Свадбарски обичаи во село Градешница

Booking.com

Извадок од монографијата „Градешница” од авторот Трајко Босеовски
Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17


Градевци и сите други мариовци на свадбениот чин уште од памтивек му посветуваат посебно внимание.

По веридбата или давање на дума, свадба и датата на нејзиното одржување е правен според договор на двете страни. Свадбените обичаи почнуваат уште во четвртокот, кога се канат на свадба роднините и пријателите. Во петокот деверите берат здравец за венец на невестата. Во саботата кај младоженецот се меси погача, се прави плетеница на венецот, се пеат и пригодни песни. Вечерта на невестата и се носи венецот и други предмети од кај младоженецот. Другарките на невестата, при таа пригода пеат пригодни песни.

Во недела пред пладне, свадбари накачени на коњи со младоженецот заминуваат по невестата. Во куќата на невестата влегува прв младоженецот, а потоа свадбарите дојдени до куќата на младоженецот Невестата е во посебна соба, каде и се придружува и младоженецот.

Невестинската мариовска носија е една од најатрактивните македонски носии, а во која е облечена невестата. Невестата од куќата на родителите обично ја изведуваат нејзините браќа. Во тие моменти нејзините другарки је пеат песната:

„Проштевај, мамо, и ти, тате,

И роднино голема!…”

По неа се пее песната:

„Цереша се од корен корнеше,

мома се од мајка делеше!…”

Невестата се качува на коњ, a ја придружуваат нејзините браќа. Младоженецот, исто така, се качува на коњ и заедно со сватовите се оди на венчавање. Во Градешница венчавањето се прави во убавата црква „Св. Никола”.

По венчавањето, невестата пред куќата на младоженецот ги дарува роднините на зетот. Невестата во куќата на младоженецот влегува со машко дете во рацете, со што се симболизира желбата за продолжување на лозата на младоженецот. Веселбата со гајда или музика продолжува до доцна во ноќта, кога се објавува чесноста на невестата. Во понеделник се пие блага ракија, а попладне невеста се води на вода. После недела – две се прави првиче, каде се оди на гости кај роднините на невестата, и обратно, роднините на невестата доаѓаат на гости кај младоженецот.

По ослободувањето, свадбените обичаи и во Мариово се поедноставни и изменети на градешки начин, особено при избегнување на големите трошоци. Младоженецот, покрај купувањето на скапите подароци, треба да даде одредена сума пари и за купување на својата идна брачна другарка.

Booking.com