Откријте го Мариово

Бурната историја на селото Градешница и на цело Мариово е дел од историјата на слободољубивиот и храбар македонски народ.

За непокорот на Градешница и Мариово вечни сведоци се горостасиот Кајмакчалан, бунтовните Кравица, Дрен, Селечка Планина и борбите на ајдутските, илинденските чети и борбата на партизанските одреди и бригади, за отфрлање на повеќе вековното ропство и извојување на своја слобода за суверена македонска држава на Балканот.

 

Да се напише монографија за една голема селска населба како што е Градешница е тешка и одговорна задача, токму поради фактот што се нема доволно документација за одредени историски, географски, стопанско културни и други настани од ова подрачје. He се обработени монографски и документирано и одредени значајни личности од ова поднебје.

Гледајќи како времето секавично минува и со себе незапирливо носи битни настани и збиднувања од минатото на градевци и селото, решив да ја напишам оваа хроника. Уште повеќе ни паѓаше тешко на душата, кога при посетата на мојата родна Градешница, гледавме закатанчени порти, искршени прозорци, запустени и обраснати во трева дворови, изгаснати огништа итн. По селските улици се среќавав со стари и изнемоштени мои соселани. Ги проучував тие човечки судбини и драми, кои преку писма и усмени пораки порачуваа по своите синови и ќерки, да дојдат од градот или од некоја прекуокеанска земја во селото, за да се видат, можеби и за последен пат.

Од друга страна, преку писма и пораки го слушавме и копнежот и носталгијата за родната грутка на братот Стево, сестрата Јованка, другарот Јордан Кочковски, кои ни пишуваа: “Братко, ние живееме и работиме во Торонто, но со мислите и душата сме во родната Градешница и Македонија”.

Додека се уште бев млад, со внимание и големо љубопитство ги впивав или ги запишував во мојот новинарски нотес зборовите, што ќе ги слушнав за минатото на Градешница. Простум ги голтав зборовите на постарите мои соселани, кога раскажуваа за многу настани што се случувале во минатото. Посебно ме обземаа раскажувањата на дедовците како што се: Илија Гуцевски, Ристе Босеовски, Стојко Ѕулков, Стојко Бојковски, Алексо Гулевски, Спасе Самарџиовски, Неда Чачевска, Митре Кикерковски, Трајко Бојковски, Васил Налевски, Никола Зулумовски, Митре Гулевски, Најдо Гулевски, Јован Босеовски итн.

Најповеќе ме одушевуваа фактите што низ нашето бурно историско минато, мариовци и градевци секогаш успешно ги надминувале и ги преживувале сите ветрометини и голготи што се случувале, на овие балкански простори. И не само тоа, туку Мариово и неговото население уште во XV век го дигнало својот глас против турското ропство.

Сите овие возбудливи раскажувања, особено разурнувањата на селата Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и Зовиќ за време на Првата светска војна и нивното повторно издигнување од пепелиштата не можеа да ме остават рамнодушен и постојано ме поттикнуваат да ги забележам на хартија, за корисно да им послужат на идните генерации.

Истакнувајќи ги подвизите на нашите предци, илинденските дејци, загинатите во Балканските војни, првата светска војна и стотина градевци активни учесници во НОБ, од кои двајца загинати, на сите со особена почит им се заблагодаруваме, особено загинатите кои своите животи ги вградија за слободата на Македонија.

Размислата за пишување на монографијата, се повеќе се продлабочуваше во мојата свест, откако Градешница тргна по надолна графичка линија, поради запоставување на нашите села и забрзаниот процес на миграцијата село – град и емиграцијата во прекуокеанските земји како и во индустриско развиените земји во Европа.

Овој труд за Градешница, делумно е труд и за цело Мариово, при што симболично им се оддолжуваме на сите македонски изгинати и преживеани дејци и борци, кои ја зачуваа македонската националност и индивидуалност од обидите на туѓата асимилација и денационализација.

Овој монографски труд нема претензии за сеопфатност на темата за која станува збор, но сепак книгата, мислам, ќе им послужи на идните творци, кои ќе истражуваат и пишуваат за поднебјето на Мариово.

Поради забот на времето, веројатно некои настани и лица по име и презиме ги имаме пропуштено, да ги споменеме во овој труд, за кое длабоко им се извинувам.

При прибирањето на податоци за овој монографски труд, свој придонес дадоа Архивот на Македонија од Скопје, Подрачната единица на Архивот од Битола. Потоа должна признателност изразуваме и кон Косте Ќиќерковски, Марко Стојовски, Јован Парговски, Стале Гулевски, Стојко Чачевски, Атанас Чачевски. Стево Крстевски, Трајко Бојковски, Велика Бојковска, сонародниците – Јордан Кочовски и Стево Босеовски и други. Сепак за отпечатувањето на овој труд посебна благодарност заслужува градоначалникот на Општината Старавина, дипломираниот инж. Тодор Гулевски.

Чувствувам должност и потреба на сите да им изразам искрена благодарност, за несебичната помош и моралната поддршка, при обелоденувањето на овој макотрпен труд.

При прибирањето на податоците и пишувањето на монографијата, наидував на одредени неочекувани тешкотии, но и тоа беа надминати и совладани благодарение на доследното ангажирање на моите верни соработници.

Исто така, за да ја види белината на денот, искрена почит и благодарност им изразувам и на рецензентите Д-р Благој Стоичовски и Д-р Петруш Ристевски за корисните забелешки, предлози и сугестии што ми ги укажа при подготовката и обликувањето на трудот.

 

A В Т О Р О Т

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu