ТРАДИЦИОНАЛНО СТОЧАРЕЊЕ ВО МАРИОВО

Booking.com

„ТРАДИЦИОНАЛНО СТОЧАРЕЊЕ ВО МАРИОВО“

Автор: Виолета Нешковиќ, Прилеп

„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г


Мариово е планинска област на југот на Македонија, во масивот на Мариовско-Мегленските планини, помеѓу Битолските полиња и Тиквешието.

Се протега од запад кон исток, од влезот на Црна Река во Скочилирската клисура до нејзиниот излез во Тиквешието, односно до Полошкиот манастир. Оваа надолжна осовина на Мариово е во должина од 40 километри од југ према Егејскиот (Беломорскиот) дел на Македонија денес под Грчка аминистративна управа, се граничи со планините Ниџе и Кожуф, од северо-запад со Селечка планина, а од север и северо-исток со планината Дрен и нејзините ограноци.

Мариово нема поголеми рамници туку само мали проширувања (полози), а останатиот дел од областа се состои од висорамнини и зарамнети коси со длабоки долови На Мариово му припаѓа централниот дел на Мариовско-Мегленските планини со површина од 1390 км. кв, додека, средната вредност на надморската висина изнесува 1000 м.

Мариовско-Мегленските планини се протегаат на десниот и левиот брег на Црна Река. Планините кои се наоѓаат на десниот брег на реката имаат правец на протегање североисток и југозапад. Тоа се Ниџе, Козјак со највисокиот врв Кајмакчалан (2525 м) и масивот Кожуф со врвовите Добро Поле (1877 м), Петерник (1440 м) и Кравица (1160 м). На левиот брег поредени се планините Селечка и Дрен. Измеѓу овие планини Мариово е поделено на мало или долно и старо или горно Мариово. Во долно Мариово се вбројуваат селата: Вепрчани, Дуње, Пештани, Кокре, Кален, Крушевица, Чаништа, Орле, Маково, Рапеш, Брник и Ивени. Во горно Мариово се вбројуваат селата: Петалино, Груниште, Будимирци, Градешница, Старавина, Бзович, Село Манастир, Бешишта, Полчишта, Мелница, Витолиште, Жиово, Врбско, Рожден, Мрежичко, Клино, Галишта, Гуџаково и Скочивир. Помеѓу Селечка Планина и планинските венци на горно Мариово се протега Црна Река во должина од 190 км. По своето протегање е карактеристична бидејќи има еден смер а два правци. Тоа доаѓа затоа што во Битолската котлина се составуваат двата правци во “лакт”, така како што диктира геоморфолошката форма на планините и нивниот смер на протегањето. Црна Река е брза и ерозивна во планинскиот дел на Мариово, а мирна и длабока во Битолската котлина. Главни притоки на Црна Река се: Блашчица, Илинска Река, Слоешница, Градешка Река и други помали рекички и изворишта.

Климата е остра средноевропска, слична како по планините со средна висина на северот на Балканскиот Полуостров. Летата се долги и жешки со многу малку врнежи, зимите ладни со високи снегови, а во пролетните и есенските месеци јасно се нагласени преодните климатски фази помеѓу топлите и ладните периоди. Врнежите се обилни во пролет, есен и зима

Педолошкиот состав на земјиштето на Мариово е различен. На висините до 950 м, се јавуваат алувијални и делувијални еродирани земјишта Плитките котлини се составени од карбонатни езерски глини и лапорци кои имаат мала до средна продуктивна способност и се обработливи. По горните ивици на овие земјишта се наоѓаат пасишта со средна издашност на тревна вегетација кои се погодни за одгледување на ситна стока (кози и овци). На високите планини земјиштата многу често се резидуални (скелетни). На карбонатните планини најчесто се камењари. На силикатните стени резидуите се ретки и покриени се со шума. Овие земјишта се наоѓаат на поголемите висини од 950 м, плитки се и каменити покриени со трева и црногорична шума

Историски развој и име па областа

Историското минато на Мариово не започнува со доаѓањето на Словените на Балканот. Историските извори зборуваат дека Мариово било во составот на старата античка Македонија, која се простирала од Пинда и Олимп на југ, до Шар Планина на север и реката Места на исток до Албанските планини на запад. Римскиот период исто така оставил материјални докази за неговото постоење на ова подрачје. Највидливи и најраширени трагови кои траат и најчесто се среќаваат и денес, за постоењето оставиле словените. Во западниот дел на Македонија се населиле Словени-Брсјаци, кои допреле и до Мариовската област. Долго време Брсјаците го одбивале византиското влијание која имала за цел да ги подјарми и стави под нејзина управа што на крајот и успеала Овој период на борби против византиското влијание траел од почетокот на доселувањето (крајот на 6 век) до пропаѓањето на Самоиловото царство (почетокот на 11 век).

Во овој период основно занимање на македонските Словени било земјоделието, кое, заради тоа што имало непосреден допир со повеќе развиеното византиско земјоделие многу побрзо го развивале и унапредувале. Напоредно со развојот на земјоделието како основно ангажирање се развивале и останатите препоставки на феудалниот политички и економски систем, кои, сите доселени Словени a со тоа и Брсјаците ќе ги стави во државна организација на Византија.

Борбите што се воделе во текот на 13 век, во самата Византија многу придонеле да ослаби нејзината одбранбена моќ. Во осумдесеттите години на 13 век за време на кралот Милутин, Србија на балканските простори се јавува како силна држава и успева да ја потисне Византија од северниот дел на Македонија a со тоа и да завладее. Во текот на понатомошните борби и истиснувањето на Византија од Македонија, Србија напредувала према југ така што во четириесттите години од 14 век за време на царот Душан потполно завладеала со Македонија. После смртта на царот Душан српската држава се распаѓа и на нејзините граници се појавуваат Турците, кои ќе одиграат доминантна историска улога за цела Мекедонија во текот на наредните пет векови. Турската доминација, за Македонија и нејзиниот економски развој значеше стагнирање. Новиот османлиски феудален систем создаде миријска земја и го сруши стариот византиски систем на пронијари и слободни селани.

Феудалниот притисок, насилствата и злоупотребите на македонскиот народ, уште во раниот период на турското владеење се повеќе ја разгорувале и поттикнувале желбата на угентениот македонски народ за организаирање на разни облици на отпор и освета Првиот познат масовен организиран отпор на македонскиот народ избил уште во 1564 г. токму во Мариово. Во него учестувале мариовските селани и дел на граѓанството од Прилеп, а поводот бил “зулумите” и земањето на се поголеми најразновидни форми на данок.

Ваквите борби на македонскиот народ, за национапна и етничка самобитност не престанаа се до дваесеттиот век, поточно до 1945 г., кога после долги векови на трпења и борби народот успеа да се здобие со етничка економска и политичка слобода Создадена е држава на Македонците каде се овозможија сите услови на културен и стопански развој.

Мариово било како дел на Македонија во контекстот на сите историски збиднувања и политички промени кои се одигрувале во текот на повеќето векови.

За генезата на името Мариово постојат неколку претпоставки. Спрема историчарот Орде Иваноски, Мариово го добило името по словенската божица Морена По народното предание Мариово го добило името по Марија Султанија, жената на Мурат II. Према ова предание Марија го добила на поклон овој дел од Македонија од Султанот, издала ферман за “земска” слобода на Мариово, кој што ферман Мариовците го бранеле во бунтот од 1564 г.

Меѓутоа, покрај “амириса” Марија (Маре), постоела уште една Мара, втората жена на кралот Урош III маштеата на цар Душан, која во 1337 г. како кралица – вдовица се омажила за севастократорот Јован Оливер. Тој го имал меѓу останатите области и Мариово под своја јурисдикција Овие се само претпоставки кои се можни факти со чија помош може да се пребарува по историските документи за генезата на името Мариово.

Населби и етнички состав на населението

Населбите во Мариово се лоцирани на високите планински страни, каде земјиштето е суво “исцедено” и каде што се наоѓа обработливото земјиште, на повисоките околни ридови. Куќите се збиени во махала (маало), како кај селата од аромунски (влашки) тип, со “средсело” во средината како зборно место за селските собири и веселби. Куќите се едноспратни (приземни) или двоспратни од керпиќ (непечена цигла) или камен, покриени со цреп или со камени плочи. Долниот спрат се користи како магацин или штала, додека горниот спрат служи како живеалиште. Куќите се оградени со камени ѕидови во чие средиште се наоѓаат мапи дворови. Бавчите – градините се на имањата во близина на селото, каде што се наоѓаат изворите или реките.

Старата куќа е приземјена, поделена на два дела. Во едниот дел живееле луѓе, додека во другиот дел се држела стоката. Оваа приземјена куќа е заменета со спратна куќа од камен и кеприќ.

На ваквиот тип населби и изглед на куќите, освен географскиот фактор, влијание имала и византиската медитеранска култура на живеење во систем на читуљци.

Населението во Мариово е од брсјачко потекло. Ова снажно словенско население е многу умерено, штедливо, како ни едно друго на Балканскиот Полуостров. Познато е како слабо се храни но и покрај тоа овие луѓе работат по цел ден со големи ефекти.

Мариово претставува заедно со Преспа, Поречје, Дебар и Радика оаза на патријархалниот режим, затоа што животот е организиран во фамилијарни задруги. Овдека и денеска живее физички најјак и етнографски најсвеж дел од Македонското население. Тоа се жилави, мали, црномурести луѓе. Помеѓу нив се среќаваат луѓе со источњачки црти на лицата, кои веројатно се настанати од македонското живеење со Турците. Познато е дека во Мариово била империјата на турските спахии, кои по насилен пат стапувале во блиски односи со жените за кои се вели дека биле убави, свежи, здрави и со широки карлици.

Населението во Мариово претежно се занимавало со земјоделие и сточарство. Доминантно било сточарството поради поповолните услови.

Сточарство, сточарски миграции и бачила

Во време кога го вршев истражувањето, 1970 г., во две села во Мариово, кои се карактеристични, затоа што селото Скочивир се наоѓа во низинскиот дел од Мариово, a другото Витолишта во планинскиот дел, сточарството беше примарна гранка од стопанството. Покрај екстензивното сточарство, населението се занимава и со земјоделие, одгледува овци, говеда, коњи и свињи.

Сточарството е слабо продуктивно, претежно се одгледуваат автохтони, примитивни раси и соеви на стока со мала жива тежина, со ниска продуктивност и слаба плодност. Покрај тоа зимските и летните пасишта, поради недоволна нега и нерационално користење, не даваат повеќе и поквалитетна храна. Стоката страда од суши и болести. Овците, благодарение на поволните климатски и земјишни услови и големи зимски и летни високопланински пасишта, се најмногу застапени во сточниот фонд на Мариовците. Се одгледува домашна овца “праменка”. Овците се одликуваат со квалитетна волна, но се недоволно продуктивни, поради слабата млечност и малите телесни тежини. Поради подобрување на квалитетот вршени се експерименти со вкрстување на домашна овца со “мерино” расата

Говедата во Мариово се малубројни, застапено е домашното говедо “буша”. Слабо хрането и лошо негувано, говедото е од мал раст, мала жива тежина и со слаби продуктивни способности. Поради своите слаби расни карактеристики не се одгледува во голем број. Во најголем број на случаите се користи како работна сила во земјоделието. Кравите не се телет секоја година, за да се добие поснажен подмладок. Од истите причини кравите не се молзат за сето млеко да се остави на телето.

Коњот во Мариово претставува важна работна сила, воглавно превозно средство по планинските предели. Мариовскиот коњ е припадник на ориенталните коњи, “тарпана”. Co мал раст, мала жива мера, но доста издржлив. Се задоволува со послаба исхрана и не бара посебна нега.

Свињите во Мариово се одгледуваат во многу мал број. Се одгледуваат нископродуктивни раси и тоа само за задоволување на сопствените потреби од месо и маст.

Сточарството во Мариово се базира на традиционалниот начин на сточарење со сезонско селење на стоката. Сезонските движења на стоката (селењето од зимски на летни пасишта) е врз основа на развојот на вегетацијата и големите можности на релјефот. По течението на реката Црна Река се зимските пасишта, а додека летните пасишта се на околните планински венци, кои се наоѓаат на мало растојание (близината на високите планини). Ваквиот начин на сточарење дава карактеристика на номадско сточарење. Движењата на сточарите се одвиваат по еден утврден традиционален систем и режим, кој започнува рано на пролет, а завршува во касна есен. Почетокот или “издигањето” на стоката е при крајот на април месец или почетокот на месец мај. Ѓурѓовден е терминот кога сточарите се состануваат, ја “спрегаат” стоката и ги завршуваат сите припреми околу начинот и местото за правењето на “бачилата”. “Бачилото” претставува место кое е оградено од прирачен материјал “плетар” со една ил’и повеќе простории, кои исто така се направени од прирачен материјал. Тука се собира стоката која е на испаша, се “молзи” собира млекото и се прават сите млечни производи (сирење, кајмак, матеница и изварка). “Бачилото” може да биде организаирано од еден домаќин – сопственик или пак се здружуваат повеќе од нив.

Движењето на сточарите се одвивало во четири етапи, т.е. постојат четири географски појаси по кои стоката се преместувала. Тие се разликуваат по вегетацијата, стопанското значење на земјиштето и населеноста. Тие се: “жупи”, “селишти”, “долни планини” и “високи планини”. Причината за ваквиот начин на движење во Мариово е пред се економска, бидејќи на овој начин стоката се храни со најевтина свежа храна подолго време.

“Жупата” претставува подрачје кое се протега по речните корита или доловите, каде снегот најмалку или воопшто не се задржува. Тука стоката престојува преку зимските месеци, напасувајќи се со откривање на тенката снежна покривка или со стрнка. Рано напролет вегетацијата прва се буди на овие простори нараснува и тука останува се додека “селиштата” не разеленат. Селидбата од “жупите” претставува почеток на “издигањето” на стоката према повисоките планински области. Бидејќи “селиштата” претставуваат сточарско-земјоделски појас, стоката тука останува до почетокот на земјоделските работи. Кога ќе почнат земјоделските работи, започнува и “бранењето” на нивите тогаш стоката мора да се преселува уште на повисоките појаси, према “долните планини”.

“Долните планини” претставуваат области на обилна вегетација, каде стоката останува додека не почнат летните горештини, кога водата за напојување станува се поретка, а најчесто и воопшто ја снемува. Пресушуваат сите помали реки, рекички, потоци и извори. Следната етапа се “високите планини”.

Ha “високите планини” стоката останува до раната есен, кога започнува температурата нагло да опаѓа, према пониските етапни појаси. Ова инверзно движење се нарекува “сјавак”. Стоката се спушта до “долните планини”, каде останува до првите мразеви, а потоа слегува уште подолу до “селиштата” (после прибирањето на летнината), а во зимскиот период се сели во “жупите”.

Бачилата во минатото кога имало поголем број на овци, биле организирани институции од еден домаќин – стопан. Секој од нив, сам за себе си организирал бачило, запослувал луѓе најчесто во сезоната од “Ѓурѓовден” до “Митровден” и им плаќал на крајот на сезоната, кога “завршувало” “бачилото”. Работата била поделена на еден главен “чаја” или “бач” (претставуван од домаќинот – стопан или платен човек од поверење), кој се грижел за се што е потребно околу стоката и останатите извршители. Тој ги претставувал пред властите, издавал наредби и им ја распоредувал работата на останатите извршители, а и самиот работел на извршувањето на млечните производи. Во оваа организациона шема постоеле извршители “овчари-молзачи” и “овчари-јаловичари” кои ги чувале јаловите овци, шилежињата и бравите.

Ваков тип на “бачење” постоел се до 1919 година кога е создадена Југославија (СХС), а Македонија поделена со поставување на меѓународните граници токму во обласите на Југот на Мариово. Ова допринело да се смали бројот на овците и стариот начин на “бачење” да се трансформира – реорганизира.

Сега се појавуваат поголем број на домаќини – стопани но со помал број на грла, кои се принудени со здружување “спрегање”, да организираат заеднички “бачила”. Се пренесува старата “организациона шема со сите именувања на извршителите, должностите и правата на луѓето. Сега “чајата (“бачот”) ќе биде оној домаќин кој има најмногу грла. Тој ги презема грлата од останатите домаќини, а за тоа добива надокнада во натура или пари “руга” како ги викаат Мариовците. “Бачот” се грижи за грлата (стадата) и прави распоред кој домаќин, кога и колку млеко треба да добие што зависи од бројот на грлата. Ваквата форма на здружување се вика “спрега”. Формирањето на стадата во “спрега” започнува на “Ѓурѓовден”, кога сите се состануваат со главниот домаќин “бачот” и се договараат за “бачијата”. На тој договор се одредува редоследот за “земањето” на млекото, плаќањето на извршената работа и за сите битни прашања околу организирањето на “бачијата”. Редот, кога домаќинот треба да го “зема” млекото, “бачот” го запишува на својот стап – “Рабуш”. Најнапред млекото го “зема” оној домаќин кој поседува најголем број на грла. Ама, бидејќи овците “даваат” најповеќе млеко во месеците мај и јуни, се настојува да секој од “спрегарите” барем по еднаш “земе” млеко во тој период.

Пред да се организира “спрегата” секој од домаќините си ги обележува со посебни знаци своите грла. Белезите, (“ровашите”) можат да бидат: ластегарче (во форма на буквата “V” латиница), на долниот дел на увото, предорезо – засечување напред на увото, рамно – се скратува врвот на увото, или цепено – се расцепува врвот на увото на два дела.

Кога ќе намалат топлите денови (крајот на мај – почетокот на јуни) се организира стрижење на овците “стриг”. Таа работа ја извршуваат мажите, домаќините и овчарите. На тој ден, со посебно расположение (емотивно) со ритуални постапки се организира богат ручек и пијалак. Обичај е за тој ден да се канат стрижачи, што претставувало голема чест за секој маж. Се организирало натпревар во брзина и квалитет, а на најдобриот следувала и пригодна награда. Во народот позната е изреката “те канам на стриг”, што ги подразбира сите напред споменати обичаи со посебно внимание и почит.

Стрижењето се изведува со посебно исковани рачни ножици со посебна форма и големина. Секој домаќин си ја зема својата волна и ја предава понатаму на обработка на жените.

Како принцип за делењето на млекото отсекогаш се применувал бројот на “спрегнатите” здружени грла. За бројот на грлата како принцип при делењето на млекото, помеѓу здружените домаќини, се договарал уште првиот ден. Најмалку било потребно 5-10 грла за да може 1 ден домаќинот да зема млеко од “спрегата”. Млекото се носело во домовите, кога бачилата се наоѓале во близината, но кога “бачилата” се наоѓале подалеку од домовите, млекото се преработувало на местото на “бачилата”. Тоа го работеле самите овчари, но најчесто го правел “бачот” кој имал поголемо искуство со млекото и добро ги познавал тајните на технологијата за правење на млечни производи. Делењето на млекото трае до крајот на јули, а после тоа кога млекото бидува се по “врело” – густо, повеќе не се дели по договорениот редослед, ами се преработува на “бачилата” и во вид на други производи се дели на сите “спрегари”. Заради сето ова уште на почетокот “чајата” се подготува и се обидува да обезбеди на време доволни количини на сириште, садови за молзење, канти за вода, млеко и каци за сирење, како и други материјали и прибор потребен за правење на сирење и миење на садови.

Сточарските живеалишта на местата на селидбите, се правата од два типа. Летни и зимски. Летните живеалишта не се исти оние во ниските зони со оние во високите. Во ниските зони, летните живеалишта се изградени од штици, со стрмни дрвени покриви. Тоа се подвижни живеалишта – колиби, кои се расклопуваат и пренесуваат, a служат само за ноќевање на овчарите, за спремање и чување на млечните преработки. Во високите планински зони, летните живеалишта се изградени од сувозидини, заради острата клима и подолгото задржување на стоката во овие зони. Тоа се стални живеалишта со кров од дрвени штици и покриени со прирачен материјал, кој преку зимото се открива, за да колибите не би се срушиле под тежината на снегот. Ноќно време стоката се затвора во торови, најчесто со кружен облик направени од трње и гранки. За безбедноста од присуството на дивечот на стоката и луѓето се грижат големите овчарски кучиња, кои се наоѓаат надвор од торот.

Зимските живеалишта се стални, a се наоѓаат во близина на селата, и се разликуваат оние во ниските села од оние во селата со поголема надморска височина. Во ниските села, зимските живеалишта се ѕидани од камен и друг тврд материјал, покриени со дебел слој на слама, во кружен облик и триделни. Се состојат од колиба, кошара и послони. Сите три дела прават една целина меѓу себе поврзани со вратничиња. Само колибата е ѕидана од тврд материјал покриена со слама, а кошарата од плетар. Да би било потопло одозгора се нафрла дебел слој на слама Од кошарата се влегува во постонот, кој е направен од испреплетени гранки во вид на круг, кои од внатрешната страна се подигнати на потпори каде се наоѓаат јаслите каде на стоката и се дава храна, а навечер стоката се затвора во кошарите каде ноќева

Зимските живеалишта кои се градат во близина на селата со поголема надморска висина се лоцираат на сончевите страни на ридовите. Овие живеалишта најчесто се групираат во близина едно до друго, бидејќи во зима овчарите си помагаат едни на други во периодот на јагнењето. Нивна карактеристика е спретноста Долниот, приземниот дел е изграден од камен, карактеристичен за амбиентот и тука заедно со стоката престојуваат и овчарите. Горниот дел е од дрвен материјал и во него се сместува храната На таваницата од долната просторија постои посебен отвор, низ кој се дотура храна на стоката од горната просторија Околу живеалиштето се прави кружна ограда во која се истерува стоката на “прошетка”, а ноќно време се затвора во колибата

“Бачилата” не се само места каде се чува стоката во текот на летните месеци, туку тоа е место каде се преработува млекото. Кога ќе престане носењето на млекото по домовите за преработка овчарите се организираат за преработување на млекото по “бачилата”. Млечните производи се добиваат исклучиво од овчото млеко, додека кравјото млеко се остава на телињата за храна. Овците се молзат 4-5 месеци што зависи од расата и исхраната на стоката Во најголемата лактација овцата “дава” 300-400 гр. млеко/ден во мај и јуни, па се помалку, додека не пресуши околу Крстовден. Од овчото млеко се прави бело и биено сирење, масло (маст), изварка кисело млеко, маштеница и други помалку значајни производи.

Белото сирење е меко “обично” – сирење, кое се добива така што млекото се потсирува со сириште (добиено од загруденото млеко -колострум – од јагнешкиот ширден од претходно заклано јагне или пак се користи вештачко сириште), па потсиреното млеко се става во цедило, се заврзува и се остава да се исцеди водата. Цедењето се прави во специјапни дрвени калапи “корита” кои имаат отвор за исцедување на сурутката “зира”. Оваа сурутка се собира во сад за сирење, се додава млеко во однос 1:1 и после термичка обработка се добива изварка

Од овчкото млеко се прави и познатото мариовско биено “тепано” сирење. Ова сирење се прави на два начини:

Првиот начин е кога невареното подсирено млеко се става во котел и на тивок оган се грее. Co дрвена лажица млекото се меша постојано, се додека на површината се формираат грутчиња на засирено концентрирано млеко. Грутчињата се собираат во “топки”. Тие “топки” се ставаат во цедила до крај да се исцеди сурутката Течноста која останува во котелот е посна сурутка на кој и се додава свежо млеко и повторно се прави изварка. На овој начин добиеното сирење е со повисок квалитет од биеното сирење добиено на следниот начин.

Вториот начин е: подсиреното млеко се става во голема каца и се “тепа” со “матало” (тоа е подебело дрво на долниот крај се наоѓа обрач од гранки). Во кацата се ставаат два поголеми врели камења, претходно припремени, и се продолжува со “тепање”. Co “тепањето” и под влијание на загреаните камења се појавуваат на површината грутки на засиреното млеко (сирење) кои се собираат во “топки” и се оставаат во цедила”за да се исцеди сурутката Повторно во сурутката која останала во кацата се додава свежо млеко во кое се додава сириште и повторно после 6 дена се повторува постапката Така добиеното сирење е со полош квалитет. Онаа течност која ќе остане после оваа постапка се вика “бира” со која се хранат свињите. Добиените “топки” на едниот и другиот начин се потураат со топла вода да би се стврднале, потоа на сонце да пожолтат, се солат, се сечат на парчиња и се редат во дрвени каци.

Од млекото се добива кисело млеко, a со додавање на пресно “благо” млеко и со матење во бутин се добива матеница – јогурт.

Од сурутката и млекото се добива масло (овча маст) која е многу вкусна и квалитетна кога е свежа. Во сад се тура исто количество на сурутка и млеко, таа мешавина се остава да стои 4 – 5 дена за да “узрее”. Потоа се тура во ступа – “бутин”, се бие со матало на кој начин на површината се создава пенаста материја која се собира во каче. Кога ќе се наполни качето одозгора се прелива со вода, која се променува на 2 -3 дена, за да не се “запали” – ужегни маслото.

Се добива уште и “кисно” млеко – кајмак кој се соли и се чува во качиња Кога качето ќе се наполни, се прекрива со овчко масло и вода која се менува често и во таква форма се јаде во зимскиот период.

Во процесот на преработувањето на млекото се употребуваат котли од бакар, однатре обложени со калај (калајдисани) со рачки од страните, дрвени каци со големина од 50 – 100 литри. Немаат дршки, туку само “увциња”. Дрвено ведро, кое служи за молзење и неговата мера изнесува од 7 – 10 литри.- Ведрото има само едно увце од страната за држење. Кобелот е дрвен сад, малку поголем од ведрото, со две “увциња” од страните, во кој се чува и транспортира сирењето. Понекогаш млекото и млечните производи се пренесуваат и со “мешини”. Овие ги изработуваат сами овчарите од овча или јагнешка кожа. Бутинот претставува тесен и висок дрвен сад, кој при дното се проширува и служи за произведување на масло и маштеница

Покрај овие погоре споменати стичарски производи, уште се добива: кожа, месо, волна и лој. Сите овие производи се преработуваат и како такви се употребуваат за изработка на ткаенини, за исхрана или за други куќни потреби.

Кожите од овците, свињите и говедата се преработуваат со “штавување”. Се “штавува” свежа кожа со посолување со сол и царевно брашно. Така штавената кожа се остава на провевно место да се исуши за потоа од нејзе да се прават опинци, кожуви, разни торби и простирки за седење.

Месото се употребува сирово или посолено. Од посоленото месо се добива пастрма Свежото месо се посолува и се суши на провевни места, а потоа кога е суво, се става – реди во каци со сол.

Волната према квалитетот е позната како “реја”, “руда” и “козина”.

Рејата е остра груба, со долги влакна волна; која се употребува за изработка на шајак, аба и други груби ткаенини. Урудата е фина волна, со кратки влакна мека и се употребува во домашните изработки за танки и меки ткаенини за изработување на елеци и други делови од народните комплети – носии. Козината е најфината волна, со најкуси влакна која се употребува за полнење на перници, душеци и покривачи, како и за изработување на многу танки и нежни племва и појаси.

Од овците се добива лој, кој некогаш се употребувал за осветлување, но и за правење сапун.

Сапунот се добива на тој начин што лојот се топи и му се додава вода и жива сода, па потоа се вари. Сапунот се сечи на парчиња и се остава да се исуши.

Населението во Мариово ги сака и ги цени овците и ги негува со посебно внимание. Другата стока исто така ја одгледува, бидејќи му е потребна за задоволување на секојдневните потреби.

Постојат општи и посебни имиња за стоката, во зависност од бојата на руното, шарката, обликот на роговите.

Општото име за овците кои се молзат е молзница, мажјакот кој е за приплод се вика брав, мажјакот кој е скопен е “чукон” брав.

Посебно име за овците и бравовите по руното се: калеша, калеш, белица, лискалиси, по ушите се: чула, чули, илата, илемпиј, по роговите се: рогата, а за овенот према тоа како му се свиткани роговите: вилии -ако роговите одат во височина, црнорог- ако има црни рогови, корчорог – ако има полжавести рогови.

За јагнињата: раниче – тоа е првото јагне кое се ојагнило во таа година, сугаре – јагне кое се ојагнило последно.

Постојат општи и посебни имиња и за говедата. Општите имиња се: вол – скопен мажјак, јунец – приплодно говедо, јуница – млада уште неотелена крава, крава – женка која се има отелено, теле – подмладок на говедата

По бојата или имињата на луѓето говедата можат да бидат: волот према бојата може да се вика: лиси, белич, шарко, а кравите Марица, Доста, Стана и др.

Маските и магарињата се најчести придружници на стадата. Се употребуваат за пренесување на терет и за јавање. Заради нивната издржливост тие се најпстодни за пренесување на товар на поголеми далечини, исто така се користат како превозна стока со која се оди в град. Општите имиња се: маска, магаре, магарица, прле – принова на магарето.

Коњот исто како магарето и маската служи за пренесување на товар и јавање. Покрај тоа се користи за вршење и за обработка на земјата Општите имиња се: коњ, кобила, ждребе, ждребица – кој се уште не е ставен во јарем или оседлан. Hero уште го викаат: Црвенко, Петко, Трајко и тн.

Обичаи, верувања и народиа ветерина. – Многу народни верувања и сточарски обичаи одамна изумреле или изумираат под влијание на општествените промени и изменетиот начин на живеење во домовите и новиот начин на стопанисување. Поголем број на сточарски обичаи и верувања се однесуваат на заштита на здравјето и напредувањето на стоката.

По народните верувања, многу болести и други несакани последици кај стоката доаѓаат од вражање, уроци и дејствување на други невидливи сили. Во минатото било раширено верувањето, дека низ народот има мажи и жени, КОЈ СО СВОЈОТ поглед можат да и наштетат на стоката, а исто така и со вражање и други магии можат да му го земат млекото на најдобрите крави и овци. Затоа во народот се преземаат разни мерки зарди заштита од несакани последици.

Сето тоа придонесува за тесна поврзаност на сточарот со неговата околина. Длабокото чувство на врска кое настанало во старата традиционална сточарска култура помеѓу човекот и неговата средина, особено со конретни дејствувања кои имаат магијска сила, се изразува од зависноста на сточарот од доброто здравје на неговата стока од која добива се што му е потребно за да може да опстане. Постојат растенија, животни и минерали кои се штетни или благородни за животот и здравјето на луѓето и стоката. Обичаите кои можат да се видат, само се израз на длабоката вера на луѓето во добро и лошо, која може да се сретне насекаде.\/

При создавањето на бачилата, кога ќе се соберат сите домаќини, се коли јагне и секој носи погача и пијалак, па потоа се прави зеднички ручек. Тој ден се измолзуваат овците и од добиеното млеко се прави сирење, кое се продава, а од добиените пари се купува сол за крмење на стоката. За време на ручекот жените носат вода од изворот и со зелено гранче го прскаат стадото од таа вода.

И при стрижењето постои обичај со вода. Рано наутро домаќинката подранува и носи вода од изворот или реката, ќе набере бусен од тревата огајка, коприва и млечка и со тоа домаќинот ги попрскува овците. Кога ќе се истрижи првата овца, во нејзиното руно се става бусенот од тревата со кој била попрскана стоката и се остава волната на покривот од куќата каде останува три дена. Кога ќе се симни бусенот од тревата се остава во куќата пред иконата. Првото руно посебно се пери, а потоа се зема бусенот трева и се фрла в река или се остава кај изворот.

Кога се завршува стрижењето на овците, се прави венец од трева огојка и му се става на роговите од овенот предводник, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се обезбеди здравје и многу стока и млеко.

Кога ќе се почни со молзењето секој пат овчарот се прекрстува и ги попрскува овците со млеко. Кога ќе се ојагни првото јагне, жените прават питулици, а тој што-ќе ја донеси прв веста го честат со слатки и пари. На првото и на последното јагне му клава околу вратот разнобојна огрлица со кампонка, заради заштита од лоши очи. Тоа се прави и со телињата, ждребињата и прасињата.

Во народот постои верување дека стоката може да се поболи ако нагази на некое “нечисто” место, како што се вилино оро, гумно од вештици, против тоа стоката се прска со вода од богојавление. Повеќемина од сточарите строго внимаваат на забраните кои се јавуваат во текот на годината, а врзани се за разни празници. Постат кога тоа треба да се прави и ги поштедуваат празниците, а посебно Тодорица која ја сметаат за сточарски празник. Ако тоа не го направат, се плашат дека волците ќе им ги напаѓаат овците.

Народот својата стока не ја лечел само со магиски работи, туку и со разни тревки, за кои се утврдило во подолгиот временски период и со искуство дека се лековити.

Bo пролет ce јавува надуеност на овците и говедата, а тоа се случува ако се прејадат млада детелина. Кога ќе се надуе стоката во устата и се става дрвен клип и ја бркаат да трча. Во потешките случаи на стоката и се прободува ширденот со нож, или пак ќе ја заколат. Овцата ја ставаат во ладна вода, а ако тоа не и помогне, ќе ја заколат.

Често пати овците заболуваат од гноенки на папците. Овчарот ќе ги засечи заболените папци и ќе ги намачка со криолин.

Крмастата шап е заразна болест од која страда сета стока. За оваа болест се бара помош од ветеринар. Некогаш тоа било неизлечива болест.

Брливост е нервно заболување кај овците, тогаш овцата се врти во круг. За таа болест нема лек, па затоа овцата се коли, а главата се фрла.

Седољача е болест на внатрешните органи при што овцата се коли и се фрла.

Од каснување на змија се лечело со пуштање на крв над каснатото место.

Метилавост е болест од која најмногу страдаат овците. Како најсигурно средство на овците им се давал дистол, кој го купувале во аптеките.

Скопување на стоката. – Стоката се скопува заради товење, за работа или ако не се сака приплод или подмладок од некое грло. Се скопуваат биковите, свињите и овните.

Биковите и овните се скопуваат со удирање со специјални направи, која има дрвен чекан и меѓуле. Co удирањето се прекинуваат жилите на тестисите и на тој начин престанува можноста за оплодување.

Свињите се скопуваат со вадење на тестисите, а раната се шие и се премачкува со катран.

Заклучок. – Традиционалното сточарење на Мариово е само мал научен придонес во проучувањето на културното наследство на еден дел од Македонија, кое долго време останало недопрено или само делимично и парцијално опишано од некои истражувачи. Испитувањата кои биле вршени порано, дале само повод да се оди понатаму во настојувањето да се расветли проблемот врзан за животот и традицијата на овој народ.

Сточарењето несомнено најдолго ги задржал рамките на стариот начин на живот и треба многу внимание да им се посвети на обичаите, обредите и верувањата, за да може да се врши споредбена анализа на потеклото и настанувањето на многу сточарските специфичности и начинот на живеење, менталитетот и материјалната култура.

TRADITIONAL LIFESTOCK BREEDING IN MARIOVO REGION

Summary:

Lifestock breeding in Mariovo region is very important, even it is the most important branch of breeding particularly on the high mountains. But rural economy was depended not only on natural conditions but of historical events that heppcned in the past as well.

Semi-nomadic lifestock breeding was in treditional cycles. It means way of living and manufacturing of milk products which remind to regional lifestock breeders of Vlahes and Aromanics.

The autonomy of this district has induced to a stronger Macedonian feeling and keeping strong Slav soul. It resulted in a riot against Turkish occupiers in the XVI cent, and struggle for freedom. Mariovo District has not been ethnologically researched from social and religious point of view, in order to make the unknown clear in this part of West Macedonia, particularly most of all the Prilep-Bitola plain.

J do hope that this traditional lifestock breeding is a contribution to raise more questions of interest not only from ethnological point of view but in archeology, foklore and other sciencies.

ЛИТЕРАТУРА

1.            Јован Цвијиќ, Основе за географију и геологију Македоније и старе Србије, Београд 1906, стр. 320-321.

2.            Исто, стр. 322.

3.            Исто, стр. 322.

4.            Исто, стр. 327.

5.            Енциклопедија Југославије, књ. 5, Загреб 1962, стр. 606

6.            Константип Јиречек, Историја Срба, књ. II, Београд 1988, стр. 25

7.            Јован Цвијиќ, Балканско Полуострово, Београд 1989, стр. 253

8.            Исто, стр. 444

9.            Исто, стр. 445

10.          Енциклопедија Југославије, књ. 5, Загреб 1962, стр. 662

„ТРАДИЦИОНАЛНО СТОЧАРЕЊЕ ВО МАРИОВО“

Автор: Виолета Нешковиќ, Прилеп

„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г

Booking.com