My се изначудија слушачите на дедо Дарка што отепал со една пушка мечка и див крмнак,
и кога еден рече „Ако е вистина — голема лага е”, дедо Никола се навреди и почна да раскажува:
— Ама вие не верувате кога ве лажам Ами еве да ви кажам како со една пушка отепав два зајака и лисица. — И почна со неговите одбрани зборови:
— Си го нарамив јас шејшането2) мое еден ден и тргнав. На лов, да не мислите на коприви или полжави. Беше паднало едно снежиште — до покрив. Mope и ќерамидите беа потиснати од него. И тргнав ви велам. Сам, без загар. Во големите снегови зошто ти е загар?
Овде онде отидов во Отин. А таму зајаци — купишта. Едно време истерав 77 со Лиса моја. Ги бројав, крстами. Толку многу што ги имаше во мое време во Отин. Снегот ја покрил земјата, нигде црно нешто да виде човек. Гледам горедолу, лево десно, нигде трага.
Аха-а-а! си велам. Тешка зима ќе биде штом не прошетале ноќеска сивчевци. Тол-ку поарно за мене. Ќе им се натепам зимава до наситка. И штотуку сакав да навратам долу во долчето да покркам, белќим ќе ја домамам кума лиса некако. Знаете, јас тогаш кркав како зајак, пеев како петел, лаев по-арно од Лиса моја. И таман сакав да ја ла-жам лисицата, кога се позагледав баш во долчето каде што сакав да слезам, гледам нешто каде црнее на лединката. Ги избришав солзите што ми навреа од северот. Дуваше север со ситен ветер. И кога загледав со избишени очи, што да видам? Тоа што црнееше беше се расчекорило, ја нурнало главата во снегот и така стои на сите четири нозе како децата кога играат прескакулица. А што мислите, кој го прескакаше? Ќе ви кажам и ќе се чудите.
Тоа што се ведеше, што „сечеше” што викаат децата, беше убава црвена како жар лисица, а тие што скокаа … два зајака. Лисицата сечи, тие прескокај. Но, не со ред како децата што скокаат од една страна, ами едниот од едната — другиот од другата страна и двата одеднаш — хоп, едниот преку глава на лисицата, другиот преку крста. И не се ни , допираа дури, а тоа стое и не се мрднува.
Сум седнал, деца, да гледам сеир. А таа наведена, тие туку рипаат како зајаци што можат да рипаат. Погледнав некоја и друга декика, почекав може сега тие ќе се наведнат пак таа да рипа, ама не излезе така. Најпосле не ме трпеше ловџиското срце и ги зедов на нишан. А тие откако ќе ја прерипнат, поистави се од неа и пак со трчанка прерипни ја чинеа секој на другата страна.
Да фрлам, си викам, само на лисицата, знам ќе ја погодам, ама оти да ги испуштам пак тие пезевенци? А ги гледам големи како прчевите на свато Кундета во Врпско.
Најпосле ги дочекав кога двата се стрчаа и како по талим наеднаш се најдоа над неа. И јас тогаш им го оптегнав шејшането. Бууум, замагли пред мене и јас се стрчнав надолу. Кога се приближив, што мислите, а?
Сите три животни лежеа испружени на снегот. Охохох! си велам. Ете ова се вели лов… Co една пушка два зајака и лисица. Си ја кренав лисицата, со едната рака ја префрлив преку рамо, во другата зајачињата и си тргнав кон село. Оди почивај си, оди почивај си, се довлечкав до спроти село. Почнаа да се слушаат петлите и кучињата, и како што ја носев лисицата на рамо фатена за задните нозе, со главата надолу, по грбот мој, туку почна некој да ме стиска по дебелите меса да ми проштевате. Бре што ќе биде ова, бре кој ќе биде, се вртам тркало, ама веќе ѕвездите од очите почнаа да ми излегуваат; толку што ме заболе одзади. Дури некое време се сетив. А бре оваа посестримкава не била пцовисана, бре!
И навистина, златни деца, таа да ми ти биде така замалушена и сега кога ги слушна петлите од наспоред каде пеат в село, а уште кога ги слушна кучињата каде лаат, да ти се освести. А ваму нозете ја проболеле, главата и отежнала надолу нависната, и кога ме зграпчи мене за ѕадникот. Me скина, нема што да ви се фалам. Вака, ја бапнав од земи. Налет нека биде и печалба и ќар кога ќе си останам без ѕадник, алипен цел век. Ја бапнав ви велам во снегот, а таа ороспијата си ja испрчи опашката и отиде горе во меѓата и од растот се заврте та почна да ми се смее.
„Ах! оросипјо една, ако ми паднеш уште еднашка в раце, туку чекај”, и велам, и сакав да ги оставам зајаците во снегот да и го завртам уште еднаш шејшането, ама си реков: ами ако се и тие недотепани да ја најдат неа и пак да почнат да ја прескакаат, што ќе однесам дома јас сиромав? Затоа си дојдов со два зајака, ама и со три заба”на ѕадникот. Уште ми се познаваат белезите. Ако не ви е шубе да ви ги покажам, да се уверите.
И стана дедо Никола да ми ги покаже белезите од лисичините заби, но сите привикаа дека му веруваат, та немаше нужда со факти да им докажува. А оној неверни Тома пак испушти едно тивко: „Ако е вистина — голема лага е”. Co една пушка два зајака што ја прескакале лисицата и таа го укасала за ѕадник, и кога ја бапнал во снегот ја напрчила опашката и почнала да му се смее од меѓата во растот!
Ама дедо Никола тоа и со факти можеше да го докаже, само слушачите му поверуваа и тој нарача уште едно дваесетипетдрамче и си отиде дома доволен што го исслушаа внимателно, а уште подоволен оти му „поверуваа на вистинската лага”.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com