Откријте го Мариово
Борбите нa подрачјето нa селото Градешница

Bo согласност со наредбата на Главниот штаб на HOB и ПО на Македонија, веднаш по формирањето, Седмата бригада тргнува во незапирлив борбен поход, право на мариовскиот терен, а потоа се префрлува на битолско – преспанското подрачје.

 Во текот на ноќта 23/24 август 1944 година, Бригадата го напушта селото Зборско и избива на грчко – македонската граница, кај Кравица. Според разработениот план за напади и борбени дејства во текот на попладневните часови, Вториот баталјон добива задача прв да ја нападне караулата Уруп, а Првиот баталјон караулата Царева Полјана. Водич на патот на Вториот баталјон е борецот Стево Тапанџиовски – градешец, кој добро му е познат теренот на Градешката Планина. Пробивајќи се низ буково – боровата шума, без да бидат забележани, партизаните наближуваат во непосредна близина на Урупска Пресоп. Ударните партизански групи лазејќи како мачки, наближуваат на стотина метри до караулата Уруп. Бугарските војници токму тогаш, завршувајќи со ручекот и некои распашани почнуваат да пишуваат писма за дома. Ниеден од војниците не помислува дека партизанските ударни групи ги држат на нишан од своето автоматско оружје и пушки. На дадениот знак, партизаните отвораат силен оган од оружјето. Некои од војниците паѓаат мртви во дворот на караулата, други се даваат на „јуначко” бегство надолу крај Урупска Река, трети со дигнати раце се предаваат.

 

Партизаните на јуриш тргнуваат и влегуваат во зградата на караулата. По кратко време е заземена и караулата на Царева Полјана. По разбивањето на посадите на двете караули, бугарските војници во панично бегство тргнуваат да се повлекуваат кон ,,поројот”, ,,Речков Рид”, „Цериката” и „Воденикот” кон селата Градешница и Старавина. Трештењето на митралезите, пушките, минофрлачите и другото оружје ги вознемирува гумнарите кои по нивите ги вршат своите снопје, сточарите, косачите, дрварите и другите селани кои се на некаква работа надвор од селото. По зачестените пукотници, повеќе од селаните почнуваат да се прибираат во своите домови во Градешница.

При настапувањето на партизаните, со своето громко „у-р-а! и Напред, другари:” на чело на стрелачкиот строј чекори бестрашната партизанка Еврејката Естреја Овадија – Мара. Кај месноста „Водник” на непријателот со камиони им доаѓа помош од Битола и Прилеп. Но, поставените непријателски митралески гнезда над Градешница, за кратко време се разбиени од минофрлачката партизанска чета, со која раководи прецизниот стрелец и нишанџија Италијанецот Стефани (доброволно приклучен кон партизаните).

Пред зајдисонце, партизаните тргнуваат на јуриш и го приморуваат непријателот да се повлече кон участокот во Старавина. Потоа, седмобригадирите со развиорено македонско знаме влегуваат во селото Градешница, одушевено пречекани од населението. Во селото се одржува митинг, а потоа борците се распоредени во групи по куќите на вечера. Штабот на бригадата е сместен во куќата на браќата Алексо и Јане Гулеви.

Истата ноќ во селото е формиран селски народноослободителен одбор, а за претседател е избран селанецот Трајко Ѕулков. Во текот на ноќта, исто така, доброволно е собрано од куќите леб, сирење, грав и друга храна

потребна за наредните денови на борците.

28

Естреа Овадија Мара (втора од лево)

  

По вечерата, на сред село во Горно Маало се развива партизанско оро, се пеат и партизански песни:

„Абре, македонче,

за каде се спремаш,

борба те чека,

борба за Македонија…”

 

Потоа песната:

„Обичам, мамо, млада партизанка да станам,

на Пелистерска планина…!”

 

Околу полноќ на 24/25 август 1944 година командантот Васко Карангелевски од својот револвер испукува црвена ракета, а тоа значи дека Бригадата треба да се припреми за тргнување. На бригадата и се приклучуваат нови борци, меѓу кои: Борис Велков, Стојко Бацов и некои други. Борците на Бригадата, поздравувајќи се со градевци, ја напуштаат Градешница и во долга колона се упатуваат кон Бела Река, Базерот, Кајмакчалан. Двајцата тешко ранети борци од претходните борби се сместени во една галерија кај месноста „Стењева Пресоп” и се дадени на чување на доверливи селани од село Градешница.

При разденот кај Бела Река се констатира дека во Бригадата ја нема партизанката Лена Ташковска. При патувањето таа заспала, во непосредна близина на патот кај месноста ,,Воденик”. Следното утро на неа наидува селанецот Петко Мојанчев. Тој ја пробудува партизанката и ја води во Бригадата. Партизанот Панде Ташковски се враќал од Бела Река кон Градешница, да ја бара својата братучетка Лена. Но, на сред пат се сретнуваат, при тоа партизанката возбудено ќе рече на својот братучед:

 

– Панде, овој градешец е вистински Македонец. Ако не беше тој, бугарските војници можеа на спиење жива да ме фатат и да ме погубат!…

– Да токму тоа можело да се случи – потврди партизанот Ташковски.

Откако се поздравиле партизанот и партизанката, заминуваат во Бригадата, а селанецот Мојанчев свратил на својата колиба кај „Стењева Пресоп”.

 

На 25 август Бригадата се разместува кај Влашките колиби на Ниџе и тука преноќева. На 26 август 1944 година Бригадата презема напади за ликвидирање на бугарските караули на планинскиот масив Ниџе. Првиот батаљон ја ликвидира бугарската посада и ја освојува караулата и капелата на Кајмакчалан. Вториот баталјон ги освојува караулите на Старков Заб и Старков Гроб.

Јуришот на Третиот баталјон е запрен кога се приближува на утврдените непријателски позиции од караулата ,,Доктор Рајс”. При оваа борба храбро загинува заменик на командантот на баталјонот Мордохај Нахмијас – Лазо. Тука загинува и курирот – борец Јован Налев – Џони. Во оваа борба херојски паѓа и Естреја Овадија- Мара со уште двајца борби од заштитницата. Подоцна, Естреја е прогласена за народен херој.

На 27 август 1944 година Седмата македонско – битолска бригада се повлекува во селото Попадија, јужно од Кајмакчалан, потоа се префрлува на планината Баба. Од Кајмакчалан во Градешница се враќаат со својот добиток Ристо Вржалков и Димитрија Босеовски. тие ја пренесуваат жалосната вест (носејќи ја храната за бригадата) за загинувањето на бестрашната партизанка Естреја и другите загинати борци. За многу борци од седмата бригада и борбите што таа ги води на подрачјето на Градешница, градевци долго ќе се сеќаваат и прераскажуваат, по ослободувањето на нашата татковина.

По ослободувањето, во една пригода во Битола, заменикот – командант на Седмата битолска бригада, Пецо Гудовски, ќе ми рече:

 

–       Другар, Босеовски, во борбата што Седмата бригада ви водеше за ослободување на Градешница, загинаа 12 бугарски војници, а бригадата имаше двајца тешко ранети и тројца полесно ранети борци.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu