ХЕРОИТЕ – епска песна

Booking.com

Бојот ужасен – земјата татни

таму в’мариовските планини;

над Градешница крај водите матни

војуваат храбрите дружини.

 

Лаките (48) бесно со аскер се полнат:

таму и комити се збираат,

пламено тие братски се колнат

за правда сите ќе умираат.

 

Душмански аскер, џган неброен –

трчаат ли келавите Турци,

бој започуваат ожесточен

со нашите одважни Костурци.

 

Ете и Атеш-паша кај иде

со безброј премалени воини,

запре, разгледа и гордо виде

востаници смели многубројни.

 

Страшно се збуни тогаш и чело

наведе ниско, реши да седи,

кафе да пие божем весело

и на војниците да им реди:

 

Многубројна е наш’та ордија

нивните пушки слабо бијат,

додека кафе да си испијам

нив сите да ги убијат!

 

Убијте ги или фатете ги –

доведете ми ги сите тука,

да видат тие комити клети

турската пушка како пука!

 

Но в’миг филџанот му потскочи

куршумите го заглушија,

тука в раката – со прст посочи

кај што луто го ранија.

 

Спремни, браќа, сите бидете

турските куршуми веќе фрчат,

удрете машки и спомнете си

нашите мајки како се грчат!

 

Знајте, нив ние ги прежаливме

за кураж сами да си дадеме

и братски, сложно си кажавме

живи нема да се предадеме…

 

Бараме правда, бараме право

за робјето, за Македонците,

доста не мачи ропството крваво

одмазда против правогонците!

 

И почнаа залповите често

да се забиваат душмански,

в турските редој ко в тесто

в телата нивни погански.

 

Редови нивни бргу се ретчат

офкања смртни секаде вијат,

побргу класовите се сечат

од жетварските орудија.

 

Пашата паѓа од бол, со очај

го виде тоа истребување,

тажи тој што не може да стане

да им даде бар поттикнување.

 

Сал едно можеше да рече

за утеха тогаш генералот:

топовите да грмнат веќе

Балканот сиот да го запалат.

 

Топови грмат, небото крвари

силни гранати таму пиштат,

горе високо дабови стари

се под себе само ништат.

 

Сонцето јасно се премрежило

земјата тажна во мракој лежи,

сонцето туѓо во страв се свило

од тие здивени грмежи.

 

И мисли така пашата клети

ќе ги испоплаши хероите –

распрснати во крилати чети

низ планината, по осоите.

 

He го достасуваат јунакот

страшните убиствени гранати,

негде далеку низ честаците

меѓу дрвјата попаднати.

 

Се бијат и песни восторжни пеат

сили јунашки исцедуваат,

црни, крвави од нив се леат

и песни други започнуваат.

 

И грми се – се реве и бучи

како на нека пеколна сцена,

адската стихија зловесто фучи

на окрвавената арена.

 

48) прочуената битка на костурските востаници со многубројниот турски аскер во 1903 година се одвивала на падините ма мариовските планини, во месноста Лаките – расположена на исток околу градешката река, недалеку од с. Градешница.

 

Преземено од книгата „Записи за Мариово“ од Крсто Бинев Андонов

Booking.com