Откријте го Мариово

Анѓелино моме
што си налутено,
дал те глава боли
или половина?

– Ни ме глава боли,
нити половина,
туку сум мажена
многу на далеку,
преку сина река,
во големо село,
во богата куќа.
 Момче имам мало,
на чколо ми оди
кога дома с’иде
книги загубило,
молив му го зеле;
кога влева дома
по мене сал вика:
-Мале, мила мале,
книги си загубив,
молив ми го зеа!
-Јас не сум ти мајка,
мака да се сториш,
туку сум ти жена,
желки да проводиш.
Кога леп си месам
по мене сал вика:
-Мале, мила мале,
меси ми пупале!
-Јас не сум ти мајка,
мака да се сториш,
туку сум ти жена,
желки да проводиш!
Јас по вода одам,
то по мене иде
и само ми вика:
-Мале, мила мале,
подај ми бардале
ми се пие вода!
– Јас не сум ти мајка,
мака да се сториш,
туку сум ти жена,
желки да проводиш,
пусто да се сториш!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Доста Волчева, родена во с. Груниште, тука и омажена; тогаш (1953) имаше 65 години.
Вид на песна: хумористична

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu