НАСЛЕДНИК – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Умре кутриот дедо Куле Саклев. Умре и не остави ништо по себе: ни синови увилени, ни снаи и ќерки расплакани, ниту пак бабичка натажена.

 

А од сермија остави, сиромав, само едно криво магаре и три четири искинати черги.

Наследникот на овој „имот”, далечен, роднина на умрениот, Трајко Митрев, скапан вдовец со петшест ситни дечиња се најде во чудо.

„Ај, беља!”, му се поплака на првиот комшија Јована Муров. „Што ал се прави, стрико Јоване, еве го умре дедот Куле”.

—           Умрел, Трајче, умрел, бог да си го прости, што ќе правиме! Сите ќе појдеме кај него, — му одговори дедот Јован и длабоко издивна во знак на жал за покојникот.

— Сака да се закопа мртовец.

—           Се сака, ами …

—           А за тоа треба сандак, па да се заколе нешто за. душа, да се плати попот. Сето тоа арч е.

—           Арч е ами! He велам јас оти не е арч. Ама затоа пак ти ке го наследиш неговиот имот.

—           Mope ќе го наследам неговиот имот, стрико Јоване, што имот ќе наследам. Едно криво магаре . . .

—           Толкутолку!   Вели бериќаѕгверсеп.

—           Абре велам, оти да не велам. Господ да си го просте, тој ќе умреше кога и да е, туку поарно да почекаше до кај Петковден, кога ќе го собереме берикетот. Тогаш човек можеше и да продаде нешто, да фати некоја пара. Вака, што ал правам јас сиромав? Ни паричка имам ни пак имам што да продадам!

Јован уште повеќе го направи увилено лицето. Јасно му е на што се спрема Трајко.

—           Што да ти речам, бре внучко. Позајми од некого, па ќе толчиш глава потаму, ќе му ги враќаш.

—           Да зајмам, ама кој има сега пари? Ајде, дај ми ти некоја банка!

—           Тииии! Кај ме најде па мене. Од каде на каде кај мене пари?

—           Mope ми, ако немаш ти со триста овци, кој ќе има друг, туку чини себап. He ти гинат ако сум сиромав, да го суредиме човекот, греота е…

—           Немам, Тале, жими здравје … — почна да се тегави Јован, па како да се присети нешто, продолжи: — Немам Трајче, немам и јас готова пара, туку и јас ќе се позајмам од пријатели нека се живи, ако сакаш да ми го продадеш магарето. Ми треба едно добиче за по бачилото. Ете ако сакаш..

Трајко подрипна.

—           Да ти го продадам, оти да не. Итака не ми треба мене. Доста ми е моето. Туку, колку ќе дадеш за него?

—           Лесна работа, џанум! Ете јас ќе го закопам дедо Куша. Ќе нарачам сандак, ќе заколам брав, ќе го платам попот и сб што се сака и ќе ти придадам… — Тука дедот Јован позастана со муабетот. Сигурно сметаше колку ќе фати закопот, а колку чини магарето за да рече сумата што ќе му ја придаде на Трајка.

На Трајка не му се чекаше, затоа веднаш го праша:

—           Е, колку ќе придадеш, де? Речи…

—           Ти колку велиш, а?

—           Јас! Што јас. Што ќе речеш ти, на тоа нека биде. Колку е мунасип.

—           Јас велам да ти придадам уште дваесет банки. Ја бива ли?

Трајко почна да се тегави:

—           Долу, рече, стрико Иване, долу. Што се дваесет банки, стопанка му …

—           Како долу, Тале? Пари се денеска дваесет банк

—           Е бре, знам оти се пари, туку магарето чини најмалку педесет банки.

—           Их, педесет банки! He го гледаш криво е, уште назимо ќе пцовиса.

—           Mope не го ни боде. Навистина малку накривува, ама здраво е како челик. И на кобили рипа; ќе ти изваде некоја маска…

—Арно, арно, внучко, туку и јас треба да се арчам. He ќе бидат само тие дваесет банки. Есапи го прво сандакот колку пари ќе фати; па бравот, попот, в црква сака да се пуште некоја пара …

—           Mope што сандак ќе правиш баму бељата, та дедот Куле. Тој, сирома, не беше висок ни метро и пол. За него треба сандаче, а не сандак …

—           А бре, така е за тоа, Тале, туку другиот мастраф ќе крене, и еве го платено и над педесет банки.

—           Што е малку — малку е, туку придај барем триесет банки. Ајде, пушти го срцето. Еснаф ти беше дедот Куше, нека му е за душа. ..

Ке биде — не бидува, најпосле дедот Јован кандиса на триесет банки.

„Иако е скапо, нека му е за душа бравот на Кулета”, итака за него не дава готови пари; овцата му го објагнила.

—           Аирлија нека е, — му рече и му ја стисна подадената рака. — Ела кај мене да побарам некоја пара и да се напиеме.

Појдоа кај дедот Јована. Бабата Прока им изнесе столчиња во дворот под орезот, им го донесе пагурчето со раќија и тие си почнаа:

—           Ајде аирлија да е саатот. Бог да ни го прости дедот Куле, — благослови прв дедот Јован и тргна од пагурчето.

—           Господ да си го просте. Арно му текна да умре, да се напиеме.

Се напија по некоја и друга ракија, си ги зеде Трајко триесетте банки и тргна да си оди. Одеднаш застана на портата и се заврте:

—           Слушај, стрико Јоване, јас пак се најдов во гајле.

—           Што е пак сега, што ти е кусо?

—           He ми е ништо кусо, туку се сети уште за еден адет. Нели кога ќе умре човек, треба некоја жена да го таже.

—           Се сака, внучко, се сака. Во голем грев ќе се фрлиш ако не биде така.

—           Ами чаре? Ти ме знаеш, јас немам женичка, а Миша ми е уште малечка за тажење.

—           Лебами, та тоа не знам што да ти речам. Умре бабата Ристана, та таа кутрата ќе ти свршеше работа.

—           Ај беља што ме фати сега!…

—           Да ја викнеме Проќа моја, — се сети старецот — Белким ќе ни помогне.

Се врати Трајко пак под оревот, се напија уште по некоја голтка од пагурчето, ја викнаа бабата Проќа и и ја изнесоа маката на Трајка.

Таа ги плусна рацете:

—           Туууу! Таа ли ви е маката? Еве јас ќе го истажа. И така Куле ми беше некој сватоштина…

—           Ама, жено, — почна да се буни дедот Јован. — Многу ќе денгубиш …

Кутри Трајко се препали:

—           Аман, стрико Јоване, ти па господ! Ќе плата што е мунасип само да се сврши работата.

—Е така бива, Тале, бива …

—           Колку пари ќе ми сакаш, стрино Проке?

Бабата Прока почна да се чуди и му се опули на дедот Јована. Овој направи ишарет со трите прсти од десната рака:

—           Еве вака: ќе ми дадеш триесет банки. Трајко поздивна:

—           Брееееј! За тие пари ја ќе ревам цела недела.

—           Mope, Тале, ќе реваш, ама нема да го истажиш како што треба. И тоа не е туку така, запни се ревни. И тука си има мајсторија…

—           Ами чаре? Од каде мене толку пари? Да не се многу? Толку ли скапо е тоа пусто

тажење?

—           Како многу, црни внучко! Ти мислиш таа работа лесна е, а? И да знаеш ќе го истажам како татко да ми беше или брат. И тоа, ем на закопот, после ќе го истажа на шесте недели, па на полта година, па на годината за тие пари. И тоа какво тажење. Кутрата баба Ристана земаше по триесет четириесет банки за тажење, ама тоа неоти тажење беше?!… Да се скине човек во смеа, кога да чуе. A јас кога ќе викнам, на сите солзи ќе им потечат. А во себе си додаде „низ ногавици”.

Се витка Трајко, се обидува да ја намали цената, но бабата Проќа не попушти ни за динар, та виде невиде, се согласи на триесетте банки.

—           Ај пак нека е аирлија саатот — викна дедот Јован и го накрена пагурчето. Трајко ги извади парите и му ги подаде на дедот Јована, но овој му ја покажа бабата Прока, и таа си ги прибра.

.. . Закопот помина како никој дотогаш. Сандачето излезе за мерак, човек да легне во него, Па и бајади старци и баби се собраа да го испратат дедот Кула до вечната куќа. А најголем впечаток остави бабата Прока кога викна со момински глас: „Леле, Куле, леле мили свату . ..

Само кога се вратија од гробиштата и кога седнаа да јадат за задуша на умрениот, се случи нешто што го натера народот да се подбоцнува скришум.

Трајко, сиромав, иако требаше да биде натажен, навали на бравот како месец дена да не беше јал.

—           Mope, мили Тале — му шепна бабата Доста — немој толку да јадеш, што ќе рече светот?

—           Молчи, молчи, бабо Досто! — рече Трајко и се нафрли на месиштето. — Тоа ми е наследство што го наследив од деда ми Кулета..

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com