Целокупната облека е нарака изработувана, главно секое семејство за себе по што и се препознавале “вредните” жени, со мали исклучоци во кроењето на гуните и шалварите.
Облеката е изработувана од волна и од памук. Од волна е правена долната облека гаќи за мажите и аби за жените и за мажите и горна облека гуни и за мажи и за жени, ќурдии(елеци) и шајаци за машките и чорапи, калчуни и бијала како обувки. Од памук (бубаќ, бабаќерно) се правеле: кошули за мажите и жените, саѓии за жените и гаќи за децата од 9 – 15 годишна возраст. Познато е дека освен жените и машките деца скоро до 9 години не носеле гаќи. Можеби и затоа стерилноста во Мариово, а посебно кај мажите скоро била непозната, ја немало. Во врска со тоа во Витолиште позната е изреката за мажите кои ги пасат овците во местото Отин, зад Скрката (Шчипка-преслап): Бамуја, јас од Шчипка да се јава, жената трудна ќе остане.
Од козина се правеле само сакми за облека, потоа покрови, вреќи, мутави, зобници и слично.
Во поглед на боите, карактеристично е што доминираат белата и црната боја со елементи на алова и ѓувезна боја кај машката облека, a во женската облека црната кај постарите жени, а кај младите отворените бои на оптоките и везовите, а ресите со алова, ѓувезна и поретко пемпава боја. Треба да спомнеме овде дека отворени бои носеле и младите машки (ќемерите, подвеските, киските, а покасно и бувки на истите и пулејки).
Во однос на општите карактеристики на облеката треба да се нагласи дека во сите годишни времиња се носела истата облека со тоа што во зимно време жените носеле гуни, а мажите гуни или шајаци и сакми по полето поради студ и дожд и шалвари. За да створиме поцелосна претстава за облеката која се носела во Мариово ќе ја опишеме посебно машката, а посебно женската, а потоа ќе ги наведеме дополнителните елементи според сезоната и посебно карактеристиките на облеките кои се носеле на свечени прилики (празници, свадби, првичина, крштења и т.н.)
Основна машка облека. – Од основната машка облека секогаш се носела: волнената аба (поткошула), волнени гаќи, долга кошула од домашно ткаено памучно (бубаќерно) платно со везан затилок и предници кои не се доближуваат, волнени долги бели чорапи, алов волнен ќемер, подвески, опинци и плетени капи. Зимно време како што спомнавме шалвари, ќурдија шајак или гуна, ако времето е студено и сакма. Се променувале – облеката ја менувале на две недели.
За свечени прилики имало посебни таками, кои се чувале само за тие денови, кошулите биле пошироки, извезени со подобри везови, со ист бел конец, а во поново време на абите се додавале и калци (памучни – некоја врста манжетки).
Жвнска облека. – Долна волнена аба, долга кошула подолга од абата 8 – 10 см, саѓија покуса од кошулата, без ракави со кис, појас (волнен-; плетен чија тежина достигнувала до 4 кгр.), долги волнени шарени чорапи во разни отворени бои, гушалчиња бидејќи кошулите како и кај мажите не се запетлуваат, предници во разни бои, кошулата е соЈ везен затилок, опинци, ќилими и крпчиња до 40 години, а потоа црни. Зимно време гуни со алов и ѓувезен кис на рамениците и обиколката и! чоа за оптока. Треба да се истакне дека женските кошули се со богати разновидни и разнобојни везови по што и кошулите добивале и имиња: шарените писани, копитата, ушатките (ги носеле постарите), жтките писани, каравилкината и т.н. Напред се носат вути и прегачи за свечени прилики. Вутите, а посебно прегачите се украсени со кис и гајтанци. Позади заплетени на колкот се носат прцлина, кај помладите во поотворени бои обично алова, а постарите ѓувезна или мешана ѓувезна и црна. Постарите моми стасани за мажење и младите невести нај значајните верски празници: Свети Јован, Свеќитанас и Велигден носеле коцли, чалми, колани (на нив нанижани пари), парамници, жапкарници, (дупли парамници) со сребрени пари, синџири сребрени, скопци, а на коланот павти (големи скопци).
За време на венчавањето (свадбата) невестата носи пуштен коцел позади до петиците, наглава венец од бршлен, нетоп (тенеќија украсена со киски и пари) и гувејки.
Автори:
Стојан Ѓуровски, Прилеп
Стојан Даркоски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com