СВЕЧЕНО ПОГРЕБЕНИЕ – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Поп Ангеле Беровски, од едно наше село многу се заложуваше за морал и чесност.

Проповедуваше во црквата секоја недела, ги учеше селаните да се придржуваат кон сите десет божји заповеди, наблегнувајќи најмногу за оние: за постот и молитвата, за посетување на црквата, за моралниот живот во семејството, братољубието, за кражбите и присвојувањето туѓа мака, за среброљубието и т.н.

 

Дали пак тој се придржуваше на тие заповеди, тоа не беше важно. За тоа тој си имаше завршен збор на крајот од проповедите: „Слушајте што вели поп — не правете што прави поп”.

Селаните го слугаа; будалите и му веруваа, но многу од нив почнаа да тераат шеги со овој „божовен” поп.

Во подигравките со попот еден од селанковци жртвува дури и петнаесет златници —наполеони.

My пцовиса на селанецов една маторица и тој реши, и по цената на толку пари, да го испроба попецот до каде оди неговата лакомштина за која велеше дека е еден од смртните греови. My отиде на попот и го замоли:

„Ми умре”, — рече, — маторнцата, дедо попе, и те молам да дојдеш да ја пееш и да ја закопаш на гробиштата”.

„Како ќе закопам маторица, Ристе? Кај се чуло и видело животно да се пее и закопува со поп? — му одговорил попот на Ристета дури навреден.

„Ама чекај, дедо попе, да ти објаснам малку”, — почна Ристе. „Мојата маторица не е обична маторица. Кога умираше ми остави аманет да биде закопана како што се закопуваат луѓето. И друго — да видиш! Ми ги остави овие седум наполеони да му ги дадам на попот што ќе го изврши закопот. Еве, на, земи си ги паричкиве и сврши ми ја оваа работа да не барам друг”, — му рече и му ги подаде седумте златници.

Попот ги погледна златниците, ги зеде од раката на Ристета, ги протркала од брадата за да се намножат како влакна од неа и си ги тури во џебот.

„Е, така може, Ристе, може; бог да ја прости маторицата. Чинете азар да ја испратиме до вечната куќа .. . Само . .. гледај да не му отиде в уши на владиката оваа работа, та да не аргоса и тебе и мене.

И така Ристе направи мртовечки сандак, свеќи, пченица и се друго што беше потребно за закоп и со неколкумина селани и селанки, со попот пред „скапиот” покојник се изврши ова необично погребение.

Арно ама, Ристе му жугна некако на владиката дека поп Ангеле закопа маторица со сите црковни обеди и церемонии. И, се разбира, владиката се налути, та веднаш прати покана до поп Ангелета. Овега го пријаде јасник и почна да се тапка и жала:

„Сигурно за таа ѓаволска маторица ме вика; ќе си ја земам бељата, ќе ме обричи, — си рече во себе попецот и отиде кај Ристета да се посоветува дали не ќе може да му помогне некако.

„Да сториме инќар, бре Ричко, не бидува ли?” — го праша со натажен глас. „Ќе речеме дека го излагале тие што му кажале”.

Ристе пак тоа го чекаше:

„Никаков инќар, никаква лага, попче! Цело село знае дека ја закопавме маторицата. Ама тоа беше умна маторица, та беше предвидела се, па и ова дека ќе разбере владиката, та и за него, еве, му остави осум наполеони. Еве, земи ги и однеси му ги; ќе видиш дека нема да те кара”.

Попот ги зеде златниците и кога владиката почна да го кара и му се заканува дека ќе му ја обричи брадата, ќе го распопи, тој ги извади и му ги подаде:

Повели, дедо владика, овие ги оставила маторицата за тебе.

—Е, така бива, попче, бива; само… гледај да не разберат селаните!

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com