Се потплашило попчето да не го затечат само со невестата, та немајќи каде да се засолни беше рипнало во празната преграда на амбарот во којашто чорбаџијата си турал брашно.
Навистина преградата била празна, ама подот и страниците сеуште биле, бели, та прпелкајќи се и триејќи, попчето беше се направило цел воденичар. А свекорот од невестата не заборавил да го побара и во таа преграда, та го измолкнал за брада сиот испрпелан во брашно и му го предал на еден заптија што беше го повикал да му ја заштити честа, бидејќи на попчето не му беше првпат ова идење кај чорбаџијата кога овој не беше дома. Невестата се правдаше пред свекра си дека си го чува намузот, но не може да го истера со сила. И за да се одмане попчето, ја нагласија работата со свекра и да го „скрие” таа во преградата од брашното, а тој — свекор и — го повика Селим-чауш со еден заптија и му го предаде. Го протера заптијата низ селото така брашнав и му го теслими на стариот мудур Арслан-беј којшто беше дошол од В. да пресуди некои тужби на самото место; да не ги вика луѓето во В. на судење. Се изнасмеаја селаните, а повеќе селанките кога го помина заптијата преку село; се изнасмеа и мудурот и сите што беа околу него; му зеде една лира џеза и му се закани да не оди кај невестата Јованка кога е сама, оти, ако го дотераат пак, ќе го казни со десет лири.
Од тој ден поп Тодор не стапна веќе кај Јованка ни по службена должност а камоли на ,,муабет”, како што ги викаше тој ваквите посети. Ама затоа пак таа и целата нејзина куќа останаа со години неблагословени од свештено лице и како за инает, почна се наопаку да им оди во куќата. Јованка се разболе, свекор и си ја лацна половината и заоди прекршен со два стапа под мишка; едниот вол си ја окрши ногата на права ледина, а магарето се кремниса од мелот.
— Ја фатија Јованка клетвите од поп Тодор, — си повторуваа жените по чешмата и реката и и препорачуваа да оди кај попот и да бара прочка од него за навредите. „Колку да е грешен тој, неговото пак се слуша од Горниот,” и велеа.
И Јованка почна да се мисли. Не да се мисли, ами да ги послуша „умните” совети на старите жени. А во прашање беа: нејзиното здравје и напредокот на целата куќа. Проклетството, анатемата фрлена од попот паѓаше на целата куќа и за чудо големо ќе се запусти ако не се исправи некако грешката. А кој можеше да ја исправи? Само тој што ја направи! Свекорот ја натера Јованка да го подмами попецот и таа нему му се нафрли сега да ја исправа таа „неправда”. А и самиот свекор го почувствува „гневот божји” врз неговиот грб. Затоа потклекна – попушти. „Со свештено лице навистина шеги не се терале”, си помисли прекршениот свекор и си ги зеде двете патерици, па му отиде в црква на попецот. Го дочека да ја пушти црквата и застана пред „царските двери”.
Тодор го виде и ја разбра работата.
„Аха! Ми го доведе свети Илија златен!” си помисли во себе и го скрои планот за одмазда. „Ќе се мирам со него само под два услови: да не ме брка од дом, и да ми ја плати лирата што ми ја зеде Арслан-беј.”
И се согласи свекорот. Уште тука, в црква, ја извади лирата и уште една франга до неа за срамот што го претрпе низ село; му бакна рака и го одведе од црква право кај него дома на ручек. Јованка стана и ги пречека пред врата. И таа му бакна рака и го замоли да и прости и да ја благослови. А поп Тодор „охотно” го излеа сиот свој благослов на анатемисаната куќа и животот тргаа да си тече и во неа како во сите селски куќи. И тргна наприет на куќата, ама и поп Тодор почна слободно да си влегува и излегува од неа и дење и ноќе. Јованка со ништо не можеше да му се оддолжи што и го поврати здравјето, а свекорот — што ја симна анатемата од куќата.
Booking.com