БОГ ДА ЈА БИЕ СТЕВОВАТА МАЈКА – епска песна

Booking.com

Бог да ја бие Стевовата мајка,
Стевовата мајка калеш Катерина,
сред Прилепа седи, Стево си го реди:

 -Стево мили сине, едини на мајка,
едини на мајка, едини на татко,
едини на татко, еден питимија,
еден питимија, и тој арамија;
како си бегало до девет години
ни писма праќаш, Стево, ни ти си идеш
арам да ти е мојто благо млеко,
што сум те доила токму три години,
што сум те носила до девет месеци,
ниту сум, сине Стево, слатко спиела,
ниту сладок лебец, Стево, сум изела,
ако си умрено спомен да ти месам,
а ако си живо дома да си дојдеш!
Бог да го бие Стева капеданот,
што си ја дочу неговата мајка:
-Писмо ти пишам, многу здраво живо,
одма да искаеш ќемер од коприна
за да го собере мојто дробно азно
што сум го печалил до девет години!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: арамиска

Booking.com