлече усните во блажена насмевка. Толку лезет беше пеењето.

Попот и фрли три раце земја со благослов и другата што ќе и ја фрлат гробарите, да и е лесна; си ја кладе во џебот илјадарката, во торбата — сомунот и плешката од овцата и, воден од Ристета, си отиде дома; сврши работа и неслезен од магарето.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com