НАРОДНИ ВЕРУВАЊА И ЛЕКУВАЊЕ CO БАЕЊЕ

 

Два дена пред раѓањето Христово (Божиќ) кај нас децата имаат обичај официјално да гонат кучиња. Тој настан тие го нарекуваат коледица. Велам официјално, бидејќи оние малечки деца, коишто се врткаат постојано дома, од преголема радост при помислата дека се приближува официјалниот свечен ден од празничните денови, уште пред 1-2 недели си дозволуваат да ги подгонат селските кучиња и собрани во групички по сокаците шумно да ја изразуваат таа своја радост викајќи о-о-о! Сега, за време на коледицата веќе и самите стопани, коишто порано се противеле, ги оставаат децата слободно да удрат на кучињата, велејќи им дека за тоа имаат разпуст (дозвола).

Штом се стемни, на малечките деца им се придружваат и поголемите – сите селски момчиња, а понекогаш дури и мажи! Така, лека-полека, коледарската толпа се зголемува, а општиот и невешт коледарски вик о-о-о се засилува исполнувајќи ги громогласно сите селски куќи. Co песни и свирки на гајда тие го обиколуваат целото село, застанувајќи на разни места да пеат и да играат оро. Од некое време во текот на ноќта, кога со дозвола – кога крадешкум, наберуваат доволно дрва и надвор од селото – на отворено место – запалуваат голем огин, коледарски, што кај нас станал пословичен, крај кого остануваат, греејќи се и прескокнувајќи го како вистински дивјаци, во шумен и весел разговор се дури не осамне. Утрината жените, верни на својот традиционален обичај, одат кај коледарскиот огин да земат од изгорениот јаглен по едно ќумурче што го ставаат во камарите, за кокошките да им носат повеќе јајца во годината. Α пак уште пред да се раздени коледарската толпа, составена веќе само од средновозрасни деца, бидејќи возрасните и мажите – како што кажавме -остануваат крај огинот, тргнува по куќите да собира колачиња што овде ги нарекуваат пупки. Коледарите брзаат да ги изредат сите куќи пред да осамне, зашто сметаат дека е срамота денот да ги затекне надвор. При наближувањето до куќите тие запрашуваат: „има ли некој дома”? Ако им се одговори потврдно, застануваат пред вратата. Домаќинот, исто од вратата, им дава колачиња во едно решето (јадро надупчено кожено или тенекиено сито) и тие, заминувајќи си, викаат: „в’година по-о-о-веќе!”

Во текот на денот, обично наутро, коледарите оставаат да собираат пупки најмалите деца, на кои возраста не им дозволува да прават такви силни и брзи движења како нив.

При замесувањето на пупките жените подготвуваат и друго едно колаче со форма слична на знакот, наречено воловарник. Неговата намена пак е следна: на Бадник него го вовираат на рачката на еден паличник, што го исправаат да стои над огништето во текот на три вечери. На воловарникот залепуваат една свеќа која ја запалуваат пред ручек и вечера исто така во текот на три дена, а последната вечер ја оставаат да догори. Изутрината на третиот ден го креваат паличникот од над огништето и го оставаат да стои на местото каде што стоел порано, а воловарникот го вадат, го скршуваат на две половинки и им ги даваат на оратните волови (обично два) да ги изедат. Истата вечер (на Бадник), пред поставувањето на трпезата, на десните рогови на воловите им залепуваат по една свеќа што потоа ги палат, оставајќи ги да изгорат докрај.

Меѓу разновидните плодови и другите продукти, што се поставени на трпезата за јадење по повод собирањето на семејството на Бадник, треба да фигурира и една пресна пита во којашто има замесено пара. Пред започнувањето на јадењето домаќинот на куќата ја зема питата, ја благословува, ја раскршува на толку парчиња колку што има членови семејството, на кои придодава уште три: за Господа, за овците и за воловите. Тие парчиња се раздаваат на соодветните лица уште при кршењето, коишто веднаш потоа со напрегнато исчекување почнуваат внимателно да ги разгрнуваат за да ја најдат парата.

Лицето, во чиешто парче ќе се најде таа, ќе биде касметлија во текот на цепата година. Според други, пак, оној кој ќе ја пронајде парата, цела година ќе биде подложен на заболувања!

Ако водата, во којашто на Бадник ги варат костените, биде исипана уште истата вечер врз коренот на некое плодно дрво, тоа – според верувањето – станува неплодно и за помалку од година ќе се исуши. Таа суеверна предрасуда честопати станувала причина за појава на длабока омраза и караница дури и меѓу најкротките луѓе, а кај веќе скараните семејства многу придонесувала за распирување и јакнење на нивното непријателство, зашто сличните зли намери и постапки не секогаш остануваат целосна тајна за спротивната страна.