Народни верувања и кобења во Мариово

Booking.com

Извадок од монографијата „Градешница” од авторот Трајко Босеовски
Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17


Мнозина старци, најповеќе овчари знаат да прогнозираат какво ќе биде времето, особено зимата.

Таа прогноза ја темелат врз белези на дрвјата, ѕвездите и други природни знаци. Некои дури прогнозираат и кажуваат каков ќе биде денот, месецот па и годината. Еден стар овчар од Мариово прикажувал дека земјата се врти, а не дека Сонцето оди како што верувале и учените луѓе.

Во Градешница, па и во некои други македонски села, постои верување, наводно, ако те јаде дланката ќе земаш пари.

За да не ти се урочи детето, ќе треба, наводно, да го истркалаш на местото, каде што седела таа жана или маж.

Ако се измиеш глава ноќно време, водата не чинело да ја истуриш надвор за да не те боли главата.

Постои и верување, ако ти е испружена ногата и некој ја пречекори, не ќе си растел.

Ако ти се запри првиот залог, многу лошо ќе те снајдело.

Болва во сечко не чинело да отепаш, оти во летно време болвите многу ќе те јадат и штипат.

Ако се посери коњот кога тргаш на пат, се верувало, дека бргу ќе се вратиш од патувањето.

Во есен ако заколеш свиња и сплинката ако напред е потесна, а назад поширока, зимата напред ќе биде полесна, но назад постудена и потешка.

14   Народни верувања – книга 7 – Марко Цепенков

Во декември ако загрми, се верувало дека ќе нема напредок на житото.

Постоело верување, ако во годината се роди многу бериќет, ќе се отвори војна некаде на земјината топка.

Во недела ако се роди дете, ќе биде многу касметлија и дарлија.

Кај населението во Мариово, па и во Градешница, се верувало ако ти се отвори вратата сама, чекај гости ќе ти дојдат.

Се верува, дека е грев со нога да нагазиш на ронки – леб. Грев е да се смееш на слеп и сакат човек. Се верува дека денот Благовец е благ за луѓето, но тој е благ и за пилците, ѕверовите, па дури и за арамиите.

Рано на Ѓурговден се верувало, дека добро било човек да се напие вода од бардаче.

Постои и верување, дека кога човек ќе почине, неговото тело се закопува во гробишта, а неговата душа оди во задгробниот живот, при тоа за мртовецот на глас тажат неговите најблиски роднини. Во оваа пригода ќе ја споменеме тажачката на Мита Босеовска за нејзиниот 29-годишен починат син Петко Босеовски:

,,Леле, синко, златен синко!

Како, синко, ќе се разделиме?

Ти, ми беше уште многу млад

и, ти, веќе не остави.

Ќе си одиш друга земја,

Таму дедовци и баби те чекаат

И други наши роднини,

Сите ќе излезат да те пречекаат!…”

После тажењето при погреб или помени, на присутните роднини и пријатели им се дели јадење, како раздавок за да му се најде за душа на покојниот. При погребот или помен, според христијанските обичаи, присутен е и свештеник, кој прави богослужба за упокоениот.

Постои верување, дека на погребот на мртовецот, во неговата куќа првата ноќ по погребот не треба никој да спие, односно домашните преноќеваат во некои куќи од роднини и соседите.

Booking.com