Бела Неда платно беле
на реката на лаката,
кај што врват овчарите.
Заврвоа доврвоа
млади Стојан најодѕади:
-Добро утро бела Недо!
Никак Неда не говори.
-Нека нека, бела Недо,
да испадне бела пролет,
да рашуми зелен гора,
ќе испаднам млад комита,
ќе ги ловнам твојте браќа,
твојте браќа два близнака;
па ќе дојдеш на молење,
ќе ми седнеш на колено,
ќе се кревам на големо!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Неда Здравевска, родена 1910 година во с. Будимирци, а омажена во с. Груниште; во 1953 година имаше 43 години.
Вид на песна: овчарска