Мариово

Booking.com

Автори:

Стојан Б. Ѓуровски, Прилеп

Ристе М. Николовски, Прилеп

Блажо Л. Димитров, Скопје

„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г

Вовед.

– Досега за Мариово е доста пишувано и тоа од автори кои просторно се далеку од Мариово и автори кои потекнуваат од самото подрачје. И кај едните и кај другите се среќаваат одлики за овој регион (податоци) кои датираат уште од рано византискиот период, рано христијанскиот период, средновековниот па и денешниот. Може и затоа за Мариово се среќаваат различни податоци за неговото историско постоење, неговото пространство, надморската височина и името.

Не би се задржале во трудов и не би сакале да ги разјаснуваме сите овие наведени податоци за регионот, но ќе кажеме дека Мариово постои и неговото име е опишано во литературата како настанало. Иако повеќе автори се задржуваат на потеклото на името се чини дека науката се уште не го дала последниот збор.

Мариово, Мориово, Мерихова, Марина, Морина се имиња кои што често се пишуваат и изговараат, а поаѓајќи пред се од легендите.

 

Географска положба.

Лоцирано во етничките граници на Македонија, Мариовскиот регион го зазема нејзиниот централен дел. Го зафаќа средното сливно подрачје на Реката Црна. Од сите страни е заградено со пространи планински масиви: Ниџе и Кожуф од југ, Селечка Планина од запад, Дрен Планина од север и Козјак со ограноците на Кожуф Планина од исток и сместено во овие граници како простор претставува една специфична природна целина.

Според добрите познавачи, границите на Мариово, главно се движат по сртовите на споменатите планини и се наоѓа помеѓу 40° 32′ 56″ и 41° 15′ 07″ северна географска ширина и 22° 32′ 56″ и 22° 04′ 15″ источна географска должина.

Во овие свои граници просторот Мариово спрема некои автори зафаќа површина од 1.038 км2 и претставува 4% од вкупната територија на Република Македонија, а спрема други 1.390 км2 со просечна надморска височина од 1.090 м., и спрема трети од 836 км2 и просечна надморска височина од 700-1000 м., според некои 1.000 км2, 1.018 км2, 1.038 км2, 1.153 км2…

Во опишаните граници на регионот биле често населени повеќе од над 40 населби од кои денес и неколку не постојат под ударот на турските зулуми, миграцијата (migratio – селење) и емиграцијата (emigratio – иселување) и суровите услови на живеење. Денес во Мариово ги нема селата: Трново, Врпско, Гудјаково, Петалино, Клиново, Туманово, ‘Ржаново, Костеново, Лешница, Лисец, Сатока, Црничани, Мелница, Пешта и Калиште.

Денес во Мариово постојат (односно живуркаат) следните населби: Вепрчани, Витолиште, Бешиште, Живово, Дуње, Кален, Кокре, Крушевица, Манастир, Пештани, Полчиште, Чаниште, Брник, Будимерци, Градешница, Зовиќ, Ивени, Маково, Старавина, Рапеш, Орле, Груниште, Рожден, Галиште и Мајдан.

Споменатите населби спрема народот на Мариово се простирале во Горно и Долно Мариово. Па и самите Мариовци така се нарекувале.

 

Природни одлики на Мариово.

– По истекувањето на Мариовското Езеро, на идниот простор на Мариово, се развиваат различни облици на релјефот и климата. Затоа Мариово релјефно и климатски е мошне интересно подрачје во Република Македонија.

Според некои автори (Д. Манаковиќ и Т. Андоновски), релјефот во Мариовската област е мошне комплициран. Оваа област со еден дел од Козјак Планина е во Вардарската зона, додека другиот западниот е во пелагониската антиклинала. Во нив се среќаваат различни елементи настанати на различен начин и се наоѓаат во различни фази од својот развиток. Од една страна се масивите на Козјак и ограноците на Кожуф, а од друга Ниџе со Селечка Планина. Помеѓу нив е спуштена Мариовската котлина. Поголемиот дел од релјефот е наведнат кон течението на Црна Река. Ваквата условеност ги предиспонирала и правците на протегањето на речните текови освен на долниот тек на Бела Река каде е извршена пиратерија, а ги има и на други места. Регионот Мариово има разновиден релјеф со премин од високопланински дел во ридски, а потоа во високо котлинско рамничарски предел. Во ова подрачје се издвојуваат три тектонско морфолошки целини: област на високопланински била и долини, област на еруптивно ерозивни површини и дното на Мариовската котлина која е делумно рамничарска и испресечена со водени токови.

Погледнато Мариово од аспект на сеизмотектонските карактеристики се наоѓа во централниот дел на пелагонискиот масив и претставува стабилен блок во тектонска и сеизмолошка смисла. Во минатото во Мариово не се случил ни еден земјотрес од локален карактер. Сите земјотреси што го потресле Мариово се случиле надвор од подрачјето.

Најблиско сеизмогено подрачје на Мариово е Мрежичко кое се наоѓа во рамките на Вардарската зона. Во 1910 година, Мариово го почувствувало силниот земјотрес од ова жариште со интензитет од VIII степени пo МСЅ.

Второ сеизмогено жариште по оддалеченост е битолското подрачје од каде во 1958 година е случен земјотрес со интензитет од VII° пo МСЅ. Најсилниот земјотрес во Мариово е почувствуван 1931 година во валандовското сеизмогено жарнште со интензитет од Х° по МСЅ во хипоцентарот.

Што се однесува до мегленското сеизмогено подрачје, влијанијата врз Мариово се со помал интензитет затоа што земјотресите од ова подрачје се со умерен интензитет.

Од погоре кажаното и составот на релјефот може да се заклучи дека Мариово е сеизмички стабилно, а тоа значи погодно за фундирање, градење на сите типови инженериски објекти.

Климатски одлики.

– Тргнувајќи од метеоролошките параметри набљудувани за период од 30 години, Мариово го карактеризираат три климатски зони: модифицирана медитеранска клима (долината на Црна Река и во еден тесен појас до Тиквеш) со максимум врнежи во пролет, во месец мај, и есен, во месец ноември, a со минимум во лето; умерено континентална клима – слична на климата во Пелагонија со максимум на врнежи во ноември, минимум во мај, а најсушни месеци се јули и август. Го зафаќа ридскиот и терасестиот дел од ова подрачје; планинска климатска зона која го зафаќа просторот од падините планински страни на Ниџе, Кожуф и Селечка Планина. Во оваа зона 60% од врнежите паѓаат во вид на снег во есен и зима.

Есента е секогаш потопла од пролетта за 2 – 3°С просечно годишно.

Спрема тоа Мариово има мошне поволно климатско поднебје, a се гледа од зоналниот распоред на климата.

Климата придонесува за поволна целокупна активност на луѓето во регионот, а пред се се одразува во земјоделското производство, шумарството, сточарството, водениот режим на реките и воопшто на целокупното стопанство на овој крај од Република Македонија (спрема Станко Станковски).

 

Некои природни богатства на Мариово.

– Разгледувајќи ги природните богатства на Мариово и добиените параметри од досегашните набљудувања и испитувања во овој контекст се важни не поради тоа со какви природни богатства располага Мариово, туку пред се колку придонесуваат за потенцијалниот развиток и ревитализација на регионот. Во оваа смисла некои од нив само таксативно ќе ги наброиме, а некои и подобро ќе ги обработиме во зависност од нивната важност.

Во погорниот текст наведовме некои од сеизмичките карактеристики на Мариово, кои што не ги сметаме за природни богатства но придонесуваат за непречена изградба на инфраструктурата.

Водениот потенцијал, рударството, шумскиот фонд и климатските услови ги претставуваат природните услови во Мариово кои го условуваат развитокот на енергетиката, земјоделството, шумарството, сточарството, пчеларството, овоштарството, развитокот на населението и просторното планирање на регионот.

 

Хидрографијата на Мариово.

– Речната мрежа во Мариово е претставена со дел од речниот систем на Црна Река на потегот од вливот на р. Коњарка па се до вливот на р. Блашица на должина околу 50 км. Всушност се работи за најдолга, најкарактеристична и наедно за најатрактивна клисура на територијата од Република Македонија, каде во најдолниот дел е формирано Тиквешкото вештачко езеро.

Притоките на Црна Река се: Коњарка, Трновица (Бела Река), Крушевичка Река, Градешка Река, Дуњска, Бутурица и Блашица.

Црна Река е најголемата притока на р. Вардар. Нејзиниот слив изнесува 5.887 км2, а должината на речниот тек е 222 км. Постоењето на една ваква артерија, која поминува низ најголемата котлина, во Република Македонија, каде што има преку 100.000 ха., погодни површини за земјоделство, отсекогаш побудувало интерес за нејзино искористување во стопанството.

Просечниот проток на р. Црна кај Расимбегов Мост изнесува28,4 м3/секунда.

Од досегашните инженерско – технички согледувања за енергетско користење на водите на реката Црна се предвидени повеќе, а битни се три енергетски скали и тоа: ХЕ “Чебрен”, Галиште” (кои припаѓаат на територијата на Мариово) и “Тиквеш” која е изградена и припаѓа вон територијата на Мариово.

ХЕ “Чебрен” – Сливна површина 4.536 км2. Површина на акумулацијата 1.540,0 ха. Градежна височина 187,5 м. Просечно годишно производство 300,0 КВч.

ХЕ “Галиште”. Намена: производство на електрична енергија Сливна површина 5.030 км2. Површина на акумулацијата 830,0 ха. Градежна височина 142,0 м. Средно годишно производство 240 КВч.

ХЕ “Тиквеш” е изградена во периодот од 1964 – 1968 година, и веќе 26 години дава драгоцена електрична енергија и овозможува наводнување на преку 18.000 ха обработливи површини во Тиквешкото Поле. Нејзината предност ќе дојде до полн израз по изградбата на горните хидроелектрани Чебрен и Галиште.

Во водостопанската основа на Република Македонија во Мариовскиот крај има предвидено повеќе мали акумулации и хидроелектран и.

Вкупното и поединечно очекувано производство за електрична енергија на ХЕ “Чебрен”, “Галиште” и “Тиквеш”, претставува околу 23,5% од технички искористивиот хидроенергетски потенцијал во Република Македонија (според дипл. инж. Илија Андоноски – Ченто).

 

Рудното богатство на Мариово.

– Мариово, од геолошки аспект од секогаш претставувало интересен терен за проучување. Во неговиот состав влегуваат геолошки формации од најмладата до најстарата геолошка старост.

Подетален опис на сите рудни појави мислиме дека би бил непотребен, со оглед на фактот што за Мариово е изработен просторен план во кој се опишани сите лежишта и појави со нивните основни карактеристики и рудни резерви, а ќе ги наброиме само лежиштата и појавите по групи.

Енергетски суровини во Мариово. – Јаглен. Мариовскиот јаглен популарно наречен “Камен јаглен” и припаѓа на групата мрки јаглени од типот на млади водени (барски) лигнити со голема содржина на влага, пепел сумпор и др.

Обемни истражувања се вршени во регионот на централното мариовско подрачје и тоа на потегот помеѓу населбата Витолиште, Манастир, Полчиште и Бешиште на кој регион се утврдени вкупни резерви од околу 111.269.840 тони, на површина од цца 14 км2 на надморска височина од 790 до 1.070 м. нв., со просечна дебелина на слојот од јаглен од над 5 м.

Од истражувањата се покажа дека мариовскиот јаглен, во однос на самозапаливоста се вбројува во групата на стабилни јаглени.

Уран. Скоро целата територија детално е проспектирана, а на интересните појави се вршени и детални истражувања, така што на некои се дадени и рудни резерви. Геолошкиот состав на Мариово е таков, што претставува потенцијал за утврдување на економски интересни резерви. Понатамошното истражување на овие терени ќе зависи, пред се, од политиката која ќе се води на ниво на Република Македонија за користење на нуклеарните суровини како гориво за термоцентралите.

 

 

Метали во Мариовскиот регион.

– Никел. Истражувањето е вршено на два локалитети: ‘Ржаново и Црна Тумба На ‘Ржаново се утврдени рудни резерви од 40 милиони тони со 1% никел.

Антимон – Алшар, Рутил – Пештани, Хром – Арничко…

 

Неметали во Мариовскиот регион.

– За разлика од останатите минерални суровини, енергетски извори и метали, неметалите широко се распространети во Мариово. Откриен е голем спектар на суровини од кои веќе некои со децении се користат.

Дијатомејска земја (7.000.000 м3), фелдспати (313.000 тони), перлит – Градешница (1.912.000 тони), дистен (700.000 тони), халозит -Градешница (2.000 тони), пемза – Витачево, доломитски песок, талк, кварц, арагонит, вулкански туф, гранити, азбест, плавучец (Бимшатајн) и други лежишта…

 

 

Намена и користење на земјиштето.

– Утврдувањето и состојбата на сегашното користење на земјиштето од аспект на условите што го карактеризираат просторот на Мариово претставуваат битен фактор дотолку повеќе што досегашните истражувања покажуваат видлива нарушеност на рамнотежата, особено на неговото нерационално и неадекватно користење.

 

Шумарство.

– Шумите, со своите многубројни општокорисни и производни функции, претставуваат доминантен фактор на екосистемот и значаен фактор за развојот на стопанството и целокупниот развој на Мариово, се незаменлив услов за живот и работа на човекот. Првото нешто со што се соочил човекот тоа е шумата, која му дала пребивалиште, храна и живот и само нејзе и е должен за достигнатиот степен на физиолошки и интелектуален развој.

Позитивното влијание што го вршат шумите врз производството на кислород, прочистување на воздухот и водите, заштита од ерозија од радиоактивно зрачење, од бучава и слично е неограничено по простор и време, а заради тоа што ова влијание е од општа корист за целото општество и за целиот човечки род, шумите се прогласени како – добро од општ интерес.

Од друга страна пак, брзиот развој на општествено – економските односи во светот, кој е наметнат од уште побрзиот техничко -технолошки прогрес, доведоа до деградација на природата. Со долгогодишната налудничава трка по максимално можна заработувачка, или пак со давање на неоправдана предност на другите области за сметка на шумарството, денес има опустошени шуми, еродирани земјишта, опасно загадени и затруени подземни и надземни води, опасно загаден воздух, драматично оштетена и истанчена озонска обвивка околу земјата и слично. Имено се сушат цели комплекси во Амазон, со топењето на ледените површини се предвидува за 100 години нивото на водните површини да се зголеми и многу острови и крајбрежја да се најдат под вода.

Зачувувањето и унапредувањето на шумите има големо влијание за ублажување на поголем број проблеми со катастрофални последици. На пример, на проблемот на загадувањето мора да му се пријде мошне сериозно, зошто во светот и кај нас има поголем број на градови кои се прекумерно загадени како што се Скопје, Титов Велес и други.

Мариово, како типично ридско – планинско подрачје, се карактеризира со застапеност на бројни шумски растителни заедници. Нивната разместеност е во тесна зависност од природните услови, a пред се од релјефната структура на теренот, климата, хидрографијата, составот на земјиштето, како и од влијанието на човекот.

Просторна разместеност на шумите. – Имајќи го фактот дека во Мариово стопанисувањето со шумите е во државен сектор, разместеноста на шумите е следната: ШСЕ “Витолишка шума”, “Рамнобор – Зелка”, “Клиново 1 и 2”, “Рожден 1 и 2” и “Кајмакчалан”.

Вкупното шумско земјиште во Мариово кое отпаѓа на општината Прилеп, изнесува 11.118,63 ха. Вкупната дрвна маса изнесува околу 1.055,305 м3, а просечниот годишен прираст изнесува 25.337 м3, сечивиот етат наовој простор изнесува 16.000 м3.

Вкупното шумско земјиште во Мариово кое отпаѓа на општината Кавадарци изнесува 13.505,97 ха. Вкупната дрвна маса со која се располага на ова шумско земјиште изнесува 1.491,386 м3. Годишниот прираст изнесува 28.147,07 м3, а годишниот етат 16.713 м3.

Вкупната површина под шуми коишто припаѓаат на битолскиот дел изнесува 14.835,30 ха. Co дрвна маса од 2.352.962 м3 и годишен прираст од 49.165,04 м3, a со годишен сечив етат од 31.294 м3. ‘ Вкупниот сечив етат во Мариово изнесува 64.007 м3.

 

Сточарство.

– Расположивите природни услови во Мариово (климатско – почвени, орографско – хидрографски), расположивите ридско – планински и котлински пасишта, тревниот состав итн., од една страна, и зголемувањето на бројот на градското население и нараснатата потреба за задоволување на домашниот пазар и за извоз, од друга страна, императивно ни ја наметнуваат потребата да го запреме опаѓањето на сточниот фонд.

Според некои податоци добиени од истражувањата во Мариово се констатира дека породните тежини кај јагнињата добиени од домашните овци (женски и машки), во однос на тие кај мерино -мелезите се во корист на мерино и приносите се зголемени за 100%.

Сo мелиорациско крстосување (домашна овца х Виртемберг овни од ФЈ генерација) се добиваат женски јагниња со породна тежина од 3,65 кг., а машки 3,70 кг. Пообемни истражни работи се вршени во оваа смисла кај АД “Агро – Мариово” од Витолиште поради што се добиени и завидни резултати.

Според некои податоци на подрачјето на Мариово се произведуваат: месо 1000 тони (јагнешко 300, овчо 300 и говедско 400), млеко 1.200 тони, односно сирење 300 тони, волна 150 тони и кожи 60.000 броја. Ориентационо, сточарското производство е наменето со околу 1/3 за задоволување на сопствени потреби, односно натурална потрошувачка, а околу 2/3 продажба, односно пазарен вишок.

Co подобрувањето на расниот состав и со зголемувањето на бројот на добитокот и годишната продукција, како и со мелиорирањето на пасиштата, подигнувањето на вештачки ливади, инфраструктурна изграденост, техничка и кадровска опременост ќе се обезбедат поголеми количества сточарско производство: месо околу 1.500 тони, млеко 1.600 т., односно сирење 400 т., волна 200 т., и кожи 80.000 броја.

Инаку таквиот фонд на овци во Мариово претставува самоподвижна резерва во живо на месо, волна, млеко и кожи кои се неопходни, не само за задоволување на сопствените потреби и за извоз, ами и во случај на одбранбена сенародна војна.

Одгледување на фуражни култури во Мариово. – Одгледувањето на фуражни култури во Мариово не било познато што не значи дека тие не можат и да успеваат. Обидот на АД “Агро-Мариово” – Витолиште со еспарзетата во Витолиште е најдобар пример. Денешното современо сточарско производство го претставува и обезбедувањето на доволните количини храна, во прв ред на фуражни култури што би се одгледувале на напуштените земјоделски површини со претходни педалошки испитувања.

Co оглед на постојниот широк спектар на фуражни култури, за подрачјето на Мариово би дошле во предвид видови кои одговараат на природните услови и на заштитата на земјиштето од ерозија. За оваа цел би дошле во предвид следните видови: еспарзета, ежавка, француски рајгрес, безосилен бромус, комунига и белодун.

Површината под пасишта на подрачјето на Мариово изнесува -38.033 ха од кои: Прилеп 66,1%, Битола 32,9% и Кавадарци 1,0%, а спрема фондот на овците – 95.000 грла се наоѓаат во Прилеп 63%, Битола 34% и Кавадарци 3%. Фондот на пасиштата и бројот на овците, респективно и на други видови добиток е во голема корелациона зависност, а тоа го потврдуваат и односите во практиката и бројките на сегашната состојба.

Врз основа на стручна проценка во Мариово, од напуштените цца 17.000 ха., можат да се преориентираат на 5.000 ха., во вештачки тревници, кои би биле пристапни и погодни за механизирано производство.

Се цени дека вештачките тревници, можат да обезбедат просечно производство од 6.000 кг/ха сено и 5.000 кг/ха зелен подраст, погоден за есенска паша.

 

Пчеларство.

– Пчеларството како земјоделско – производна гранка во Мариово била позната од дамнешни времиња за што зборуваат и пронајдените податоци од неодамна. Само едно семејство …пред пробивот на Солунскиот фронт на Кајмакчалан, по своите пчеларници имало над 1.300 пчелни семејства.

Еден од факторите за развој на пчеларството во овој крај се поволните климатски и почвени услови, заедно со биотичките и абиотичките фактори, што го диктираат растењето на специфичната медоносна флора и дендрофлора, па штета е да не се искористи за добивање на висококвалитетна храна, која истовремено е и храна и лек, и лек и храна

Медоносните прехранбени артикли во светот се уште се дефицитарни производи кои се увезуваат, а за тоа се трошат огромни девизни средства.

На терените на Мариово расте богата медоносна флора и дендрофлора која и до ден денес не е проучена и искористена од страна на пчеларското производство.

На терените од Мариово би можело да се огледуваат на најсовремен начин на пчеларење преку 30.000 пчелни семејства.

 

 

Овоштарство.

– Подрачјето на Мариово е богато со дива овошна флора – горници, диви круши, џанки, див бадем, мегриви и други, кои растат по нивите, пасиштата, доловите, меѓите, карпите и сл.

Според некои статистички податоци се проценува дека сега во Мариово има околу 71.000 родни овошки. Овошјето од Мариово е ароматично, побогато со шеќери, пектински материи, витамини, минерални материи и др. состојки за човечкиот организам.

Овошјето од Мариово е храна и лек. Треба првенствено да се користи за преработка во детска и диетална храна. Според тоа Мариово е еден редок реликт со зачувана биолошка рамнотежа за што придонесла географската положба, изолираноста и екстензивноста на стопанисувањето.

 

Природни реткости во Мариово.

– Според истражувањата на специфичните природни објекти и простори евидентирани се природни вредности и реткости на територијата на Мариово, кои врз основа на општо определените природни вредности треба да бидат сочувани како вредности од национално значење. Применувајќи ги критериумите на научна вредност, исклучителност и реткост, културно – воспитна, еколошка, просторно – обликовна, рекреативно – здравствена вредност, карактеристичност и особен општествен интерес, овие објекти според Законот за заштита на природните реткости се подредени во следните групи:

Строги природни резервати: “Редерот” кој се одликува со сочувани борови состојби, а посебно белиот бор кој е карактеристичен за ова подрачје, а сочуван на примарно станиште. Делумно се сретнува и елата и тоа на простор чија површина изнесува 1.909 ха.

“Козјак” се простира помеѓу Козјачка и Гарванска река, a е ограничен со Коленеш (1272 м. н. в.), гребенот Црна Тумба, Козјаков Камен (1629 м. н. в.) и Голем Козјак (1814 м. н. в.). Во резерватот ее истакнуваат шумите на црн^от бор во месноста Црна Тумба со површина од 614 ха.

 

Научно – истражувачки резервати

– “Змејкова Тумба” го опфаќа просторот на сливот од Бела Река, на планината Ниџе и е карактеристична по добро сочуваната шума од црн бор.

“Рожденска шума” се наоѓа кај локалитетот Мала Круша на источните падини на Козјак со добро сочувана стара шума на бел и црн бор. Истото се однесува и за локалитетот “Перун”.

 

Посебни природни резервати.

– “Бело Гротло” се карактеризира со зачувани остатоци на молика (Pinus peuce) иако на релативно мал простор, а интересен е за науката и практиката што овие остатоци се сочувани на варовнички почви (614 ха).

 

Споменици на природата.

– Од геолошко – палеонтолошко -минеролошко потекло се: “Алшар”, “Пулиќ” и Манастир; од геоморфолошко се: Бешиште, Бринитски водопад; од фитоценолошко се: Бело Гротло, Менкова Ливада, Тумба, Пулец, а од хидролошко се: Бела Река, Градешка Река и Црна Река.

Меморијални споменици: локалитетот Галишка Леска.

Мариово располага и со објекти од културно – историско наследство за кои ќе стане збор покасно во трудот.

 

ПСИХО – СОЦИЈАЛНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА МАРИОВО

За Мариово времето како да застанало. Мариово се уште не е доиспитано. За него има доста да се каже, а секое село во Мариово има своја приказна и своја тајна.

Археологијата зборува дека Мариово во далечната епоха било населено со трачанско и илирско население, кое покасно се асимилирало по доаѓањето на јужнословенските брсјачки племиња кои тука се доселиле, па спрема некои археолози, од ова време датираат и имињата на географските објекти и населени места. Има пишани документи кои зборуваат дека уште тогаш постоеле локалитети на рудници како што се: Белуче – Дуње, Рамна Нива – Врпско, Чуките кај с. Манастир, Мајдан кај Рожден. За овој рудник и рудникот во Витолиште (фелдспат и лискун), се експлоатирале и покасно во XII век, a 1891 година, била мошне заинтересирана за експлоатација и една француска фирма. Ова зборува дека рударството во Мариово бележи своја традиција уште од античко време, а особено било развиено во раниот средновековен период.

Во Мариово уште од византиско време постојат манастирите во с. Манастир, Бзовиќ, Мелница и Книно. Од ова време и првпат се споменува ова подрачје (како што во почетокот нагласивме) под името Мерихова (119 г.).

Судбината на Мариово низ историјата е поврзана со Прилепската, Тиквешката и Битолската област и низ својот развиток изменило неколку господари но повеќе формално отколку вистински. Било под власта на Бугарија, Србија, Византија, а за време на Цар Самоил Мариово е во состав на Самоиловото царство. Иако споменатите царства и кралства речиси непрекинато воделе борби за превласт над Вардарската долина, Тиквешките, Битолските и Прилепските предели – кои траеле до создавањето на Самоиловото царство и во вакви историски околности, Мариово поради својата изолациона положба не само што го зачувало своето, туку имало и стратегиско значење и повеќе векови послужило како тромеѓе во спречувањето на византиското, српското, и бугарското влијание па такво останало до идењето на Турците на Балканскиот Полуостров Надвор од непосредното влијание на средновековните балкански држави Мариово останало пред се на својата природна и географска одлика и на цврстата компактност и солидарност на населението. Засолнато и одвоено од соседните области поради големите гранични планински масиви и сосема слабите сообраќајни врски остана надвор од директното влијание на трите споменати власти.

По 1357 година, цело Мариово сочинува посебно издвоено пределно и социјално подрачје кое по своите бројни и посебни карактеристики се разликувало од сите свои соседни предели и области, a се изразиле во административно – економски, социјални и етнички односи. Мариово вакво останува до потпаѓањето под Турците, односно по загинувањето на Крали Марко кој останал во мариовските преданија опеан и славен. Во рамките на релативно пространото подрачје во текот на целиот среден век главното популационо и етничко јадро на Мариово го сочинувале селските населби на Старо Мариово, кое наедно претставувало и географско јадро на целото мариовско подрачје, така што преостанатите селски населби во Малото Мариово почнале уште тогаш да доживуваат некои мали и не толку значајни етнички, фолклорни и други нијанси на разликување од оние во Старото Мариово.

Во 1389 година, Мариово потпаѓа под турска власт како што потпаднаа и Битолската и Прилепската област. Некои српски историчари пишуваат дека на навлегувањето на Турците во Мариово, мариовското население не им се спротивставувало, веројатно уплашено од претходните владетели. Можеби и затоа пак мариовското население османлиите го препуштиле само на себе и му оставиле речиси полна автономија. За разлика од соседните рамничарски области османлиите не го населиле Мариово, се чини поради тешката пристапност и ограничените површини на обработлива земја, па затоа мариовското население со идењето на Турците скоро и недоживеало никаков пресврт во својот живот, освен што се почувствувало повеќе слободно и поавтономно отколку порано од другите владетели. Како резултат на ова Мариово останало најчисто и најкомпактно словенско подрачје. Затоа овде неможело да се почувствува некое посилно влијание на исламот и неговата источњачка култура, како што и порано влијание не се чувствувало од византиската, бугарската и српската црковна култура. Таа е и причината што за време на турското владеење во Мариово наполно се задржале старите словенски имиња на разните месности, биле сочувани сите манастири и цркви, а и кога се почувствувало влијанието на културата на Цариградската патријаршија са јавиле поборници и заштитници на христијанството и христијаните.

Мариово останало настрана и од емиграционите движења на македонското население при крајот на XVII век, опстојало и пред налетите на качаците, пљачкосувачките тајфи и грчките андарти. За време на турското владеење над Мариово има и други преданија и историски аргументи кои зборуваат божем дека оваа област како “земја” станало султанско и се здобило со целосна народна христијанска управа, претпоставувала посебна и полунезависна, природна и етничка социјална и политичка целина, потоа дека во Мариово т. н. “Земско време” време на целосна автономија – кога со него управувале “Земските кметови” со управа и судска власт до право на смртна казна. Мариовците имале право да избираат “земски крседар” кој ја носел титулата “војвода на Мариово”, а имал должност да ја води “земската чета” на народната самоодбрана заради заштита на областа од турските и арнаутските зулумќари и арамии.

Од ова се гледа дека и се што било позитивно за Мариово во однесувањето на османлиите сепак тие не мирувале ами почнале да збираат и разни давачки, прават насилства, збираат недозволени даноци и бакшижи – па за да го задржат Мариовците “земското време” наводно му носеле бакшижи дури и на султанот, обично подароците се носеле за Ѓурѓовден. Меѓутоа со текот на времето давачките, даноците, подароците се зголемувале, а и ги барале и другите “службени” и неслужбени лица од османлиите. Положбата и во Мариово станала неиздржлива па “во времето кога турската империја била во врвот на својата моќ” односно во “периодот на владеењето на Сулејман Величанствени” (1520-1566 г.), кого “балканските народи го запамтиле како Сулејман Строгиот” Мариовците ја организираат првата Мариовска буна во 1564/65 година, а втората во 1688/89 година.

1564 година “била првата буна подигната од поробеното христијанско македонско население”. Иако во ова време турската држава, како што погоре напишавме, се наоѓала во врвот на својата моќ првата Мариовска буна од 1564 година е првата ластовичка која ќе го најави отпорот на поробеното и експлоатирано население и се поголемото влошување на економската и социјалната положба на турската империја. (наша забелешка),. Првата Мариовска буна може да се смета и како вистинска инкарнација на првите чекори на народниот отпор против османлиското царство на целиот Балкански Полуостров.

Има историчари пак кои тврдат дека Мариово не уживало никаква “земска автономија” со “земски кметови” и свои војвода, туку дека било само хас и како такво “уживало извесен феудален имунитет”, кој не сакало да го изгуби. Мариовското население и по задушувањето на Мариовската буна, кога и биле уништени селата Сатока и Пештје, продолжиле да се бунтуваат и спротивставуваат на турската тиранија, на самоволието на турските власти, преку организираните чети на комитите бегањето, односно иселувањето од селата, па во таквите околности и состојби Мариовците ја дигнале и својата втора буна 1688/89 година. “Така горделивото и слободољубиво Мариово со својот постојан бунтовен дух и масовното народно движење долго време му служеле како пример на преостанатото поробено македонско население во соседните и подалечните подрачја на Македонија и другите поробени народи на Балканскиот Полуостров. Во тоа се состоело и посебното значење на овие две буни во XVI и XVII век”.

При пишувањето на текстот почувствувавме неодложна потреба да напишиме неколку реченици за движењето и бројноста на населението на Мариово. Пописните турски девтери од 1467 до 1519 година, покажуваат односно даваат податоци за движењето на бројноста на населението во Мариово. Така до 1467 година, бројот на населението во Мариово бил 3.415, а во 1519 година 9.264 исклучително христијанско мариовско население во 1170 домаќинства, а само три домаќинства во средината на XVI век се забележани како муслимански.

Населението во Мариово во XVII и XVIII по својата бројност варира, поради настанатите историски прилики во однос на Турците. Така под турската пресија настануваат миграциони движења од рамничарските предели кон Мариово и обратно, од појавата на арамии, зголемени турски зулуми, друмски разбојници од албанско или турско потекло. Миграционите движења во споменатите два века речиси воопшто не престанале, извршени се и значајни промени не само во селата, туку и длабоки економски и општествени промени кај населението. Некои миграционите движења ги искористиле за да се засолнат од пљачкосувачките препади на качаците, а други барајќи подобри услови за живот. Но и покрај тешките животни услови, етнографските, општествените и економските нарушувања кои ги доживувал македонскиот народ за време на петвековното турско владеење, мариовското население сепак успеало да се одржи и да ги сочува своите уште од порано создадени населби и покрај тоа што миграционите движења на населението не престанале се до средината на XIX век.

Во албанскиот поход од 1820 година, многу села од Прилепската околија биле наполно опљачкани од албанските борбени одреди. Овој поход со кој командувал Мустафа Паша, бил разбиен од страна на големиот везир Рушит Паша. За време на владеењето на Рушид Паша карактеристично е дека се стекнале можности во сите населби од Битолско и Прилепско слободно да подигаат свои цркви и манастири, па спрема тоа се претпоставува дека тогаш се подигнати повеќе цркви и манастири во мариовските села. По овој настан во Мариово не се случило некој поважен настан, покрај другото и затоа што за време на владеењето на големиот везир во целата Битолска епархија наводно биле смирени сите турски аги и бегови.

Во средината на втората половина на XIX век, а особено по Кримската војна, во Мариово како и другите делови на Македонија се чувствуваат влијанија на црковната пропаганда од страна на Српската и Грчката патријаршија и Бугарската егзархија. Меѓутоа, Мариово поради своите географски карактеристики, останало доста настрана од овие влијанија како и влијанијата на македонската културно – просветна преродба.

По двете балкански и Првата светска војна Мариово е доста стопански уназадено и наполно одвоено од околниот свет. И по пропаста на турското царство останало препуштено само на себеси, без ничија грижа за да излезе од повеќе вековната заостанатост, меѓутоа самите Мариовци и натаму продолжиле да се борат за одржување на својата гола егзистенција, станувајќи поради тоа и географската положба на самиот терен предмет на бројни проучувања. Така Мариово било интересно за големосрпските и големобугарските научни работници и публицисти по што станало попознато подрачје од било кое друго во Македонија развивајќи се како одделна социјална група со низа свои посебни и особени етно – психолошки, психо – социјални и други карактеристики.

По завршувањето на споменатите војни мариовското население почнува да се движи и за него се интересни градските населби и рамничарски краишта, па Мариовците се селат во Кавадарци, Прилеп, Битола, Велес, Скопје па и надвор од Македонија. Затоа ова подрачје е ретко населено, а нас ни е лесно да дојдеме до заклучок и сме сведоци дека и ден – денес миграцијата на Мариово се уште трае. И покрај се што се збиднувало на ова подрачје, мариовското население остана етнички чисто и се одликува со своето старо потекло, вакво и треба да се одржи за што би требало да се погрижи пошироката општествена заедница.

Доста патријархално, a пo двете светски војни и уназадено како никогаш до нив, а ниту за време на турското ропство, остана далеку од главните сообраќајници ниту пак можело да ги користи нивните благодети. Затоа мариовското стопанство имало локален карактер т.е. Мариовци со своите производи како сточарски така и шумски производи се јавувале на пазарите во Прилеп и Битола, а поретко во Кавадарци, Велес и другите градски центри.

Националноослободителното чувство кај Мариовците и понатаму се развива по што сведочи масовното учество на мариовското население и во Илинденското востание во 1903 година.

Интересно е да напомнеме дека во Мариово имало, а и се уште постојат поголем број на цркви и манастири кои датираат уште од раниот и подоцнежниот средновековен период како и од времето на византискиот период и Римјаните. Познати се Чебренскиот манастир и Свети Илија (1872) кој бил доста богат, во Кокре црквата Свети Дух, во Дуње Св. Димитрија. Во ова село уште во 1880 г. имало и училиште. Во Пештани Св. Ѓорѓија, во Вепрчани Св. Спас, а во Крушевица Св. Арханѓел. Чебренскиот манастир Св. Димитрија бил најпознат и за време на Турците најбогат. Тука работело и ќелијно училиште на старословенски јазик. Полчиште располагало со своја црква Св. Спас уште во 1892 год., а Бешиште со две цркви Св. Илија и Света Петка и со свое училиште. Исто така и Жиово имало и денес има две цркви Св. Петка и Св. Илија. Во Врпско Св. Арханѓел, а и во Книно така се вика црквата.

Влијанието на грчката црковна пропаганда најголемо било во селата: Бзовиќ, Груништа, Будимерци, Старавина, Градешница и Петалино.

Иако бујни по природа, поседувајќи регион со доста цркви и манастири Мариовците живеат во доста заостанати културно -просветни состојби. Се до 1908 г. имало 1-3 училишта и скоро лишено од престој на интелектуални работници. Мариовското население во сосема ограничен број стекнувало образование во училиштето во Витолиште кое постои од 1824 г. и кое служело како расадник на просветата во цело Мариово и заедно со ќелијното училиште од Чебренскиот манастир продуцирале учители и попови со доста ограничени знаења. Дури во 1909 г. во Витолишта ќе има трикласно училиште со интернат.

Мариово се до најново време успеало да го сочува својот автономен развој, создавајќи некои свои особени психолошки карактеристики, локални говорни црти, поинакви носии и обичаи, благодарение на непосредното влијание на специфичната географска средина и со посредување и учество на одредени социјални фактори.

Недоверливи спрема другите, меѓу себе доста солидарни и несебични во згоди и незгоди, постојано ведри и шеретски настроени, говорливи и достоинствени, тврдокорни и издржливи во тешки моменти, самоуверени во себеси и во своите творечки можности, скромни и задоволни со она што го имаат, но секогаш оптимисти во животот и иднината, надарени во својата физичка убавина, природна итрина, но и скромни во своите искуства и знаења (тоа веќе сега не е наша забелешка), вака сликовито и дословно ги опишува Јаќим Синадиноски. Денес во Мариово а особено надвор од границите на ова подрачје, па и далеку во светот има бројни и различни по структура кадри кои несебично со своите знаења даваат придонес во сите сфери на науката и културата.

Иако биле оставени – тоа се и денес, сами на себе, од околниот и актуелен свет, Мариовци поради тоа никогаш не биле оптоварени со тага, туку напротив во себе развивале чувства на одважност, бестрашност, солидарност, слободољубивост, горделивост, готовност да се брани секоја педа од своето подрачје, како и чувство на задоволство со самите себе и меѓусебна доверба и затоа никогаш во минатото па ниту сега не сакале доброволно да го напуштат своето огниште и секогаш опседнати со неизмерно патриотско чувство и носталгија кон својот регион.

При склопувањето на браковите Мариовци се одликувале со вистинско селектирање кога синот треба да избере невеста. Родителите имале важна улога во бирањето. Девојката се ценела по фамилијата (морално исправна), да биде беспрекорно здрава за да може да товара и растовара, да има голем пород. Ваквите особини од родителите се пренесувале на ергените и девојките, па така и се задржале здравите семејства и до ден – денес. Мариовци и денес поаѓаат од поговорката па велат “куче да е од сој се бара”.

Направените опсервации не само од наша страна, туку и од други пишувачи за Мариово, покажуваат дека денес некои патријархални и позитивни однесувања меѓу членовите на здруженото семејство веќе како да се во распад ја нема онаа дисциплина во строго патријархалното семејство, во кое се знаело кој е дедо, а кој е внук, кој треба прв да седне и кој прв да стане. Најстариот член во семејството водел сметка за сите членови во здруженото семејство и тој се слушал.

Кај Мариовците како и порано така и сега виреат голем број на народни мудрости и шеги преку кои Мариовците никого не навредуваат бидејќи никогаш не се шегуваат на туѓа сметка, а пред се на своја. Ако Мариовци не биле итри, вредни, расположени, бистри немало да го создадат надарениот гениј Итар Пејо.

На овие страници од разбирливи причини не ги обработуваме етнолошките и фолклорни карактеристики на подрачјето бидејќи поопширно се обработени во повеќето од приложените трудови на собирот и отпечатени во зборников, а нарочито во уводното излагање на Стојан Дарковски и Стојан Ѓуровски: “Некои основни фолклорни и етнолошки карактеристики со посебен акцент на Витолиште”.

Печалбарството во Мариово не било познато се до ослободувањето на нашата земја од фашистичките окупатори, за потоа на некои Мариовци да им стане главен извор за живеење, па заминат надвор од регионот дури и во далечната Австралија за никогаш и повеќе да не се вратат. Носталгијата ќе ги тера само да се сеќаваат за родниот крај.

Мариовската популација нагло се намалува со емиграцијата нарочито во периодот 1961 – 1981 година и тоа дури за 65,2% или дури за 8.741 жител, а само за периодот 1961 до 1981 година, за 3.637 жители или 27,4%. Или популацијата на Мариово се намалува од 14.302 жители во 1981 г., само на 4.662 жители, а за во 1991 година бројот на жителите се намали на 2093 од кои во Прилепскиот дел на Мариово 1140, Битолскиот 873 и Кавадаречкиот 80.

Од изнесеното можеме да констатираме дека популациските особини на Мариово обилуваат со доста проблеми кои се загрижувачки за иднината на населеноста во овој регион. Проблемите и последиците како што пишува проф. д-р Митко Панов се присутни во сите демографски елементи и тие јасно го нагласуваат депопулациското обележје на Мариово, со такви процеси кои алармираат на оптимална дехуманизација на просторот.

Дали во Мариово можат да се рехабилитираат и ревитализираат традиционалните норми на живеење, начинот на гледање и сфаќање на животот, етно – моралното и психо – социјалното богатство со кое со векови се одликувало мариовското подрачје? Дали овој троделен регион уште еднаш може да биде природно географско (може) и социо -економска целина?

Оптимистички настроените Мариовци го заговараат ваквиот економски развој на подрачјето, бидејќи Мариово располага со оптимални и потенцијални природни ресурси за развој, а дали ќе се ревитализираат традиционалните норми на живеење не зависи само од преостанатото мариовско население, туку и од транзицијата на општеството во општо и од нагорниот од на нашата млада држава која во границите на своите можности, а преку проекти и програми ќе го помогне развитокот.

Како и да е, Мариово со своите историски збиднувања, со “своите” природни богатства, со специфичните карактеристики не само од географско – природен, туку и од етнографски и психо – социјален карактер, како и сопственото ангажирање на населението, да ги задржи специфичните карактеристики (етнографски и етнолошки) заслужено добило своја афирмација, која повикува на општ развој и ревитализација на просторот и не заради нешто друго, туку пред се тргнувајќи од уставната определба за создавање на подеднакви услови за живот и работа на луѓето во земјата, туку и за задоволување на правата и слободите на преостанатото население во регионот. За ова да се постигне и надмине емиграцијата, самата преостаната популација повеќе од сите останати фактори треба да се ангажира во анимирањето на развојот во просторот и створи услови за подобро, поквалитетно и подостоинствено живеење.

Во контекстот на погореконстатираното, населението од ова подрачје мора да сфати и признае дека минатото на Мариово, како и секое минато е пократко од неговата иднина, па спрема тоа потребни се големи убедувања и ангажирања – да се интегрира просторот, во современа и модерна социо – економска целина чија напредна интелигенција ќе ја предлага транзицијата на регионот во корист на развојот и ревитализацијата на Мариово во поволните општествено -економски услови на Република Македонија.

 

Економски одлики на Мариово.

– Расположивите природни услови (климатско – почвени, орографско – хидрографски), расположивите ридско – планински и котлински пасишта, тревниот состав овозможуваат користење скоро преку целата година. Продукцијата им е релативно добра Bo вкупното производство на сточна храна пасиштата учествуваат со 80%, а заедно со прелозите обезбедуваат паша сса 95% од вкупната продукција на сточна храна во регионот. Недостасуваат фуражните култури, меѓутоа има услови за ширење на вештачки тревници на напуштени ораници, а пред се еспарзетата која по хранливата вредност не заостанува зад луцерката. Витачево покажа дека вештачките тревници обезбедуваат квалитетна зимска сточна храна. Од ова произлегува дека регионот за кој станува збор е погоден за развиток на сточарството кое ќе дава добри приноси и е гаранција за да учествува во економскиот развиток на Мариово. За другите ефекти кои ќе произлезат од развитокот на ситниот и крупниот добиток исто така ќе имаат големо економско значење за регионот.

Пчеларството во ова подрачје како земјоделско – производна гранка била позната од дамнешни времиња. Одредени фамилии уште многу поодамна се занимавале со пчеларење, бидејќи единствени фактори за развој на пчеларството се поволните климатски и почвени услови заедно со биотичките и абиотичките фактори кои го диктираат растењето на специфичната медоносна флора и дендрофлора, па би било штета како што вели д-р П. М. Шљахов, да не се искористи за добивање на висококвалитетна храна, која истовремено е и храна и лек и лек и храна. Медоносните прехранбени артикли се уште се дефицитарни и ги увезуваме. Ова подрачје е добра подлога за да го развиваме пчеларството, па наместо да го увезуваме да извезуваме, не само вакви производи туку и биотичка храна. Затоа што Мариово се уште претставува најчисто еколошко подрачје во Република Македонија. Светот за ваква храна е прилично заинтересиран и веќе се прават конкретни чекори на овој план во регионот.

Економските ефекти во Мариово треба да започнат и врз изградбата на инфраструктурниот систем. Сообраќајните врски за Мариово и во Мариово се мошне неповолни, во водостопанството при намената и користењето на земјиштето. Овде не сакаме да ги акцентираме ефектите од искористувањето на рудните богатства, шумските, хидропотенцијалите и другите природни потенцијални ресурси на теренот бидејќи погоре и за истите пишувавме. Повеќе за ова заинтересираниот читач може да види во зборникот “Мариово” од 1987 година, стр.387-388.

Материјалниот живот го детерминираат географската положба, населението и начинот на производството. Но истовремено овие претставуваат и ограничувачки фактори за развојот на регионот кои бараат и мораат да бидат надминати. Географската положба на просторот ја отежнува изградбата на патната мрежа за Мариово и во Мариово. Отсуството на посовремени патишта го оневозможуваат искористувањето на природните богатства, го блокира нивното транспортирање од местото на наоѓалиштето до местото на преработка. Немањето на патишта во самото подрачје дозволува слаба комуникација на преостанатото население, кое пак се рефлектира и врз социјалната комуникација врз луѓето. Споменатите услови на теренот за развиток на сточарството, земјоделието, шумарството, пчеларството, и патната мрежа се “развиваат” во услови на селска средина, захоа што овој простор не се здоби со градска населба.

Ваквите неповолни стопански услови се причина и понатаму да емигрира активното население, и да се наголемува старосната структура на населението чија активност во било која гранка на производството е примитивна при што се влошува уште повеќе состојбата бидејќи ефектите од нивната активност се мали, не само што нема просечна продуктивност туку и ниска доходовност.

За да се надминат овие негативни фактори во развитокот и ревитализацијата на подрачјето, потребно е воведување на нова техника и технологија, а врз основа на тоа и промена на популациската структура на населението.

Третиот фактор што го условува подобриот материјален живот е начинот на производство. Од досегашниот социјалистички самоуправен начин на производство Мариово немаше корист, затоа што фондовите за побрз развој на недоволно развиените подрачја многу не придонесоа. Причината за ова е што подрачјето беше и е “поделено” на трите развиени општини: Кавадарци, Прилеп и Битола, па по народната поговорка “детето со двајца татковци останува за велигден без капа”, па аналогно на ова Мариово со “тројца- татковци остана без капа” и затоа остана и пусто без население. Потребно е трите општини и Републиката да сфатат дека Мариово “порасна” и да не бидат општините ограничувачки фактор во натамошниот развој на регионот и го остават преостанатото население во Мариово да формира социо – политичка и територијална целина каква што со векови била и само да се грижи за својот опстанок и развиток ослонувајќи се и применувајќи ја пазарната економија и пазарното стопанство, во рамките на Републиката. Во спротивно проф. д-р Митра Шароска со право ја употребува народната изрека (ако Мариово и понатаму остане поделено на трите општини) ќе се случува “Мара на Ѓурѓа, Ѓурѓа на Мара, куќата останала не метена”. Оваа изрека наполно важи за досегашната состојба на Мариово па мора да се истакне и сфати дека без раководство на просторот не ќе можат да се реализираат постојните потенцијални богатства на Мариово.

Нормално е дека на овој простор треба да се измени традиционалниот селски начин на живеење и однесување. Развитокот на селскиот туризам ќе придонесе во голема мера.

Идејни проекти за развиток има, бараат поддршка од Републиката и влегување на туѓ капитал. Сето ова го предлагаме од аспект за заживување на подрачјето, создавање на услови за развиток на стопанството и инфраструктурата, за отворање на нови работни места како и надминување на примитивниот начин на живеење во повисок стандард.

Искуства во светот за развој и ревитализација на недоволно развиените региони има, а доволен е примерот за кој пишува д-р Славољуб Поповиќ – на развитокот на долината Тенеси и Апалачи во САД од 1933-1970 година. Поопширно на стр. 85-123 во книгата Регионализација во светот и кај нас, 1982 г., Белград.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Stojan B. Gjurovski Risto M. Nikolovski Blazho L. Dimitrov

SOCIO – ECONOMICAL AND NATURAL CHARACTERISTICS OF MARIOVO

 

Summary

There are several names of the Mariovo region, but the real one is Mariovo. Preparing this scientific study about Mariovo and having in mind the quoted literature, we came to a conclusion that this region has become a laboratory for the mentioned characteristics. Because of the potential and natural resources of Mariovo, The Republic of Macedonia should pay more attention to it for its importance as well. The history of Mariovo is closely connected to the History of Macedonia, but first of all to the surrounding regions.

The Geographical situation and its isolation provides special characteristics against those of the neighbours and other parts of the Republic. Therefore, Mariovo is unique with its characteristics.

Mariovo throughout the History was independent although for some time it was under Turks, Serbs, Bulgarians, Greek influence. Mariovo succeeded to preserve its specific characteristics. After the war (the Second World War) Mariovo became very poor. The authorities of this community took care of the peaple and its development.

In 1965 Mariovo has been divided into Mariovo of Prilep region, Mariovo of Bitola region and Mariovo of Kavadarci region.

So, we think by forming local Administration it will contribute to a great deal of progress and revitalization of this region of Mariovo and stop migration.

 

ЛИТЕРАТУРА

1.            Ѓорѓи Трајчев – “Мариово” трето непроменето издапие, Македонска библиотека

Софија 1942 година.

2.            Ј. Цвијиќ: “Основе за географију и геологију Македоније и старе Србије”, Српска

краљевска академија, Београд 1906 година.

3.            Д. Хациевски: “Сеизмичност на реонот на Црна Река”, Сеизмолошка опсерваторија

–              Скопје, 1978 година.

4.            ИНИ: Историјата на македонскиот народ Книга I, Скопје 1969 година.

5.            Ј. Цвијиќ: “Балканско Полуострово јужнословенске земље, книга I, Београд 1922

година.

6.            Ј. Василевиќ: “Мариово и Мариовци – Географско – етнографски преглед Београд,

1909 година.

7.            Илија Башевски: “Прилеп и околината – Природно – географски и социо – економски

проучувања, ДНУ – Прилеп, 1976 година.

8.            Мариово – комплексни географски проучувања, Скопје 1984 година.

9.            Зборник Мариово – природни и социо – економски обележја и можности за развој, ДНУ – Прилеп и ДНУ – Битола, Прилеп 1987 година.

10.          Д-р И. Башески: Мариово, социо – економско – географски карактеристики,

докторска дисертација, (ракопис), Прилеп, 1983 година.

11.          Група автори: Основна геолошка карта 1:100.000 со толкувачи на листовите,

Кавадарци, Прилеп, Витолиште и Кожуф во Македонија. Сојузен геолошки завод

–              Београд, 1973 година.

12.          Р. Петковски: Геоморфолошко – неотектонске карактеристике сливног подручја

Црне Реке, 8. Југословенски геолошки конгрес, Блед 1974.

13           р. Петковски, В. Михајлов, В. Андреевски, Б. Панчева: Геоморфолошко –

неотектонски и сеизмотектонски истражувања на сливот на Црна Река од Скочивир до Стоби, за дефинирање на сеизмичкиот хазард. Извештај ИЗИИС, бр. 81-2, Скопје 1981.

14           ГИ “Македонија”: Елаборат за класификација на лигнитското лежиште “Мариово”

и “Манастир”.

15.          “Хидропроект”: ХЕ “Чебрен” и ХЕ “Галиште”.

16.          Институт за просторно планирање – Охрид: Прилеп основен урбанистички план, Скопје, октомври 1984.

17.          Хидроелектро проект: Основен проект за сливот на Црна Река, Скопје 1961 година,

и Хидролошка основа за хидроенергетските објекти, Скопје, 1967 г.

18.          Идеен проект за ХЕ “Чебрен”, Скопје, 1964 г.

19.          Архитектонско градежен факултет: Студија за оптимална форма на лаковата брана

“Чебрен”, Скопје, 1971 г.

20.          Студија за развој на електростопанство на СРМ – Енергетско искористување на

водите на Црна Река, Електротехиички факултет, 1986 г.

21.          Атлас на климата на СРМ, 1961-1975 г.

22.          С. Станкоски: Климата во Мариово, Скопје 1984 г. “Мариово комплексни географски

проучувања”, Скопје, 1984 г.

23.          А. Стојимилов: “Географска положба на Мариово, 1984 исто.

24.          Шумско – стопанска основа за ревир – Мала Круша. >

25.          И. Станчески: Пасиштата во Мариово како природен тревен потенцијал во Мариово

природни и социоекономски обележја и можности за развој, Прилеп 1987.

26.          Беќар проф. инж. Димо: Шумско – стопански региони на CP Македонија, Економски

институт при универзитетот “Кирил и Методиј” – Скопје, 1981 година.

27.          Б. Ристески и др. “Можности за развој на овоштарството во Мариово, Зборник на

трудови 1987 г., Прилеп.

28.          Блажо Димитров: Состојба на шумите и шумскиот фонд во CP Македонија, посебен

отпечаток од “Шумарски преглед”, бр. 3-4, од 1983 Скопје.

29.          Д-р Павел Михајлович – Шљахов: Пчеларството и неговите можности за

искористувањето на природни и социо – можности за развитокот на Мариовскиот крај. Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

30.          Просторен план на Мариово, Институт за просторно планирање Скопје, 1985 г.

Просторен план на Мариово, секторски студии_за:ЈИаселение, Општостопански

развој, Индустрија, Земјоделство, Шумарство, Населби, Општествен стандард, Енергетика и Енергетска инфраструктура и Водостопанска и комунална инфраструктура, Скопје, 1984′.

32.          Просторен план на општина Прилеп, Институт за просторно планирање, Скопје, 1985.

33.          РЗС: Статистички преглед, броеви, 15, 119, 126, 129, Скопје, пописи од 1971 и

1981 г.

34.          Стојан Дарковски и Стојан Ѓуровски: Влијанието на некои социјални и психичхи фактори, на миграцијата, со посебен осврт на Мариово. Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

35.          Стојан Ѓуровски и Стојан Дарковски: Некои социјални и образовни аспекти за ревитализација наМариово, Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

36.          Митра Шароска: Надминување на ограничувачките фактори за Стопански развој на Мариово, Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

37.          Д-р Илија Башески: Предлог – мерки за економска ревитализа.ција на Мариово,

Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

38.          А. Тошески и М. Конески: Економеко значење и услови за ревитализација на

Мариово, Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

39.          В. Точковски: Ревитализација наМариово, Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

40.          f. Мраковски и Н. Белчевски: Натамошни можности за позабрзан развој на Мариово,

Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

41.          Проф. Петар Трајаноски: Континуирано планирање на условите, можностите и

активностите – главен услов за успешно остварување на зацртаниот развој на Мариово, Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

42.          Д-р Алекса Стаменковски: Значењето на Мариово за општонародната одбрана,

Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

43.          Д. Атанасовски и М. Комески: Општонародна одбрана и објективни можности за

производство на храна во Мариово, Зборник “Мариово” 1987, Прилеп.

44.          Зборник “Мариово – Меглен” вчера, денес и утре, 1990, Витолиште.

45.          Д-р Славољуб Поповиќ: Регионализација у свету и код нас, 1982 Белград.

Booking.com