Откријте го Мариово
Појава на големобугарскиот, големогрчкиот и  големосрпскиот врховизам

Co цел за што повеќе приграбување на туѓи територии, големобугарскиот, големогрчкиот и големосрпскиот врховизам своите освојувачки апетити и корени во Македонија ги имаа пуштено уште пред Илинденското востание, но до полн израз тоа дојде по пропаѓањето на востанието.

Окружниот комитет на ВМРО по пропаѓањето на востанието, им постави за задача на битолските војводи со своите чети гркоманските села во Мариово и другите револуционерни реони да ги превртат во бугарски. Некои членови на Окружниот комитет во Битола (Лозанчев, Петре Лигушев, А. Доров и други) беа зафатени од бугарскиот врховизам. Окружниот комитет издава свое циркуларно писмо, со кое се наложува сите села во Битолската револуционерна област кои се под канонство на грчката црковна патријаршија, да минат под управа на бугарската црковна Егзархија.

 

Султанот, чувствувајќи ја моралната сила на ВМРО, преку својот дипломат Халми-Паша склучува таен сојуз наречен грчко-турски сојуз против Македонската револуционерна организација. Грчката пропаганда се засилува. И во Мариово се создадени вооружени грчко-андартски чети, со кои раководат офицери испратени од Атина. Андартите, кои се регрутирани од месното население, се платеници. Место туркање на турската власт и беговите, преку пропагандите на бугарско-црковната Егзархија и грчката Патријаршија почнува крваво оро врз недолжното македонско население. Почнуваат убиства и палење на селата од едната и од другата страна. Егзархистите и патријаршистите го потхрануваат бугаризмот и грцизмот.

Грчките андарти ги запоседнуваат мариовските села Градешница, Будимерци, Старавина, Зовиќ, Груниште и некои други. Партијаршијата во овие села испраќа свои даскали. Грчкиот владика во Битола во овие села запослува свои попови. Андаритите ја засилуваат пропагандата за погрчување на населението. Некои ехзархисти за пари стануваат патријаршисти. Стојко Цицов од мариовското село Бешиште за 50 лири од “бугарска” се префрла на грчка страна. Од војвода станува капитен Цицос. Тој успева со пари да го “погрчи” сето Горно Маало во с. Бешиште. За својот “успех” Цицос му реферира на капетанот Кондилис, кој за погрчување на мариовското население е испратен со многу пари, дури од Атина. За пари, доста Градевци од егзархисти стануваат патријаршисти, а така е и во други села во Битолскиот округ. Но, и четата на војводата Крсте Гермов-Шаќир, по добиеното писмо од окружниот комитет во Битола, не седеше со скрстени раце. Шаќир со својата чета го пали селото Груниште, за да им се одмазди на “погрчените” грунивци. За возврат, грчките андарти го палат селото Жиово и убиваат неколку невини селани. Поради таа крвава меѓусебна борба, дедото Нале со своето семејство од Градешница се преселува во Битола. Синот Ставре изучува и станува познат лекар во Битола. Другиот син Тоше Налев, кој е патријаршист, враќајќи се од Битола на дуќанот во Градешница е убиен од четата на Шаќир во месноста Топли Дол. За одмазда на третиот ден андартите на истото место на сред пат во Топли Дол убиваат тројца невини пазарџии од Градешница.

За одмазда и инает Шаќировци палат повеќе куќи во селото Градешница, и тоа, куќите на оние домаќинства кои се осомничени, дека се Гркомани”. Од кажувањето на постарите Градев-ци, се дознава дека војводата од кај месноста Габерска Црква”, издавал наредба на своите четници кои куќи да ги палат. Тогаш, во месноста “Коселски Дол” се убиени 17 градевци, наводно дека биле патријаршисти – “гркомани”.7

 

(7    Кажување на селанецот Стојан Шкреков (сега покоен))

 

Селото Градешница станува центар на андартските чети, затоа како едно од најголемите мариовски села и најмногу настрадува. Се вршат убиства и контра убиства. Кај патот што води од Градешница за Старавина “Велкова Нива”, постои камен на кој е врежано:

“1905 година селото Градешница е изгорено”.

Тогаш градевци и селаните од другите мариовски села ќе испеат песна, и од внатрешната крвава борба ќе побараат спас од окружниот војвода Ѓорги Сугарев. Легендарниот војвода роден во Битола, ќе го слушне гласот на народот од Мариово и од Демирхисарските планини ќе тргне со својата чета за Мариово. Секретарот на Окружниот комитет на организацијата, внатрешниот подмолен врховист Петре Лигушев, од Битола му пишува писмо на војводата Сугарев, дека во селото Паралово се настанала непријателска чета, која треба да се уништи. Врховистот Лигушев, знаејќи ја маршутата на Сугарев и неговата чета, го известува валијата во Битола. Валијата го крева на нозе гарнизонот во Битола, а потоа над посоченото место е поставена турска заседа. Четата на Сугарев, која се состоела од 28 души, на 24 април 1906 година над селото Паралово наидува на заседа. Меѓу четата и турските војници се заврзува крвава и луда борба. Кон пладне востаниците ја потрошуваат муницијата. Народниот пејач натаму кажува, како оваа крвава драма завршува:

 

“Заплакало е Мариово, заплакало,

За тој ми Ѓорѓи Сугарев:

Каде си, Ѓорги, сега да дојдиш,

Од душмани да не куртулиш!

Тогаш извика Ѓорѓи Сугарев, провика,

Од демирхисарските планини:

Слушам ве народ, народ поробен,

Слушам ви гласој, гласој жалосни.

Сега за скоро, јас ќе дојдам, ќе пристигнам,

Co триесет одбрани момчиња,

Сите со куси манлихерки, манлихери,

Сите со нагант револвери!

Колку ми тргна Ѓорги Сугаре да оди

Во тоа село Паралово,

Бог да го бие кодошот Петре Лигушот,

Што ми го предаде Сугарето.

Кога се најде Ѓорѓи сардисан,

Од сите страни кај Чукарите,

Тогаш извика Ѓорги Сугаре, провикна,

На неговата одбор дружина:

– Клавајте гуни пусии, леле пусии,

Зошто се камен тешко најдува!

Згрмеа пушки, пушки аскерски, крвави,

Сета дружина му ја убија!

Тогаш извади нагант револвер Ѓорги Сугаре,

Самиот крвта си ја пролеа, леле пролеа,

Жив на душман не се предаде”.

 

 

Во една друга песна, народниот пејач ќе запее:

 

“Бог да го бие кодошот,

Кодошот од Гинимале,

Кодошот Петре Лигушот,

Што ми предаде четата,

Четата на Ѓорѓи Сугаре!…”

 

Според градешецот Стојко Бојковски (сега покоен), Мариовци побарале помош од окружниот војвода Ѓорги Сугарев, кога грчките андарти и грчката пропаганда навлегла во мариовските села, а за тоа ни кажува и следниот фрагмент на песната со подруга верзија:

 

“Заплакало ми Мариово,

За тој ми Ѓорги Сугарев:

– Каде си Ѓорѓи да дојдиш,

од Грци да не куртулиш,

Грци станаа шпиони!…”

 

Загинувањето на окружниот војвода и ревизор на битолските чети – Ѓорги Сугарев и загинувањето на неговите соборници, болно се разнесува меѓу градевци и населението од другите мариовски села. Мариовци, во легендарниот војвода гледа свој заштитник од беговите и туѓите врховисти. Песната “Заплакало ми е Мариово” е обнародена и таа до ден -денес при секоја пригода се пее низ Македонија, па и надвор од неа.

16

Предадени од шпионите, турските власти успеваат да го фатат и Алексо Турунџев. По една година лежење по битолскиот затвор, војводата Турунџев на 19 август 1905 година е обесен на “Ат-пазар” во Битола. И оваа вест, што е пренесена од пазарџиите, болно одекнува на градевци и другите Мариовци. Предадени од врховистите, загинуваат видни македонски дејци и војводи, како што беа Даме Груев, Никола Карев, Христо Узунов, Лазар Поп Трајков и други борци, кои се бореа за слободата на Македонија.

 

Четири години една по друга, од 1904 до 1908 (Хуриетот), Македонија се раскинува од борби со чети на организацијата, од една страна и со аскер и врховистички чети од друга страна.

Стопанскиот и културно-просветниот развој во овој период во Градешница стагнира. Секој градешец се чувствува среќен ако го сочува своето семејство и својот дом од прогонот на врховистичките вооружени чети.

 

Bo XIX и почетокот на XX век, по мариовските планини крстареле групи на арамии и качаци, кои вршеле пљачкосување на населението, односно пленување на некој член од семејството – овчари, говедари или козари и за истиот е барано откуп во пари, особено злато. Во колку на закажаното место и време не се донесе бараната сума пари или наполеони, арамиите го погубувале пленетото лице. Такво киднапирање е извршено на еден од браќата на бабата Водичка Гулева. При откупот, семејството било приморано да си ја продава и сопствената облека, за да ја собере бараната сума злато. Арамиите вршеле киднапирање и на стада овци или говеда и од реонот на Градешница преку планините Кравица, Добро Поле, или Соколот ги префрлувале во Караџова или Воденско и ги продавале на тамошните пазари.

Кутриот Мариовец – Македонец бил ставен на тешки искушенија. Сцени на пљачкосување и киднапирање по мариовските колиби, ниви и планини имало се до завршувањето на Првата светска војна.

Пљачкосување од арамиите и качаците се вршело и врз градешките пазарџии, кога тие со товарени добици се враќале од пазарите во Битола, Прилеп, Воден, Сопотско и други градски центри. Заради посигурна безбедност од нападите на арамиите, мариовските пазарџии патувале во поголеми групи. Неретко пазарџиите во рацете носеле ластегарки или стапови, кои им се наоѓале за одбрана во случај да некој ги нападне. Минувајќи преку мариовските планини за на пазар во Воден, мариовските пазарџии (според кажувањата на постари луѓе) се вооружувале со ножови, секири или огнено оружје. Се случувало пазарџиите, од арамиите и качаците да бидат напаѓани од заседа при премини преку зашумени предели.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu