СУЕВЕРИЈА

Booking.com

Μариовскиот селанец е мошне многу суеверен. Вампири, самовили, зли духови и слични натприродни суштества царуваат и денес во неговата фантазија.

Тие ја возбудуваат неговата душа и кај него предизвикуваат силен впечаток. Тој верува во тие демони наполно и за да си ги претстави, така да се каже, во поконкретна форма се обидува нивното постоење да го поврзе со практичните цели на животот.

 

Карактеристично за тие верувања е што селанецот во духовите гледа сили коишто дејствуваат само според желбата на Бога. Таквото однесување кон задачите на духовниот живот, без сомнение, претставува отклонување од вистинската христијанска вера. Таквиот вид на верување добива карактер на многубоштво!

Селаните дури и кога формално исповедаат еден Господ, тие имаат слаба претстава за него и не се добри, вистински христијани. Во црква одат само 1-2 пати во годината, a се причествуваат едвај еднаш на четири години. Оттаму произлегува околноста што тие имаат слаба, сосема слаба претстава за своите морални задолженија.

Едно од најраспространетите суеверија, длабоко вкоренето меѓу населението, е почитувањето на Света Петка. Тоа се состои просто во празнувањето на секој петочен ден, но не во чест на воспеаната светица Св. Петка којашто се слави само еднаш годишно, туку поради еден стар обичај останат кој знае од кога и посветен кој знае кому. Веројатно тоа се должи на околноста што постои потополна идентичност во звучниот изговор меѓу зборот петок како ден од неделата и зборот Петка – името на светицата. Суеверното население на Св. Петка и ја препишува следната моќ: да ги заштитува и застапува пред Бога, да ги претпазува од суша, болест, неплодност, грмотевици и воопшто од многу несреќи и пакости. Α во замена за тоа, таа од нив бара да ја почитуваат празнувајќи го петокот.

Ја опишуват како жена којашто ноќе оди до вратите на човечките живеалишта, тропа по нив, се искачува на покривите, се покажува од камините само со лицето или пак целата и секогаш гола, им диктира услови за нејзиното редовно празнување, им се јавува насоне повеќе на жените и тогаш, на едни, им држи говор, на други, им издава пресуди, на трети, им ја претскажува иднината итн.

Интересно е нејзиното празнување од страна на мажите. Тие во петоците се слободни да собираат дрва, да носат ѓубре на нивите, да си го поправаат оралото, да копаат – воопшто да вршат секаква работа – но мора да се воздржуваат од орање. Тоа уште еднаш ја потврдува вистината, дека селанецот е силно приврзан кон земјата и дека затоа и посветува најголемо внимание.

Така, по однос на празнувањето на петокот, само жените се покажуваат како вистински фанатици. Почнувајќи уште од вечерта спроти петок, тие, слично на Евреите во сабота, не фаќаат ништо во текот на целиот петочен ден се до вечерта. Тие неделата не ја празнуваат толку ревносно колку петокот.

 

Преземено од книгата „Записи за Мариово“ од Крсто Бинев Андонов (Напишана во почетокот на XX век )

Booking.com