БАЧИЛО BO РАЈОТ – лаги, смешки, хумор од Мариово

Booking.com

Празник е 9 август, свети Пантелејмон; селски сведен.

Поправо на врвот Панделе над селото Полчиште (Мариово) има црквиче на името од горниот светија и секоја година на овој ден излегуваат луѓе од околните мариовски села на поклонение. Се носат јадења; се колат јагниња, прасиња; се весели младината на ладот по рудината. Отидов и јас на овој ден да се „поклонам” на неколкуте печени јагнешки главчиња, џигерчиња, крезлички и сплинки, толку повеќе што денот беше петок, та знаев дека попот нема да ми меша во овие работи, што ќе ги донесат притропите на чело на трпезата, небаре за попот. А тој, сиромав, ете, не смее ни да помириса од нив, не пак да јаде. Неоти пак мене ми беше до јадењето? Ама ете така, да се видам со стари другари и пријатели, да поразговарам и ги распрашам за живот и здравје, за стока и бериќет, за арно, за лошо, за помин на селото.

 

Отидов, велам, и ги слушнав. Едни се плачат, други се фалат. но сите опфатени со познатиот мариовски хумор; пријатно е да ги слуша човек. Дури и на гробишта кога закопуваат мртовец, тажните лица оддаваат своеобразен хумор и шеги. И ги наведов на еден таков разговор:

— Mope ми, умрел дедо Бојо, баго! Што го бодеше; дали овци или кози немаше! — мупотфрливна еден постаричок човечец што стоеше до мене.

Тој веднаш ја симна капата и се прекрсти кога го спомнав дедо Боја, како да сакаше да се прости со својот боен другар од Беласица, па проговори со сето почитување кон умрениот:

— Бог да го упокои, арен беше — арно стори. Ошче еднаш не прави така, — па како да го испраќа умрениот, продолжи: — Ајми со здравје, побратиме, и постилајте со свети Петрета. Чекај ме по некоја година и друга; ќе правиме заедно бачило во рајот; ќе и дотерам јас и твоите овци, та веќе козите одамна се во рајот; сигурно си и најде таму!

Обрачот луѓе околу мене се умножи. Сакаат да слушаат што „лаги” пак оваа година ќе собирам.

Еден помлад го послушна стариот дека се токми за во рајот, па му се обрна:

—           Mope каков рај за вас со дедо Боја сите невести пиштеа од вас на млади години, а сега рај барате. Нема, дедо, нема! И сиренце во петок и млади невести и душа во рај. Ќе вриете во вечна вие таквите, затоа не лажи се, не оди кај него. Пишман ќе бидеш!

—           А бре, да си поживеа јас, внучко, ошче десетина години, та после кој сака нека умира, токо така се вели лафот. А оти ние овчарите ќе си одиме во рајот, тоа сигурен сум ошче кога на овој век си имаме работа со светите животинки: овците и козите; не ќе се делиме на тој век од нив?

—           Откаде накаде пак козите и овците свети животинки? — се замеша друг од обрачот. Старецот почна да им објаснува и да тврди дека од сите животни на земјата, само овцата и козата се свети. Еве зошто, вели.

—           Ви се случило ли вам кога молзите, некоја овца или коза да ви се испогани во ведрото?

—           Ихааа! Колку пати, колку! Mope секој ден, — одговорија селаните.

—           И, што правите тогаш?

—           Што правиме; што правиш и ти. Ќе го исфрлиме со рака изметот и ќе си продолжиме со молзењето.

—           Демек, млекото не го турате, а?

—           Какво турање; не сме будали!

—           Ах, да ми сте живи! Ајде нека ви го направи тоа што го прават овцата и козата некој од светците, владиците, патриците, па и самиот Ристос, ќе ве видам дали ќе го омирисате млекото, не пак да го пиете или сирите. Ете зошто јас само тие две живинки ги признавам за свети.

Селаните се замолкнаа и се позамислија. Многу убедително им се виде објаснувањето од старецот. Токму наместо, нема што.

—           А, како го испративте дедо Боја? My зобнавте ли сите од пченката? — ги прашав, само да го продолжиме муабетот околу него.

—           My зобнавме, џанум; нема да се поплаче од таа страна. И бравчето го каснавме, — почна еден да раскажува како поминал на гробот од дедо Боја;

My го тргна попот она последно негово: „Со свјатими упокој …” му фрли три раце земја на очите и му рече: „Лесна му земја, бог да го прости”, и ние го засипавме со истите зборови. Бабите го протажија со солзи „низ ногавици” и му седнаа на бравчето и пиењето.

—           Повели, браче попе, напиј се, да му се најде на тој век на дедо Боја, на свекра ми Петка, на татка, бацка Митрета — ги изреди баба Бојовица сите свои мртви. макар и пред десет години да беа умрени, и му го подаде оканичато со сливовата ракија. По нeго проскурата со сирење, пиперки, шеќерчиња врз него.

—           Бог да го прости, невесто Митро; да му се најде на тој век, — благослови пак попот на нејзината покана. Ја нарече „невесто” иако двајцата ги имаат поминато шеесетте, но редот го носи. И тука си има церемонии. Кога таа му вели „браче”, треба тој да нарече „невесто”. И невеста е сега. Останала вдовица и месарицата нарача кога го кренаа луѓето дедот Боја: „Овој од место — Коле наместо”. Коле Мунев е пристар вдовец во нашето село, та не ќе биде никакво чудо што по шест недели да го замени дедо Боја кај Мита, без оглед што е помал од баба Митра дваесеттина години. Такво е Мариово наше, пусто да биде — нема пусти жени, та вдовци од четириесет години земаат баби од шеесет, само „да му мириса куќата на жена”.

—           Риба и жена нема стара — нема мала, побратиме. Мрда ли — држи! — се јави еден што чека да умре некој старец, па да ја прибере бабата, „да му мириса куќата на женичка”. И за малите си имаат свои разбирања. Затоа друг потфрли:

—           Удри го чупалето со капата не падне ли — држи; здраво е за колење.

И не им е лошо, да видите. Младото девојче ќе им порасне и ќе им стане домаќинка, а бабата е стара домаќинка, та навистина куќата ќе им мириса на женштија.

Разбрав подоцна, баба Бојовица го плака дедо Боја, ама по шест недели се исполнило пророштвото на месарицата; се наместил Коле на Бојовото место.

—           Стара! He ќе и го вара месото јас, та стара? — одговара Коле кога го задеваат селаните што ја зел толку стара.

—           Mope, старо буниште повеќе гори, побратиме, — го штити дедо Стојко Колета. — Камо мене да ми падне некое старо бунишче да се топла зимоска, туку нема, нема на некого да му се стемни, та мене да ми се осамни . . .

Такви се мариовците мои; и во гробот со шегите одат.

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com