Откријте го Мариово

Дошол некој поп по мракот в село и на гумната на крајот на селото нашол една сама невеста. Ја поздравил, ја пофатил брадичката и ја прашал каде ќе спие ноќеска.

—           Овдека, на гумново, — му одговорила враголесто невестата.

—           Сама ќе бидеш? — ја прашал.

—           Како што гледаш, сама . . . !

Си отишол попот кај некоја баба каде што одел секој пат на конак, си ја оставил торбата со „алатите”, се навечерал и се напил некое и друго грненце вино, па и рекол на домаќинката да му постели во дворот; да не го јадат дома болвите. Бабата му ја исполнила желбата и попчето си легнало. Си легнало, ама умот му останал во невестата на гумното; како ќе спие таа сама кутрата и што прави? Тоа што се прави во ваков случај. Околу полноќ станал и се завлечкал на гумното од невестата. Понаѕрнал лево, понаѕрнал десно, ја видел постелата и се довлекол до неа. Во темницата не можел да види колку души лежат под покровот, ами на „игбал” се припикнал под покров од десната страна. И кога ја спружил раката да ја погали невестата го грабнала една рака за брада и еден машки глас почнал да вика: „Бргуте, луѓе,  арамиите дојдоа да ме пленат”. Попот ја дрпнал главата назад, ама половината брада останала во раката на тој што свикал. Летнал попецот надолу од гумното, се загнал по нeго мажот на невестата со пците; на гласот од овие се назагнале и се собрале сите селски пци и го поткачиле попот да го бркаат долу долот. Човекот потрчал малку надолу од гумното, се препнал од некој камен и се вратил, туткајќи ги пците да го бркаат „волкот”. Попот за да им куртули на пците да не го налегнат, се спикал во некои шипје трнје во долот. Но затоа пак пците изналегнале наоколу и цела ноќ лаеле и не го оставиле да излезе од шипјето. Така го нашле утрото селаните затресен во долот; ги распадиле пците и го извеле да им служи литургија.  Им отслужил, ги причестил и им го одржал секојдневното слово: „Што кажува поп — слушајте, а што прави поп — не гледајте”.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu