Откријте го Мариово
Хидрографски особености

Хидрографските особености на подрачјето на с. Градешница, како дел од мариовската котлина, зависат од подземните води, врнежите, пошуменоста, земјиштето и други морфолошки услови.

Градешкото подрачје се одликува со водотеци, кои извираат и се формираат од планинските подрачја и од десната страна се влеваат во Црна Река. Такви реки се: Коњарка, Белата Река, Лешница, Градешка Река, Бешишка Река-Сатока, Бутурица, Блашница и други помали водотеци.

 

Црна Река извира над село Железник, Демирхисарско на 760 мнв. Минува низ плодната Пелагонија, потоа кај Скочивир навлегува во Мариовската клисура, минува низ Кавадаречкото поле и кај античкиот град Стоби се влева во Вардар. Црна има должина од 207 километри, а вкупен пад на речното корито изнесува 631 метар.

03

Црна река низ Мариовската клисура

 

Како поголема притока од десната страна на Црна во мариовскиот дел е Градешка Река. Извориштето на Градешка Река се наоѓа во подножјето на македонско – грчката граница, во планинската месност наречена Уруп, при што во горниот водотек се вика и Урупска Река. Извориштето се наоѓа на 1.600 метри надморска височина. Нејзина притока е Коселска Река и други помали извори и чешми. Должината на самиот водотек на Градешка Река изнесува 26 километри. Правецот на истекување е кон запад и тече низ с. Градешница, североисточно се пробива низ Старавинската клисура и од селото Зовиќ свртува кон север, каде се спојува со реката Сатока. Од десната страна Градешка Река прима поголема притока, Бешишка Река. Зголеменото водотечение на Градешка Река се влива во Црна Река на котата од 410 м. и тоа низводно на 3 километри од Чебрен. Површината на сливот изнесува 116 км2. Во изворната делница падот на Градешка Река изнесува 7,28%, а на последната делница падот изнесува 5,58%.

05

Градешка – камена река

 

Градешкото подрачје, особено планинскиот дел не е сиромашен со вода за поење и водопој за стоката. Планинските води се питки, ладни без варовник. Градешка Река за селото Градешница во минатото, па и до денешен ден, значи живот. Реката за населението од ова село има големо економско, климатско, хигиенско и друго животно значење. Од реката се наводнуваат селските градинарски површини. Во минатото по делницата на Градешка Река имаше 12 воденици за мелење брашно и 18 бичкии за бичење на трупци. На делниците кај селата Старавина и Зовиќ, исто така на оваа река имаше воденици.

Бела Река, со притоката Лешница со некои делници, исто така, му припаѓаат на Градешкото подрачје. Извориштето на Белата Река е под врвот Ниџе (2362 мнв.) и должината на водотекот изнесува 16 км. Бела Река во Црна се влива на котата 500 метри. Нејзиниот просечен пад изнесува 9,44%.

Десната притока на Бела Река е Лешничка Река на која, исто така, водата се користи за наводнување на градинарски култури, напојување на добиток и др. Споменатите реки вода имаат и летно време. Недостиг на поголеми извори и реки на Градешкото подрачје се чувствува на плодните површини ,,Бејчеви Круши”, „Ветрушка”, ,,Орничето”, ,,Бунарот” и други.

Во Градешкото подрачје нема минерални топчи и лековити води и извори.

Мариовската котлина како релјефна целина се одликува со специфичен распоред на врнежи во текот на годината. Според статистичките податоци на врнежите во мм., по сезони и вегетативен период 1951 – 1980 година во просек Градешкото подрачје најмногу воден талог имало зиме – 224,6 пролет – 203,6, лето – 124,8 и есен 214,0 мм. Најмногу врнежи паѓаат во есен и зима (60%) во вид на снегови. Според моето сфаќање, облаците со дожд над Градешкото подрачје повеќе доаѓаат од запад, односно Пелагонија, Селечка Планина, го зафаќаат Јужно Мариово и минуваат кон планинските венци Кравица, Козјак, областа Меглен – Егејска Македонија.

Просечни ведри денови над Градешкото подрачје, како дел од Мариовската котлина, во текот на годината има 124 дена, облачни се 98, додека другите денови претежно се сметаат како замрежени.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu