Имаше Дамјан убав далјан. Ама ќе праша некој од младите ловци: што е тоа далјан.
Далјан е пушка — дупено железо — што се полни однапред со барут и сачми, a се пали одзади со капсла.
Но, за разлика од другите капсли пушки, далјанот се одликува со својата широчина како што се сега модерните пушки од 12, 16, 18 та некои дури и од 20 калибар. Далјанот би дошол на сегашно сметање некаде околу 8,6 ако не и 4 калибар, толку широк, но затоа пак кус под 80 см.
И кога ќе му се тури еден грст барут и една рака сачми, стој па слушај пукотници, стој па гледај валкарници од зајаци, лисици, волци и мечки!
Ете со еден таков далјан наш Дамјан се фалеше в село и не се слушаше од фаленици:
— Јас со далјанот мој кога му ја истурив на дивиот крмнак, не мрдна од место; Јас со далјанов — кога му отидов на Трибор два волка наеднаш кутнав; јас со далјанов орел на летање сум отепал; јас со далјанов ова, јас со далјанов она имам отепано. И уште за малку ќе кажеше Дамјан дека со нетовиот далјан и неколку ангели од небо има симнато.
Другарите го слушаа, се подбуцнуваа меѓусебе, некои потфрлаа „посмали Манго”, други одобруваа и се чудеа на неговите ловечки успеси; дедо Никола Дарко, тргнувајќи од самиот себе, често потфрлаше „Ако е вистина — голема лага” за она Дамјан што го раскажува, но сите се решија да го обидат еден ден и далјанот од Дамјана а повеќе неговото „јуначко” срце.
И како што правеја секоја зима, се собраа еден декемвриски ден, дури не се легнати мечките за зимскиот сон, да одат на лов на крупен дивеч. А тоа ќе рече: на срни, елени, волци па и мечки.
Се знае. Дамјан со далјанот тргна напред и ќе држи заседа на најопасното, но затоа најсигурно место за лов, на Ѓуровиот Камен, такаречи во куќата на баба Меца. Другите ги фатија „подолните” заседи, а терачите — се знае: ќе нададат викотници од другата страна во планината и што одредил свети Игнатија, ќе удри на чекачите.
И како што бива обично, чекачите зачекаа, а терачите завикаа, затропаа со тенеќии, фрлија и понекоја пушка на ветер и им го потераа дивечот на чекачите.
И токму дојдоа терачите спроти Дамјана, сите како подготвени почнаа да викаат:
— Чекај добро Дамјанееее! Држи се добро, Дамјанееее! Право на тебе мечката, Дамјанееее!
Дамјан убаво ги cлушнa и почна да му се тресе брадата. Тој носеше брада и во неа се колнеше кога раскажуваше за смелите подвизи, затоа и му „веруваа” другарите. Побара и најде една бука та се поткачи петшест метра високо и се подзатскри во густите гранки, но и тука не се чувствуваше сигурен, бидејќи и бабаМеца можеше да се поткачи. И кога виде дека е опасно да ја чека, а таа идеше право на него, (барем така викаа сите терачк од наспоред), тој го зарежа срамот. Што е срамот спрема животот? И почна уште посилно од терачите да вика од буката:
— Мечкааа!?
Мечкиииш!, мечкииииш! Бегај натаки, што си тргнала како слепа на мене! He остава Дамјан седум деца и една жена сираци за една мечка, па ако сака сета од злато да е.
Co ова Дамјан ја „напади” мечката и се спасија обајцата, ама оттогаш веќе не можеше да каже пред другарите, оти сите знаеја колкава јунаштина, а уште повеќе, колкава е голема неговата лага ако е вистина она што го раскажува.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com