Печалбата — како да се дојде најлесно до средства за живот
— ги тера луѓето да го острат својот ум и да изнаоѓаат разни марифети за да си ја постигнат таа цел, т. е. да си го осигурат насушниот леб шо би рекол поп Тодор.
Во овој поглед особено атскокнуваат ловџиите, бидејќи нивниот занает е сиот марифет. Марифет, и тоа како марифет, — без рецепт мајсторија.
И нашите ловци Крчо и Дарко беа марифетчии за лов. „Не е лесно и така едноставно да бидеш ловџија”, велеа тие кога си идеа натоварени со зајаци, еребици и понекоја лисица барем месечно, ако не неделно. Ама тие пезевенки непара се даваа в клопка така лесно. А баш нив ги бараа потукум нашите ловџии.
— Од зајак што полза ќе видиш? — со потценување зборуваа Крчо и Дарко кога некој од подолните ловци се фалеа како отепале секој по три зајака и им ја правеа сметката:
— Хм… три зајака — три кожинчиња. По банка — три банки. He ви чине ни опинците што сте ги кинеле. Лисица, лисица ја кунатка. Тоа се вели лов, каде ќе падне свети Горѓија, ја петшест петлиња, та зајак!
И навистина, на нашите ловџибашии окото им бше по лисичките. Ама тие пустињите не се даваа в раце сколај. Токму тука треба марифети. И ловците ги наоѓаа. Обајцата можеа да кркаат како кокошки, и зајаци, да пеат како петли, да блеат како јагниња, та не една сирота лисица излагаа да им дојде пред пушка ноќно време кога тие одеа да ги чекаат на снегот под селото.
Но, тешкотијата кај овие марифети беше друга. Лисиците не беа секогаш крај селото, ами далеку по дупките и пештерите, та ретко идеа крај село, каде ловците ги чекаа и обмамуваа. За да дојдат пак имале друг марифет.
Се земаше некоја плешка од пцоисан добиток, се врзуваше со јаже или ортомче и се влечкаше по мракот далеку од селото и се оетаваше на некоја гола лединка каде блиску до неа нема заклон за ловецот.
И навистина успеваа. Успеваа да ги домамат дури под прозорец и од дома да стрелаат. Ќe го надуши кума лиса стрвот, а ваму гладна, пополека еве му ја дома на ловецот. По оваа причина и се фалеше Крчо дека неговиот загар дома му ги тера лисиците и тој од прозорец ги тепа.
Арно ама: „Каде среќа — таму и несреќа” викаат браќата Србјаковци.
Една вечер зедоа другарите еден бут од пцоисаното Дојковско магаре и уште кај ужина почнаа да го влечат од цел саат далечина. Им отидоа на дупките во Урович, па штом ќе излезат, да не губат време да скитаат по гората, ами веднаш да си тргнат по влекавиштето и совреме да им дојдат на чекачите. Оти пак на нив не им се седеше на јасникот цела ноќ, а дома невестите да им мрзнат сами.
Ноќта се погоди темна без месечина та и по таа причина сакаа да ги домамат лисиците уште по муграта да ги протепаат и да си дојдат совреме на зајачка каша.
И таман падна дебелиот мрак нашите ловци беа на место со навртени чивтиња кон стрвот. Дење носеа бојни пушки манлихери, а ноќе чифтиња со сачми. И што туку се заплатија и се заѕверија, навистина се запартали лисица по нивната трага. И двајцата се претворија во мртовци. Ни со нога ни со рака мрднуваат, а веќе за глас пуштање ни збор да не станува. Дури и здивот полека го пуштаа оти тие пезевенки лисици ноќе поарно гледаат од дење, а веќе за слушање им се слуша повеќе и од на зајаците. Ги стиснаа чифтињата и си кладоа на око правец — се знае во бутот од магарето. Знаеја дека кума лиса таму ќе застане да се поткрепи.
И ене ја наближи на педесетина метри. Кљавка полека, полека, се трга, поттрчува. Право ја држи трагата. И кога се наведе и веднаш заглода, чудно им стана на ловците, ио немаа време да размислуваат: „оти, човече, оваа лисица не заобиколи околу стрвот како што правеа другите, ами веднаш заглода? Треба да е многу гладна” си помислија обајцата другари и како да им беа слеани мислите, оптегнаа за орозите на чифтињата така едновремено што само една пушка пукна. Но место да се стрчнат да ја земаг отепаната лисица тие станаа простум и како колје останаа да се чудат, бидејќи „лисицата” почна страшно да квичи и да се влечка кон кив. Кваувиу, кваувиу. Дарко и го позна гласот на Лиса негова и беше убеден дека тој сам без Крча и го тргна чифтето, а Крчо се направи недоветен и се извини пред другар си што не му фатило чифтето, само да не разбере оти двајцата ја отепаа Лиса. Ама можело ли пак да не се разбере? Самиот тој попосле му се исповеда на другар си дека заедно тргнаа, но само една пукна.
Ја одраа Лиса и утрото вечер пак на неа докаа една навистинска лисица, ама останаа само на Крчевиот загар за да им ги тера дома зајаците.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com