Ѕидана е од камен, што е сосема разбирливо, немалтерисана е ни однадвор, ни одвнатре,
од една просторија е, без душеме, со две врати: една голема на средината од едниот ѕид и друга мала, колку за човек да помине, на средината од спротивниот ѕид. Просторијата е поделена на два дела со долга греда испружена наземи на средината, од едниот до другиот ѕид и се вика долно било. Нагоре од билото е горни крај, за живеење на луѓето, а надолу – долни крај – за живеење на домашните животни. Затоа овој дел се вика и пондила. На горни крај спружена е друга греда, горно било, за седење на гостите; тука е тланикот, подѕидок покрај ѕидот, за секојдневно седење на домашните луѓе. На средината од горни крај е ископана четвртаста дупка, од страните опточена со камени плочи. Тоа е огништето во кое се “вали” оган, на кој се пече леб, погача, булиња, се вари манџа, се топли вода и се грејат домашните во зима. Од десната страна на огништето е машкиот кат, а од левата – женскиот. На машкиот кат се оставаат само триножни столчиња за домашните и гостите, ако не седат на горното било. Во ѕидот на оваа страна има набиено два – три кола, на кои во зима се обесуваат водените сакми и гуни или котле со вода, да не го локаат пците или да го избурбатат прасињата Во ќошот на женскиот кат стојат ноќвите; до нив крбла со брашно или амбарче кај чорбаџиите, а најдолу се наредени подниците и вршниците. Над нив е кацијата за посипување.
И на машкиот и на женскиот кат има две дупки во ѕидот, кои служат како прозорчиња, но без стакло и толку малечки, одвај човек да провне глава, за да не можат да влезат арамии и да ја пленат куќата Меѓу прозорчињата има малечко камарче, во кое стои огнилото, тратта, кременот и неколку страка борина Меѓу долното било и огништето се оставаат подниците или покровите за спиење на дечињата, ако е семејството многудетно. Ним им се фрла по некое рогузинче за спиење и некое козинено покровче, а мажите и жените со некое од децата спијат на катовите и тоа постариот брат на машкиот кат, а помалиот на женскиот. Во летно време – во дворот се постилаат рогузини и козинени покрови под отворено небо.
Над огништето на гредите наредени се штици, кои го прават черенот. Од него се одбиваат искрите, за да не се запали покривот на куќата ако е од слама и ‘ржаница. На јако дрво, префрлено од едната на другата греда, е наврена алка од дебел синџир со две куки на долниот крај, на кри се обесуваат котлите за топлење вода. На покривот, над черенот има малечок отвор, баџа, преку кој излегува чадот.
На долни крај, во пондилата, се јаслите на кои се врзуваат добиците: воловите, кравите, коњите, маските и магарињата и во кои раѓаат жените. На гредите спијат кокошките, а под јаслите – свињите.
“Понекогаш прасињата прескочуваат на горни крај и спијат во една постела со децата, да им биде потопло и на едните и на другите” -заклучуваше шеговито Стале Попов.
По ѕидот на долни крај наколкани се колје со куки и без куки, на кои се обесуваат секирите. Има и две – три камари, во кои кокошките несат јајца, а на гредите во овој дел се фрлени секакви алати: рала, јареми, коси, рачки за мотики, лопати, казми, остени, ластагарки, стапови. “Добриот домаќин треба да има од се по нешто во резерва” -вели авторот. Во мутлите, меѓу ѕидот и клештилата, се фрлаат опинци, опурчаци, кожинчиња, шутки од искршени грниња и бардаци, стомни и други отпадоци, да се најдат, ако притребаат за нешто.
Под горниот крај е земникот или визбата, кој има преден и заден дел. Во предниот се чуваат: крбла, качиња, ковчеже со цевки, предена кадела, а во задниот дел: ковчезите со рубата, каците со маст, сирење, урда, пиперки, сланина, расол, кисело млеко, бочвите, бурилата со вино и ракија и други резерви од храна.
Преземено од:
„ФОЛКЛОРОТ И ЕТНОЛОГИЈАТА НА МАРИОВО BO РОМАНОТ “КРПЕН ЖИВОТ” ОД СТАЛЕ ПОПОВ“
Автор: Цане Здравковски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com