Извадок од монографијата „Градешница” од авторот Трајко Босеовски
Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17
Населението од Градешница и подрачјето на цело Мариово до ден – денеска со респект и почит се однесува кон православните – христијански празници и православната – христова вера.
Влегувањето во светиот храм – црквата за работливото мариовско население, уште од дамнина претставува духовна радост и духовна почит. Најстарите празници што се почитуваат и во кои не се работи се неделите. Co најголема радост и почит се пречекуваат православните празници: Рожденство Христово -Божиќ, Воскресение Христово – Велигден, Воснесение Христово
– Спасовден, Петровден, Пресвета Богородица и други. За селски празник многу одамна во Градешница е прогласен Свети Илија -Илинден. Градевци до ден- денес ги слават фамилијарните празници, како што се: Митровден, Петковден, Св. Ѓорѓи, Св. Никола и Св. Јован.
Од паганските празници во минатото најмногу се прославува Ѓурговден.
Постарите градевци во недела задолжително одат во црква за да запалат свеќи и да се помолат на севишниот – Господ. По богослужбата, постарите мажи се враќаат во своите домови на доручек, а потоа по шестдневните напорни работни денови се одмораат, собирајќи се на разговор во некоја од куќите или пак седејќи на улица пред своите куќи. Таквите еснафски собири се придружени со разговори за полски работи, бериќетот, родноста на годината, за стоката, за односите меѓу семејствата, за женачки, мажачки, одење во стројници и други домашни работи. Во тие разговори редовно се ,,бистри” и политиката, активни се посебно оние селани што најбргу одат на пазар во Битола и што имаат разбрано во битолската чаршија. Меѓу двете светски војни, градевци најмногу меѓу себе се прашуваат, што ќе биде со српско
– грчката граница, што е поставена недалеку од селото. Што мислат за тоа големите сили – Англија, Франција, „големата мечка” Русија и другите. Во тие разговори мошне често е присутно прашањето на распарчувањето на Македонија од кралствата на Србија, Бугарија и Грција.
Старите градевци, мошне често му замеруваат на секој кој во недела или други „тежок” празник ќе фатат некоја работа. Жените не смеат да предат, да ткаат, па ниту да перат. Мажите во недела можат само да помагаат при пренесувањето на греди од градешката планина, пренесување на камења и друг градежен материјал при градење на некоја селска куќа или работење на некој комунален објект, како што е поправање на локалните патишта особено патот меѓу Градешница и с. Старавина, потоа чистење на боровата шума од гасеници и други штетници итн.
На очи „Коледе” во Долно и Горно Маало на селото се палат големи коледарски огнови. Машките деца и помладите градевци
на Коледе пеат коледарски песни и одат по куќите, собираат во своите торбиња леблебија, варени костени, јаболка, круши, ситни пари и друго, што за здравје ги даваат домаќините на куќите. На Богојавление (Водици) посебно внимание градевци му посветуваат на фрлање на светиот крст во реката, во селото се пие топла ракија, се јаде како мезе бело мариовско сирење и друга храна. При оваа пригода, исто така, се пеат пригодни песни. На прочка, вообичаено како што е долгогодишната традиција, градевци се проштеваат со своите најблиски роднини и пријатели. Во минатото, многу од неселението постело за време велигденските „тешки” пости. Како и во другите места во Македонија, во Градешница на најсвечен начин се празнува Велигден. Овој празник е карактеристичен по црвените јајца, кои по црквена богослужба за Христосовото воскреснување, јајцата се разменуваат меѓу роднините и пријателите, се кршат и се јадат. Најголема радост црвените јајца предизвикуваат кај децата.
Најмасовно е прославен и посетен празникот на селото „Св. Илија” – Илинден. Во очи на ,,Св. Илија” – Илинден, сето население од Градешница оди во манастирот „Св. Илија”, кој се наоѓа во месноста „Брен” недалеку од селото. Во манастирот се палат свеќи, за здравје се подаруваат пари, алишта, скапоцени икони и друго. Во манастирот се приготвува богата манастирска храна, при тоа се колат неколку јагниња и овци, подарени од селаните – сточари. На денот Илинден во Градешница доаѓаат градевци од прекуокеанските земји – Австралија, Американско – Канадскиот континент, Шведска и други европски земји, каде многу градевци со години живеат и работат. На овој празник во селото доаѓаат мигрирани градевци од Битола, Скопје, Прилеп и други градови и села од Македонија. На Илинден секоја селска куќа во Градешница приредува богато јадење за гостите.
На овој семакедонски и градешки празник во селото свири музика, се пеат македонски песни и до доцна во ноќта се играат македонски ора.
На празникот се одржува традиционален фудбалски натпревар меѓу селата Старавина, Градешница, Будимерци и Зовиќ, при тоа на најдобрата фудбалска екипа и се доделува пехар.
На Илинден речиси сите раселени градевци се враќаат во родната Градешница за да се видат со роднините, пријателите и да ја ублажат носталгијата и копнежот за родните огништа.
Треба да се одбележи што градевци се познати и по своите хумани и патриотски дела. За време Илинденското востание, востаничките чети што се бореа против аскерот на мариовскиот терен, односно мариовските планини, со храна, облека и друго се снабдени со помош на градешкото население. Во некои градешки семејства, времено илегално престојуваат Ѓорче Петров, вој-водата Толе Паша и други востаници (болни и ранети) од востаничките чети.
По капитулацијата на Кралството Југославија, во април 1941 година, во Градешница се прифаќани изгладнети и болни војници и офицери на разбиената војска на Кралството Југославија, која пребегната војска пак се враќа преку границата од Грција за пат по своите домови во распарчената Југославија. (Постарите градевци се сеќаваат и на овој егзедус).
За време на HOB во август 1944 година градешкото население со одушевување ги пречекува и ги нахранува борците од Седмата македонско – битолска бригада, чиј командант е Васко Карангелевски. Во околината на Градешница, извесно време илегално престојуваат (Стањева Пресоп) тешко ранетите партизани, кои подоцна со добици се префрлени во партизанската болница на планината Кожуф.
За време граѓанската војна во Егејска Македонија, 1946-1948 година, многу од тамношното избегано цивилно население, најпрво е прифаќано од населението во с. Градешница. Во градешките колиби во месноста „Поројот” и „Блаци” се прифаќани и лекувани ранети и тешко болни борци на партизанските единици на Грчката демократска армија, која со грчките монархофашисти води борба и на терените на Ниџе (Кајмакчалан), Соколот и други погранични предели.
Градевци имаат притекнато на помош и на други поединечни човечки судбини, како што е онаа меѓу двете светски војни при спасување на војник, кој почнал да се дави во еден од вировите (при капење) во Градешка Река.
Booking.com