Бела Неда змеј ја љуби,
ја љубеше три години
Та што дојде пред Велигден,
пред Велигден на Лазара:
-Ајде Недо ќе те земам!
-Постој змејче почекај ме,
почекај ме до Велигден,
јас си имам девет браќа,
да променам, да наружам,
да ги пратам на сретцело,
да му зготвам сладок ручок!
-Ќе те чекам до Велигден
да испаднеш на орото!
Сите биле на орото,
бела Неда не испадна;
постарото братче дојде:
-Ајде Недо, ајде сестро,
ми се смејат другарите!
Го послуша бела Неда
ми испадна на орото,
ми се вати на танецот
да ми игра ситно оро.
Се зададе силен облак
и ми дојде Стојче змејче,
ми посегна со раката
и ја крена бела Неда.
Неда еднаш проговори:
– Кој ќе може нек ме втаса,
нек ме втаса и откине!
Се загнаа нејни браќа,
вдалечина ја втасаа,
в височина не можеа!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Неда Здравевска, родена 1910 година во с. Будимирци, а омажена во с. Груниште; во 1953 година имаше 43 години.
Вид на песна: балада