Општи карактеристики на песните во Мариово

Booking.com

Зборувајќи за разните обичаи, веќе е речено дека орото, свирката и песната се редовните забавни и вообичајни активности на населението во Мариово,

 а исто така кажавме дека мажите изведуваат некои други игри (д’га магарица, тринога, фрлање камен, бзз, прескакулица и други). Освен тоа, песната и свирката е придружна активност и во текот на редовните работи. Посебно тоа се правело за време на плевењето, жнеењето, свирењето обавезно го изведувале овчарите на шупелки и кавали, a некои и на клепарка. Посебно било убаво ноќното свирење на овчарите кога ги попасувале овците. Особено биле убави мелодиите кои се изведувале на шопски кавал. Познати свирачи на овој кавал биле: Данче Србјаков, Стеван Катин, Марко Црнев. Во селото се слушале свирачите кои свиреле дури од Елце. Свиреле и вјаниците додека оделе по дрва, на жетва на гумно. На шупелка познати свирачи биле Димо Улев, a покасно Илко Слабиѓоров (кои исто така и убаво пеел).

 

Песните во Мариово веројатно како и целокупниот живот не се динамични и ритмични, туку главно е развлечена бавната мелодичност на песните која можела да се изведува на време на работата, а особено за време на ноќната летна работа Изведувачите на песните веруваме дека освен од лично задоволство го докажувале и нивното присуство и вредност т.е. да ги слушаат другите. Познати жетварски песни се: Испадни Јано по поле, Подунал ветер Мара, Што ми е мерак полјак да одам, Што лудо оди по друмот,…

Од свадбарските песни биле: Mope запејми сестро севдалино, Задремала младата невеста на чесна трпеза, Што кротко одиш млада на вода, Учи карај сину невестата, Церешна се од корен корнеше моме се од мајка делеше, Пиен иде од града и други…

Песни без значајна содржина (циџи миџи) пееле коледарите, и по разни вечерни слави и други празници.

На разните веселби се пееле спонтани песни. Познати се: Се збирале одбор момчина, На чешмата Еленичка, Слушнете ја браќа нашата песна (ја пееле Митре Крчов, Коле Велјански, Ристе Предев, Стоан Дарковг а покасно Јован Дарков (Кржот), Има ли уште кој да не знае, Излези Гурѓо до понадвор, Нешто ќе те прашам бабо, Се собрале мале,…

Се пееле и љубовни песни: Букати Митро душата, Бела се зедов на глава Паднав си болен впостела, Петлите пеат зора се зори, Земи ме Нешо стрикова, Три години сејмен шетав, Блазе тебе моме тешко мене, Рачај порачај што да ти купам, Изврела вода студена, и други…

Жаловни песни се пееле како што се: Што ми блее што ми лелее, Нане сонце зајде, Доне пелен брала братии го барала

Исто така се пееле и хумористични песни меѓу кои: Петлето рано пееше стариго дедо будеше, Ајде да речиме уште еднаш, Ми тргнала мома желка доз доз…

Од овчарските песни најчесто се пеела песната: Mope весели се добар домаќине и др.

Ги изнесовме музичките игри и другите игри што се играле во селото, но сточарите особено помладите, кога се среќавале по полето играле разни игри меѓу кои значајни се грр-чиј стап (грчистап) во која како и при бзз играта доаѓа до израз перцептивната способност при допирот. Врз основа на визуелната перцепција пред тоа сега да погоди само по допирот со дебелиот крај на стапот чиј е. Друга игра со стапови односно прачки е “Ложина” во која доаѓа до израз моторната спремност и вештина, при што се добиваат поени различни по број, зависно од тоа како ќе биде допрена прачката, стапот што лежи (удар) турник, стапник, ако се пикне под стап се именува со половиот женски орган. Се рипало тронога, токмуножички.

Од игрите со седење значајни се: петкамен, мижитатара

Од игрите што се играло и во селото и во полето со стоката се: кленѕата, бишката (хокеј на суво), со ореви и костени во дупка, со излегување од играта. Друга значајна игра е “Стојна”.

 

Автори:

Стојан Ѓуровски, Прилеп  

Стојан Даркоски, Скопје

„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г

Booking.com