Откријте го Мариово
Особеностите на мариовската народна носија

Co векови мариовското население се истакнувало и со својата атрактивна и оригинална народна носија – како женската така и машката.

 

Народната носија во Мариово уште многу одамна низ вековите се наоѓаше во независност од природните, стопанските и културните услови на развиеност и начин на живеење на населението. Пасиштата во Градешница и пошироко во Мариово во минатото се белееле од многу стада овци и кози. Вредните Мариовки биле принудени во минатото женската и машката носија да ја изработуваат од домашната волна и козина. Поретко се употребувал конопот, памукот и ленот. Исткаеното платно, градешките жени го белеле покрај Градешка Река, потоа го валале и везеле, во понатамошна рачна изработка.

При изработката на домашна облека, Мариовките претежно ги користеле деновите по завршувањето на сезонските полски работи – доцна есен и зимно време. Мариовките зимно време, исто така, до доцна навечер на ламба со газија или борина пределе, везеле итн. збогатувајќи ја на тој начин домашната облека.

Во машката облека спаѓа и капата, која го одбележува машкиот пол. Мариовците во минатото претежно носеле шубари или качкети како симбол на Македонецот. Капата во минатото се сметнуваше при црковни обреди, на слава додека се чита “чесната трпеза”, при погреб на мртовец итн.

За машка кошула се користи “Четворно платно” или лито платно. Машката секојдневна кошула има три бочници, додека празничната мариовска кошула (фустан) има од шест до дванаесет бочници. За време празниците, машките, особено ергените, носеле навезано грлце и навезани калци.

Поради заштита од студ и други непогоди, под кошулата Мариовецот во минатото носел аба или фанела, изработена од чиста волна.

 

Се носи преку цела година, при што зимно време абата телото го заштитува од студ, а летно време ја впива потта.

Во машка облека спаѓа и појасот или ќемерот, со кој се опашува на половината, a со цел да се зачува “снагата” на телото. Во минатото закачени во “појасот”, Мариовците носеле “анџар”, “пиштол” или друго оружје, a со цел да се заштитат од арамиите, зулумќарите и другите насилници, кои вооружени крстосувале по мариовските планини и го пљачкале трудољубивото мариовско население.

Гаќите спаѓаат во долната облека на мариовската машка носија. Се изработуваат од јаток и волна со ткаење на разбој. Се изработуваат и долни “бубаќерни” гаќи, а над кои се облекуваат “ѕиври”, украсени со црни гајтани.

Шалвари или црни бечви се изработуваат од “четворен шајак” во облик на пантолони. Шалварите се носат над гаќите, особено се користат зимно време, за заштита од студови. Шалварите имаат и чепови.

 21

Машка мариовска носија – 1939 год.

 

Во машка облека спаѓаат и чорапите, кои се изработуваат од волна со рачно плетење. Чорапите се украсуваат со разни бои и се носат до колена, а зимно време над чорапите, мариовците носат и валани “обијала” како и плетени волнени ракавици, особено сточарите при чување на стоката.

Покрај волнената облека, доаѓа и кожната обувка, како што се опинци, чевли или скорни. Опинците се изработуваат од свинска или говедска кожа, а потоа и од гума. Чевлите и скорните претежно се носат на празници.

Во почетокот на првите децении од XX век, и градевци заминуваат на печалба во прекуокеанските земји (Америка, Канада итн.). При враќањето во родните огништа, тие ја пренесуваат облеката, што се изработува во текстилните фабрики на запад. При отслужување на воениот рок, и во Мариово мажите допринесуваат да се менува начинот на облекување.

22

Женска мариовска носија 1939 год.


Женската носија во Мариово е една од најатрактивните и најбогатите со орнаменти и везови, за разлика од другите македонски народни носии.

Шамијата или обрусот, се носи поради заштита на главата од ветрови и други временски непогоди. Како што е капата за мажите, тоа е шамијата за жените во Мариово. Девојките и младите невести носат бели шамии, додека постарите жени носат црни шамии. Црната шамија жените носат и кога жалат свој починат роднина. “Тулбенот” го носат на празници девојките и тој се украсува со “алови” или зелени китки. “Обрус” жените носат кога ќе се венчаат. “Обрусите” се украсени со разни везови и китки.

Основен и главен дел на мариовската женска носија е кошулата, која се изработува од домашно ткаено платно. Ракавите на женската кошула достигнуваат до лактите. Кошулата, покрај белата боја, ја украсуваат разните везови со “алова” и “ѓувезна” боја, односно црвена. Постарите жени везат и носат кошули везани со конци од црна боја. Орнаментите на везовите на женската кошула се во форма на грозје, јаболка и други плодови како симбол на природната плодност. На ракавите се везат “вејки”, “Ушатка” и “запасија”. Исто така, со алови конци кошулата се везе со “пилиња”, а околу – кружно со црни конци.

 

20

Моминска мариовска носија

 

 

Кошулите кај младите мариовски невести се везат со орнаменти, како што се “крилце”, “перце”, “сопче”, “корен” и друго. Се везат ракавите, завратниците, предните и задните поли на кошулата. Најмногу доминира црвениот вез, како симбол на борбата за слобода и везењето со црн конец, како симбол на ропството.

Секоја мариовска, односно градешка девојка се натпреварува, што повеќе да навезе кошула, бидејќи по тоа се цени нејзината работливост, при што некои моми при мажењето имаат навезано и по триесетина кошули.

За вредните мариовски девојки и мариовската женска носија се испеани и многу народни песни, а такви се: “Стомните ѕунат на вода одат”, “На вода одеа и љубов си водеа”, “Митуше, ќерко мамино, не оди рано на вода” и уште многу други.

Под женската кошула се носи аба, изработена од “валано, четири клашни” како кај мажите. Се носи во сите годишни времиња и телото го штити од студ, влага и други временски непогоди.

Како дел од мариовската женска носија е “сагијата”, која се носи над кошулата. Исто така, и “сагијата” е извезана со разни везови и орнаменти. “Сагијата” како украс има и “алови” кистови долги по 10-20 cm. Bo недрата меѓу кошулата и “сагијата”, како украс девојките носат и јаболка.

Појасот кај жените е плетен со повеќе стракови. Околу половината тој држи многу топло. И појасот се украсува со “алова” или црна боја.

“Фута” или “прегач” се изработува од памучно-волнен состав. Ако е од една дипла е “фута”, а ако е од две дипли тоа е “прегач”. Се ткае на разбој. Прегачот е украсен со “алови” или зелени китки, жолто тантеле, пари и други украси. “Прегачот” го носат девојките (момите) и невестите.

“Грлце” или “гушале” се изработува од асе или басма. “Грлцето” се носи под вратот, a е украсено со везови или пари. Се носи на разни свечености и празници. Co “грлцето” се покриваат градите.

Калците се изработуваат со плетење на испредена волна. Имаат разни шари. Калците, како дополнување на женската облека, се носат под кошулата на подлактиците.

 23

 

24

Чорапите кај жените се слични како кај мажите. Се изработуваат со плетење од испредена волна. Чорапите се плетат со парени бои. Чорапите се носат во сите годишни времиња. Служат за заштита од студ, влага и понекогаш и од повреда или каснување од куче или змија. Чорапите се носат под колената.

Во женска облека спаѓаат и гуна, нараквици, обувки (опинци или чевли), крпче за бришење на нос и друго. Co текот на времето, опинците од кожа и во Мариово беа отфрлени, a се носеа “пиротски” гумени опинци.

Градешкото, односно пошироко и мариовското население го имаше надарено и природата со витка – кршна снага и убава красота како кај женскиот така и кај машкиот пол. Карактеристична висока и силна конструкција на телото и убави црти на лицето. Мариовската народна носија ја надополнува убавината на мариовското население, особено на празниците и разните свечености. Облеката со внимание се чува и се негува во дрвени сандаци, изработени исклучиво само за таа цел. Постарите жени од Мариово со носталгија се присеќаваат за макотрпното рачно изработување на мариовската народна носија, која со своите орнаменти и везови е позната речиси на сите континенти.

Мариовската народна носија се носи до педесеттите години на XX век, кога и во Македонија почнаа да никнуваат текстилни фабрики.

Мариовската народна носија, денеска одредени примероци како уникат се чуваат во етнолошките музеи или пак носијата поради нејзината атрактивност ја носат членовите на разни културно-уметнички друштва при настапување на разни културно -уметнички приредби и свечености, a со цел да се прикаже македонско – мариовскиот народен ген.

Треба да се спомене, дека при разните празници и свечености во Мариово, кога народната носија доаѓала до полн израз, гајдата и кавалот, како дувачки народни инструменти, секогаш го придружувале мариовското население. На празниците и свеченостите, девојките и невестите во Мариово доволно внимание му посветувале и на накитот, како што се обетки, копци, разни ремени и други накити.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu